Вториот источен грев

/, Блесок бр. 09/Вториот источен грев

Вториот источен грев

Вториот источен грев
Парадигмата на Рубљов По филмот на А.Тарковски
Автопортрет
Залудноста на Вергилиј
Мотивот на Шехерезада
Социјалистички реализам

Не само што не сакал
да го забавува семоќниот владетел
според примерот на ориенталната убавица
која си го откупила животот
кажувајќи му 1001 ноќ убави приказни на калифот,

туку – гледај сега –
Осип Мандељштам, несмотрено,
напишал песна за Сталин
велејќи дека „насекаде од казните тој прави празник“.
На Борис Пастернак, пак, неправедно му книжат вина
зашто, одговарајќи му на циничниот Хазјаин по телефон,
на пресудното прашање
за степенот на талентираноста на поетов паднал во немилост,
му рекол дека тука не станува збор за дарбата
туку за прашањето на животот и смртта.

Познато е дека Александар Македонски
уништувајќи ја непокорната Теба,
освен храмовите, ја оставил нечепната
уште само куќата на прочуениот епик Пиндар.
Но, каква е таа душа, ве молам,
за која куќата на еден поет е поважна
дури и од штотуку започнатите животи?!
И каков е тој ум, живи бога,
што претпочита една мајсторија
пред правото за постоење под небово?!

Можеби е прав Хегел кога вели
дека улогата на уметноста, по највисоката дефиниција,
завршува со Вајмарската Република.
И можеби токму поради тоа
нејзиниот многукратен министер – Гете
силно повлече нога
па, ете, си почесто се случува
писатели да стануваат претседатели
на држави и влади.

Но развојот на човештвото
дури допрва ќе треба да докаже
дека никој и никаде,
оти никаде никој
не ќе мора да пишува песни
за спас на својата глава.

АвторПетар Т. Бошковски
2018-08-21T17:22:08+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Поезија, Блесок бр. 09|