ПРЕПОРАЧАНО ПИСМО

/, Литература, Блесок бр. 106/ПРЕПОРАЧАНО ПИСМО

ПРЕПОРАЧАНО ПИСМО

ПРЕПОРАЧАНО ПИСМО
Куферот на Еманаторот


Не е важно кој/а сум, зошто сум, од каде сум и каков/каква сум и каде сум сега. Важно е дека најдов некои хартии или документи, кој ќе ги знае што се и сметам дека се од голема важност. Хартиите ги најдов во близина на паркот во општина Гази Баба, Скопје, во еден голем жолт плик. Не се обратив до никакви медиуми, бидејќи не верувам во нив, ниту пак некој знае за ова. Морам да кажам дека не ѝ/му кажав ниту на сопругата/сопругот, иако таа/тој има проблеми со мозокот и веднаш ќе заборави, така што не можете да ме тестирате околу ова. Исто така, никакви траги од мои отпечатоци нема да најдете на хартиите. Не можете да ме пронајдете на никаков начин, купив обичен тонер за мојот печатар со скенер и фотокопир, кој е исто така обичен. Залуден е секој ваш обид да ме пронајдете. Причината заради која сакам да останам анонимен/на е многу јасна: не сакам да бидам прогласен/а за некаков манипулатор, платеник од некоја политичка партија или пак фалсификатор, бидејќи сум сигурен/на дека веста за ова ќе биде спинувана на различни начини.
Она што сакам да го појаснам е дека оригиналните документи се наоѓаат кај мене и немам никаква намера да ги предадам некому. Просто и едноставно, ќе си ги чувам кај мене како спомен, а пред да ја насетам смртта ќе ги уништам. Ако доживеам неочекувана смрт, а потоа документите бидат пронајдени, сакам да знаете дека ако сакав немаше да ви доставам копии од документите, така што јас сум газдата овде.

Во прилог добивате копии од документите. Копиите се целосно веродостојни на оригиналот, без никакви измени, освен некои чкртаници. Имам деца, веројатно знаете како е, се учат да пишуваат, а јас сум ги заборавил на масата во дневната.

– Ах, прекрасно – рече човекот, го стави својот еманат во една фиока и излезе.
Надвор беше ноќ. Ноќта го пречека како свое дете прваче кое штотуку се вратило од првиот школски час и го опсипа со ѕвезди за добредојде. Човекот, со силна топлина во градите и чуден ритам зад ушите, како некој пулс, се движеше низ улиците и стигна во паркот. Седна на тревата и се потпре на месечината. Размислуваше за сите навреди во својот живот. За таа што му вдахнува небули во стих. Потоа се врати дома и еманираше. Пред да заспие слушна една песна, еден далечен топол глас. Заспа. Ноќта помина, надвор се раздени. Сонцето имаше заборавено каде живее овој човек. Го бараше. Го најде и реши да го бакне. Едно силно “баaaaaц” одекна во неговата соба. Човекот се разбуди и почна да се смее. Цел ден беше весел. Вечерта, враќајќи се од работа, виде дека општината дошла покрај реката, до маслинките. Општината потклекна и со страничниот дел на својот покрив почна да ги сече маслинките. Една по една, сите ги исече. Човекот се натажи и си замина дома. Еманираше. Легна на креветот, се напокри и сакаше да спие. Не можеше. Беше ноќе кога стана од креветот. Се облече и од сите тајно излезе од дома и замина в шума. Беше полноќ кога стаса кај боровите. Се поздрави со нив како со добри другари и се фрли во високите треви. Таму си спомнуваше за неа. Напати посакуваше да ја грабне како змев. Ја заклучи во свеста, како во полноќна црква, та затоа само таа му идеше на сон. Само таа можеше да каже колку тој беше тих и нежен.

Еден ден, 7 декември 1993 година, човекот седеше дома и си спомнуваше за неговите сакани места. Во час необичен му се јави еден шум:
– Почини немирна душо, не блуди в приквечер бледна, во есенска.
– Пушти ме, враже, јас треба сега за јат, јери и јер да зборам. – одврати тој.
Човекот го одбиваш повикот на шумот, но за кратко. Време беше.
Сите свои еманати ги собра во еден стар кожен куфер. Куферот го остави на масата во дневната соба од својата куќа. Отиде во спалната соба, го изваде костумот од плакарот и го облече. Ги зеде очилата, ги исчисти и ги стави. Ги облече чевлите и излезе низ вратата. Застана пред куќата. Ја погледна, премина со рака по грапавата кожа на ѕидот и рече:
– Збогум, умирај пополека.

Тргна по патот. Чудна беше таа леснотија со која се движеше. Патот беше каллив, надвор беше студено. Бисерен шепот мрзнеше на гранките од дрвјата. Зимата растеше под земи, со скришна мисла. Над него прелета жерав скршен од ветрот.

Одеше долго. Патот беше прав. Не го следеше ничие око. Стаса на Славеј Планина. Се искачи на врвот. Тогаш дојде една старица и му рече:
– Кој си ти?
– Блаже Конески – рече човекот.
– Чекај да проверам – рече старицата и отвори еден дебел црн тефтер.
– К-к-к-к-к. Конески, Блаже. Ете си. 19 декември 1921 година, така?
– Да – рече човекот.
Старицата виде дека под неговото име стојат уште две имиња, Конев Благој и Коневиќ Благој.
– Зошто си уште двемина?
– Не двемина, туку двајца. Јас сум еден. Долга приказна, мајче.
– Добро – рече старицата. Оди таму, на рамнината.
Старицата го скина листот од тефтерот, појде до човекот и му рече:
– Мртов си тука, синко, сенка без спомен. Сега си име во прашен том и пожолтен лист в библиотека – и седна на клупата пред блиските урнати гробишта кои немаа крстови, само влажни камари. Старицата го гледаше човекот кој стоеше на рамнината.
Човекот можеше да го види целиот свет. Караорман, Струга, Охрид, Дојран, Штип, Скопје, Куманово, Калемегдан и Париз. Погледна во својата куќа. Непознат човек излезе од неа со куферот во раката. На секој што ќе го сретнеше, ќе му дадеше по нешто од куферот и ќе му речеше:
– Eве уште нешто, ова е последно.

Луѓето беа среќни, му дигаа рака на човекот од рамнината, му се насмевнуваа и го поздравуваа. Секој му дигаше рака. Човекот се насмевна и им свика:
– Пејте ја песната Стојанова и таа проста и строга македонска песна!
Дигна рака и се претвори во ружа јазачица, со лисје како меки усни.
Старицата беше задремала на клупата кога ружата промрморе:
– Кај се дните кога песна ме криеше толку пати? Тие нема да вратат, но песната ќе се врати.
На врвот на планината доаѓаа уште многу луѓе. Неколку дена подоцна дојдоа маж и жена. Старицата ги праша:
– Кои сте вие двајца?

АвторМарио Стојаноски
2018-12-19T12:13:10+00:00 март 30th, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 106|