Молитва

Молитва

На овој мал и студен век
Еден човек
Звукот на душата
Пишување песна
Кон македонскиот творец
Послание до сараевскиот летописец Изет Сарајлиќ
Молитва

Изете, брате,
Камо те? Како си? Кај си?
Успеваш ли да се подзасолниш
Во таа лута босненска луња, што би се рекло: без гуња!
Не си заборавен ниеден миг, а освен топол збор
Што ли да изнајдам за да ти пратам –
А знам, од зборови до нос ти дошло,
Ги презираш ли веќе поетите-миротворци
што ги гоштевавме во Струга,
Пукаат сега тие со челични не-зборови,
Го дупчат денот со тешка артилерија…
Ти сета своја зборовна муниција збери ја
и закопај ја во бунарот на времево што нè подлажа
и што нè измами со зборови да го позлатиме.
Знам дека чуваш надеж во времиња поразумни, ама…
Што ли ти остана од верата во луѓето,
Каде се верокрепителите, вероносците, верозналците!
Колку ти зборови изарчи само
За да го внесеш животот проклет во малку вера?
Попусто, попусто, попусто брате –
Изопачен е светов, излошен, избор се нема…
Изете, изохипсо на човештината,
Изорај, дај, уште еднаш патека накај добрината,
Врзи го очајот свој во јазли од здрави зборови,
Па тој што ќе ги разврзе – тој да зачовечи.
Издржи Изете, друго чаре се нема,
Издржи колку до изгрејсонцето над Босна.

АвторГане Тодоровски
2018-08-21T17:21:56+00:00 април 1st, 2001|Categories: Поезија, Блесок бр. 20|