Како те љубев

/, Блесок бр. 39/Како те љубев

Како те љубев

Како те љубам
Каде се наоѓаме
Како разговараме
Каде припаѓаме
Кои се нашите заблуди
Од што се плашиме
Зошто ти се лутам

(од книгата „Житие на нашата љубов“)

1.
Со благост те љубам
тогаш кога правиш сè
за да ми се одмилиш.
И пак нашата шарада
од глума, молк, празни зборови,
недокажани мисли, мимика,
и фатализам
впловува во своето
единствено можно пристаниште.
Со горчина те љубам,
тогаш кога ми се отвораш,
гол и ранлив,
срцето ти го стегам во дланкава.
И пак прелетуваме над сите
стијни предели
на нашиот единствен можен дом.
Со страст те љубам,
тогаш кога раката ми мрзне
од твојот студ.
Ти само така изгледаш
недостапен за мојата
променлива љубов
додека со крупни голтки
ја тркалаш во грлото.

2.
Те љубам исто,
како застоена вода
времето, далечината,
не ја поместува
мојата љубов.
Твојот глас, пренесен од илузијата
на модерната техника
со еден збор ги прескокнува
лесно препреките што чинам
вештачки се таму.
Не ме плашат времето,
далечината,
новите жени,
јас пак те љубам исто.
И пак тоа е различна љубов,
таа жива е, старее и зрее,
те бара и те ослободува
те очекува да ја побараш
еден ден кога ќе сфатиш
дека таа е твојот дом.

2018-08-21T17:21:35+00:00 декември 1st, 2004|Categories: Поезија, Блесок бр. 39|