Жељана Вуканац – Песни

/, Литература, Блесок бр. 126 - 127/Жељана Вуканац – Песни

Жељана Вуканац – Песни

Растење
Минливост
Песна за себе
Животот на змејот во црешовиот цвет
Создавање
Заминувања
Состанари
Есенско попладне


Песна за себе

јас сум осамено фламинго во зоолошка
на една нога го забивам
клунот во крилјата
ако не изедам доволно другост
перјето никогаш нема да ми зацрвенат
ќе бледнеам во сенката на белградската зима
никогаш доволно розово

јас сум орлиште во бунар
клопотарам кон небото и се нурнувам
обидувајќи се летот да не се натопи со мрак
го влечам потоа со себе
му цртам штрафта на денот

милица вели дека во мене живее делфин
ама му ги врзувам перките и клунот со пластични кеси

шушкам над крошната на далноводот
јас сум многурака хинду божица на психотерапија
во своите раце држам бокали вода
да го нанишанам лицето на колонизацијата и да го измијам од крв
им се грлатам на луѓето на уво со пелинковец во крајниците
и истресувам златни дукати да ги цицаат првородените

јас сум двоножен мунгос ѕиркач
на филиграните притеснетост
го истурам виното по исштирканите славски чаршафи
го крлам зеленото око на заспаниот панда-сан
и лежејќи јадам пченица со голема супена лажица

 

*
сакам да умрам како сократ
зашто ја расипав младината
а на шалтерот го немав потребниот документ за со него да ги избришам
отстапувањата од планот и програмата
ја облекувам медеја во синтетика и светки
а златното руно го варам на огнот од нејзините гревови
ви простувам вам, трагични јунаци,
бакнувајте, погребувајте кого сакате и себе со нив
чувајте стада наместо животот на татковците и сладот на инцестот
пуштете ги златноруните овни да пасат божествена коса
не можам да ги носам вашите метаморфози на кожата

*
Те сакам, Јозефе К.,
те молам, не оди во каменоломот денес,
ручекот е на шпоретот.

АвторЖељана Вуканац
ПреводЃоко Здравески
ПреводМилан Дамјаноски
2019-08-06T13:00:27+00:00 јули 31st, 2019|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 126 - 127|