Телефонска секретарка

/, Блесок бр. 48/Телефонска секретарка

Телефонска секретарка

Телефонска секретарка
Дневната соба
Кредо
Вртење
Кутија клучеви
Природна историја на вооружениот конфликт
Локомотивата
Човек вреди само колку…

Верувам во мигот кога сите работи
се на свое место и сите минати
и идни нешта некако ги снемува.
Верувам, најчесто, во зборови
(ко во дијаманти) но ги пробувам
гризејќи ги со заби ако веќе купувам.

Верувам во вистината,
колку и да е збор што има
речиси бескрај синоними
(иако ретко на некој од нив ми текнува
а кога ќе ми текне, обично помислувам
веројатно само јас нешто измислувам).

На малку повесела тема
верувам дека можеби сум опасен
(за себе исто колку и за другите),
склон каков што сум кон самодоверба –
а ова и покрај доказите што постојат –
иако сам со себе знам да правам компромис.

Верувам во склопување договори,
во странски влијанија, во нови идеи,
во правото да се премислиш – особено моето.
Верувам во љубов и секс
и деца, ако тие веруваат
во мене. Но ова може да е пуста надеж.

Вистини и права? Па, овие неколку
се чинат очигледни, како што велат:
животот и различните потраги.
Познати и под името загуба.
Ова, верувам, е конечната вистина:
слободата да си дозволиш да губиш.

Во тркалезноста на планетата
(од практични причини), во животот и уметноста
како електромагнетни бранови врз површината.
Од нешто непознато. Во ова верувам.
И во оваа планета во моето отсуство,
и покрај примамливата филозофија на Беркли.

Токму затоа, во иднината, иако англискиот
сè уште не еволуирал глаголско време за неа
небаре се сомнева во нејзиното постоење.
Па изгледа дека верувам
и покрај веројатноста, и покрај зборовите.
Но верувам. Сведок си на моето верување.

Верувам во работи поинакви,
работи надворешни, во историја,
но и во нејзината спротивност:
Време немерливо со настани,
каде што часовниците се наивна уметност
ко шишиња за млеко под месечина заспани.

Верувам во еден вид Зен што вели
придуши го светлото да ги видиш ѕвездите,
и во малата кукла, зеницата, на окото.
Понекогаш, дури и во рима. Го сакам бавниот
речиси претпазлив пад на зборот кон ехото
но сакам и полу-рими, изненадување –

Па сепак да имав некакво предупредување
можеби ќе ми беше полесно кога си замина
минатата недела. Макар што, можеби и не.
Ако животот е штафета, а не трка,
зар тоа некако не помага да си објасниш
зошто напредокот често се чини како загуба?

Секогаш се навраќам на загубата. Сепак
верувам дека ракувањето е најдобриот
и најпозитивен симбол на човештвото
(иако го ценам и бакнежот
и, во поново време, бранувањето на публиката;
супербранови, а не причинско-последични синџири).

Накусо (а имам ли друг избор?)
верувам единствената вистинита молитва
е список, не од барања туку од верувања;
а овој феномен да се именува
е само уште еден начин на дишење
и потсетник како се живее и се заминува.*

* Последниот стих од оригиналот завршува со непреводлива игра на звуци од глаголот „верува“ (believe – how to be and how to leave).

АвторПат Боран
2018-08-21T17:21:25+00:00 јуни 4th, 2006|Categories: Поезија, Блесок бр. 48|