Плоштадот на Космонаутите • Генерација Ю

/, Литература, Блесок бр. 74/Плоштадот на Космонаутите • Генерација Ю

Плоштадот на Космонаутите • Генерација Ю

(одломка)

Марош1F ја бакна жената што спиеше и тивко излезе од спалната. В раце ги носеше фармерките и маичката со слика на кугличните лежишта, симболот на не толку дамнешното време, кога работеше во фабриката. Се викаше Ачко. Лежиштата нежно се умилкуваа една до друга и се обидуваа да ја убедат јавноста дека го претставуваат она што се произведува во Ачко. Сликата веќе беше избледнела од честото перење исто како и нејзиниот сопственик од раното станување, а јавноста пак исто така одамна знаеше дека затворената фирма за лежишта беше, всушност, фабрика за оружје.
Марош се облекуваше со вообичаени движења. Четириесет и пет годишното тело го совладуваше напорот без излишното чкрипење, иако токму раменото сè почесто го потсетуваше на бодликавата болест, но тоа веќе претставуваше секојдневно чувство. Помалку несигурно влезе во гаражата и го извади велосипедот од татко му.
До неодамна сите се потсмеваа на неговата масивна рамка и на големите тркала. Седиштето беше растегнато со два федери што беа способни да растресат и цел вагон. На рамката светеше натписот на кирилица – ЗИФ. Денес веќе советскиот раздвижувач се премести во категоријата на ветерани, а кај некои паметници почнуваше да буди и сонувачка почит. Марош Кујан не сакаше да слушне ниту збор за својот темно-син ЗИФ.
Го притисна надвор од оградата на домот што спиеше и по стрмниот брег помина низ гробиштата. Покрај камењата од Лоурдската пештера, која во напластените карпи ги сокриваше гипсената Дева Марија и исушените цвеќиња, површно се прекрсти. При малечката купола што се распаѓаше седна на крцкавото седиште и долу по Крстосувачкиот пат одлучи да се превезе.
Низ градот што се разбудуваше прелета одлучно, затоа и го разгази барем до половина асфалтот под вијадуктот што водеше од градот кон стрмниот рид. Точно до таблата ВЕЉКЕ РОЈЕ, меѓникот на неговата кондиција.
Заседна и задишано го запедали велосипедот сè до крајот на ридот. Ја мина металната капија со излеан натпис Д + Р + Е + В + О + Ч + А + С, чии букви беа разделени со црвени ѕвездички, денеска веќе ΄рѓосани. Претпријатието уште минатиот месец сметаше на него, но масичките за конференции од блед орев кои вечно изгледаа како прокапани со вода или пак мини-шанковите со поместени вратички беа толку гнасни што веќе не ги преземаше ниту белорускиот партнер. Марош спаѓаше во групата на првите испуштени работници.
На врвот од ридот сврти накај прашливото патче и го остави велосипедот во грмушките. Од кожната торбичка зад седиштето извади огледалце, четка и шишенце со вештачка крв која ја произведуваше од кечап, глицерин и прехранбени бои.
Најпрво ги соблече пантолоните и облече некои стари со дупка на коленото. Потоа вешто се намаскира. Во огледалцето му се покажа маж со истегнати трепки и крвав лик. Марош беше задоволен. Седна расчекорено на велосипедот и исчекуваше на крајот од прашливото патче.
Асфалтираната улица беше од двете страни порабена со диви џбунови, излезот од полето беше речиси невидлив. Добро скриен во лисјето го следеше прометот на државниот пат. Две ΄рѓосани Шкоди МБ, натоварена Авиа со цемент, бесконечно бавен трактор.
Срцето му биеше возбудено. Пушти уште неколку автомобили сè додека јадежот во грбот не му напомена дека е дојдено времето. Земаше исклучиво само луксузни марки. Успеваше да ги распознае според звукот.
Чешки Хундаи и жена зад воланот. Се одлучи во делот од секундата. Се подигна одеднаш на нозе и потрча со велосипедот до кривината токму во мигот кога во неа влезе црвениот автомобил. Хундаито почна кемкаво да кочи и Марош отсечно сврти со велосипедот накај грмушките. Автомобилот не го ни допре. До премачканата крв се појавија уште и неколку вистински гребнатинки.
Лежеше под превртениот велосипед и чекаше. Автомобилот застана. За момент не се случуваше ништо. Ауспухот баботеше.
Нека не избега како таа вчера, – се молеше во себе.
Автомобилот почна да се враќа во лер. На Марош му олесни и затоа воздивна.
Вратата се отвори и од внатре излезе типка во црвени салонки.
Одговара со каросеријата – си помисли Марош и залелека, – помош!
Во ред сте?2F – извика младата жена.
Тркалото на ЗИФ-от, добро премачкано со масло, се вртеше ефективно.
Викајте… полиција! – се издишуваше Марош и со тешкотии се подигнуваше.
На лицето од возачката се појави запрепастеност.
Боже, имам нова возачка дозвола! Не ви е ништо? – прашуваше скрупулозно.
Ме боде во главата, – рече Марош, – и коленото ми е свиткано.
Направи неколку чекори и со болежлива гримаса се потпре врз неоштетената кола. – Возевте многу брзо, госпоѓице. Ќе ви ја земат возачката. Ви вредеше ли тоа? Можевте да ме убиете!
Веќе бледата жена пребледи уште повеќе.
Марош садистички додаде, – Имам жена и деца, но Вас Ви е тоа сеедно, штом пичите со сто и десет!
Ќе го преврземе тоа… – се затресе возачката и ја извади неизвалканата кутија за прва помош.
Со рацете што ѝ се тресеа го отвораше шишенцето со растворот.
Марош вулгарно ѝ ја зграпчи пластичната кутија и бегло си го преврза коленото. – Докторот ќе ми рече да мирувам една недела дома. Ќе го изгубам местото!
Јас би Ви дала боледување – забуричка жената во чантата.
На тоа чекаше. Тоа беше момент вреден за музицирање со оргули при кој сите регистри се извадени во полн обем, а за грмењето на пиштолите од облачето наместо Божјиот Син и Светиот Дух се насмевнуваат ликовите од банкнотите: Хлинка со Штефаник. А потписот на гувернерот на државната банка по краевите црта филигрански орнамент.
Марош ги склопи очите пред блаженството.

#b
1. Ју (Ю, ю) е буква од кирилската азбука што авторот ја искористил за да го симболизира англискиот хомоним „you” што претставува референца за словачката генерација, која е израсната во периодот на советската окупација и која неспорно му се восхитува на животниот стил на Западот.
2. На чешки јазик – Jste v pořádku?. И следните зборови на возачката се, исто така, на чешки јазик (заб. на преведувачот).

АвторВилијам Климачек
2018-08-21T17:21:00+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 74|