Градот е празен

/, Блесок бр. 100/Градот е празен

Градот е празен

Градот е празен

(на Игор Исаковски)
Оставаш здробени колена
врз молк и земја ничкосани
мораше да стапнеш „длабоко во дупката”
ти баш…

оставаш талкања во неверица
очи непрепознатливи од плач
и стихови кои сè уште лебдат над градот
заедно со славејот, таа злокобна птица
залутана среде зима под твојот прозорец…

градот е испразнет:
од ветрот во една немирна коса
од трагите на точакот со кој јуреше
од еден секогаш претежок ранец
од една громогласна смеа меѓу пар слушалки на уши

празна е и ноќта
твојата верна, твојата љубов и душманка
единствената која можеше да ти парира до мугрите
стивнаа и птиците кои ги земаше од гранките
за да ги заспиеш меѓу твоите стихови

празни се душите
ослободени од емоции, бледи и распаметени
додека ти гланцаш некој широк прекрасен шанк
и се нервираш со нераспишани пенкала
спремен да пичкараш ама и освојуваш со убавина сè околу себе
на овој, на оној и на сите останати можни светови

ќе ги видиш
ќе ги видиш

твојата суштина распрсната
во блесок низ вселената

10 014

2018-08-21T17:20:41+00:00 септември 9th, 2015|Categories: Поезија, Блесок бр. 100|