Поезија – Иво Рафаилов

/, Литература, Блесок бр. 130 - 132/Поезија – Иво Рафаилов

Поезија – Иво Рафаилов

Бесмртна елегија
Кратко повлекување од одговорност
Портрет на Кјубрик. Мачката и саканата
Неколку укажувања кон првата љубов
Кораб со робови според В. Тарнер
Уште еднаш Катул. Нов превод
Моби Дик
Елегија за твојот роденден


Портрет на Кјубрик. Мачката и саканата

Пред неколку години беше закачен во собата –
Кјубрик на снимателската платформа
пред шаховска табла –
замислен, разбушавен
– како да можело да е поинаку,
кога некој ќе реши да се слика
пред шаховска табла.

Мачката скокаше врз него,
од сите фотографии ја избираше таа.

Веројатно чувствуваше дека потегот пред кој застанал
потегот со чија замисла ќе го запомнам,
никогаш не бил направен.

Го тргаше Кјубрик од шајката,
го опколуваше воинствено, душкаше.
На крај, зад грбот, кога еднаш
вриев вода за кафето,
го распарчи на коцки,
а нив ги претвори во космичка прашинка.

Настана мир.
Празна дамка на ѕидот.
Меѓу Кјубрик зад камерата и
Пикасо со прилепена на прозорецот дланка.

Сега еден симпатичен од Хелсинки,
гледајќи го портретот на мојата сакана,
заговара за божицата мајка среде ѕвезден дождец –
го потсетило на сцена од филм на Стенли
завршната сцена со ембрионот –
и зборува за неземните чувства,
трепкајќи во него.

Понекогаш истиот портрет е знак на тага,
тага по заминатото и пропуштеното,
тага која може да се припише
и на секоја партија шах,
се насмевнувам,
но внимателно и без радост.

Една друга мачка ми спие во скутот
и на стомакот ѝ се обликуваат ушиња,
мали опашки, владетели на пространствата,
коментатори на незавршени партии.

АвторИво Рафаилов
ПреводСузана В. Спасовска
2020-08-14T21:16:11+00:00 август 5th, 2020|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 130 - 132|