Парчиња

Парчиња

Беше тоа ден кога сонцето и дождот водеа љубов
Камен и ветер
Создавање на водата: Првите звуци
Создавање на водата: Нашето време
Создавање на водата: Зол ден
Јас и Tom Waits
Парчиња
Пивото одекнува низ спомените
Сам
Од сино кон црно

ги загубивме прашалниците
во нашите прашања
го остававме стравот да лунѕа
наоколу
но не можеше да нè допре
хахаха!
па се смеевме како летен дожд
со молњите во градите
и сè беше одговор

планетата нè остави да имаме свое време
и го цицавме со полни усти
како да бегавме од пустина

годините надоаѓаа
како растреперени деца
како плима од светлина и златен прав
како долги
сини
прсти
и водата постојано нè галеше

чекавме да се родиме

разбушавеноста на мојата соба
доби димензии на сино
и ѕидовите беа меки мембрани
што само утрото го пропуштаат

кога ја немаше
ја сретнував во отчукувањето на камбаните
и во шумот на водата што ми го миеше лицето
слушав како се смее

ги купивме сите календари во градот
за да се снајдеме во вашето време
но нашата вода отчукуваше инаку
па јас ја делев мудроста
со неверници
само за да узнаам – нашиот говор е немушт
за туѓи уши

ја читавме нашата иднина
на кориците од стари книги
и го паметевме нашето минато
до последната капка

разговаравме со здив
за некој да не открие
каква магија нè носи
и таа стана планина
под моите усни

2018-08-21T17:22:12+00:00 јануари 1st, 1999|Categories: Поезија, Блесок бр. 06|