Од Антологијата „Промена на системот“, Магор, Скопје, 2001

/, Литература, Блесок бр. 152/Од Антологијата „Промена на системот“, Магор, Скопје, 2001

Од Антологијата „Промена на системот“, Магор, Скопје, 2001

Таман стокмив години на старост и работен стаж, па појдов во пензија со накривена капа – кога ми откажа системот.
Цел живот бев во некакви непокриени инвестиции и финансиски конструкции, и сега најпосле решив да не влегувам во нови. Пензијата ќе ми достасаше пристојно да не приумрам уште малку со старата, со повремени туристички патувања до Солун, Трст и Софија.
Децата ги бев вработил благодарение на својот боречки статус и тие веќе си беа самостојни, макар што сите живеевме под еден покрив на доградена куќа. И системот за греење ни беше заеднички, во мојот односно стариот дел од подрумот.
Во меѓувреме, токму кога поминавме од еднопартиски во повеќепартиски систем, мојот застарен систем за греење откажа, што значи дека нашиот заеднички систем за греење ни ги скрати своите досегашни услуги. А бидејќи зимата не беше само на прагот туку и в куќи, јас ги повикав моите плуралистички деца да направиме некаква коалиција против студот, па макар и непринципиелна, само да е ефикасна.
Со ова сакам да нагласам дека не ни откажал општествениот систем, ами само домашниот. Инаку, градот продолжува да се загрева со сите можни горива, полнејќи ја својата капа од воздух со сите познати чадови. Само оние што беа на струја можеа да подмижуваат, не толку од туѓите чадови колку од сопствениот слаб напон.
Децата дојдоа на договорениот состанок, но секој со свој експерт од својата партија. Бидејќи беа спротиставени еден со друг, не можев да ги седнам на обична кујнска ќошлеста маса, туку тркалезната во гостинската соба ја издолжив до јајца на око. Така се наредивме како генералнијот секретаријат на ООН, со тоа што жена ми, без ќерките и снаите – заради обезбедување на објективност, ни послужи само со по едно кафе и кисела вода.
На договорениот состанок се воспостави дека сите имаат различни ставови. Едни изнесоа дека недостатокот на системот треба да се бара во оџакот други дека пропустот му е во котелот, трети во поставката на цевките, четврти во бројот на ребрата, а последните во самиот проект. Додека сите ги предимензионираа своите проекции, односно ги зголемуваа своите видувања, јас водев скратен записник за внатрешна употреба, ладејќи го ровитиот задник на мртвиот радијатор.
Никогаш не поставувајте индивидуално греење, тоа ви е моето искуство. Кога и да е, тоа ќе падне на една индивидуа – а тоа е вашата глава. Народот дури рекол дека не треба да се прди во иста тиква, а тоа веројатно го памети од времето кога старите Словени не само што дишеле со трска в уста по мочуриштата туку и прделе низ засебни трски, од што настанале, по секоја веројатност, и различните словенски племиња, од Балтик до Малта, кои уште не можат да се соберат туку и да се видат, барем на печена тиква.
Јас, пак, со книговодствено искуство, се повлеков во кујната и го сумирав записникот, претворајќи ги предлозите во бројки и отпивајќи од ракијата за гости. Кога дојдов до апроксимативниот збир, косата ми се накостреши со секое влакно башка: тоа беше колку пет мои пензии, ама годишни, заедно со гаранцијата на Анте – дека животниот стандард ќе расте колку и неговиот конфекциски број. Ај сега живеј уште на инвестиција.
Се вратив во гостинската соба, без ракијата за гости, но со сметката в рака. Веројатно дека сум им се видел доволно блед, зашто сите ме изгледаа како да ме испраќаат во Бутел. Седнав меѓу нив и продолжив да ги слушам нивните меѓупартиски надвикувања, кој требаше да доведат до надпартиски систем. Секој, како што ќе застанеше на своето мислење, остануваше на него колку и да му паѓаше цената. Никој не отстапуваше, не само моите ќерки пред моите зетовци туку и моите синови зад моите снаи. Сите се држеа за своите ставови како овие да беа стапови, а не трски.
Што можев да сторам, освен да ги оставам младите сили да се испробаат на моите слабини, чекајќи со последниот здив да си го искажам сопствениот став?
Прво дојдоа оние што изнесоа дека недостатокот на системот е во оџакот. Го пробија покривот, изѕидаа нов оџак, потемелен и пообемен од претходниот, па го проверија со тутка запален весник и констатираа дека сега сè е в ред. Но, и покрај тоа што оџакот беше подоминантен и од највисоката кота на покривот, системот за греење не проработи.
По нив дојдоа оние што сметаа дека пропустот е во котелот. Донесоа нов котел, поголем од капацитетот и посовршен по дизајн, а стариот го фрлија на губриштето во дворот. Но, ни него некој го побара барем како старо железо, ниту пак новиот котел самиот проработи.
Не може така, рекоа оние што се сомневаа во поставката на цевките. Па почнаа од почеток да ја дупат куќата, од подот до таванот и долж сите ѕидови, поставувајќи нови цевки и исфрлувајќи ги старите како летви од тараба. Тогаш се замешаа и четвртите, оние што ги броеја ребрата. Тие ја одмеруваа кубатурата со радијаторите, па на крај заклучија дека не само што треба да се зголеми бројот на ребрата туку и да се обноват самите радијатори.
На крај дојдоа и оние што го ставија под прашање и самиот проект. Тие извршија и увид во состојбите, споредувајќи ја старата со новата ситуација, но и покрај тоа што ги притиснаа сите копчиња, системот пак не проработи.
Јас не се осмелив да ги свикам пак сите на конзилиум, зашто таа работа беше однапред осудена на неуспех. Кај можеш да собереш рогови во вреќа, освен да се простиш и од вреќата?
Вреќата, се подразбира, сум јас. Иако повеќе никој не смета на мене, па ни јас самиот, сепак уште ја паметам поговорката дека празна вреќа право не стои.
А роговите, да простите, се младите. Заслепени од својата сила, убедени дека се во право, тие се толку полни со себеси – што барем половина од енергијата си ја трошат да се кошкаат меѓу себе, место да се надополнуваат.
И откако увидов дека системот за греење конечно нема да проработи, го собрав остатокот од пензијата и појдов во стара чаршија. Таму кај тенекеџиите, им купив по едно пампурче, па на количка ги довлечкав дома. Им поделив на сите, на секое новокомпонирано семејство, по едно пампурче сосе ќунци. А самиот се прибрав кај старата и фрлив грска костени на огнот.
Ај сега да видам, си реков, како ќе ви проработи системот?
Што, се согласи старата, да не печеш костени?
Печам костени, повторив како за наглуви, ама мислам на системот.
Кој систем, каков систем? Се бунеше старата, допрва збунета. Што е тоа систем? Макар што веќе беше безнадежно подгрбавена.
Превртуваќи ги костените со маша на пампурот, и самиот се замислив па стрпливо ѝ објаснив:
Системот ти е старо, кога мажот нема да донесе дрва, синот нема да исцепи потпалка, снаата нема да го спотне огнот, ти нема да свариш манџа, а комшијата уште ќе те поттупне по рамо, разбра?
Разбрав, ама јас немам заби ни за овие костени, а не пак за тој систем.
Ти немаш, ама младите имаат. Заби за кршење.
Па фатив да се насладувам на миризбата од печените костени, не сфаќајќи дека тоа ме фаќа слаткиот моноксид на пампурот од детството.

АвторДимитар Солев
2024-01-28T12:58:53+00:00 јануари 20th, 2024|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 152|