Оригинална нијанса на перцепирањето на реалноста

/, Литература, Блесок бр. 48/Оригинална нијанса на перцепирањето на реалноста

Оригинална нијанса на перцепирањето на реалноста

„Ова е таа, твојата“ од Магдалена Хорват, Македонска реч, 2006 г.

#1 Исчитувањето на дебитанската стихозбирка на Магдалена Хорват кај мене го поттикна размислувањето за блискоста или различноста на нејзината поетика со лирските концепции на помладата генерација македонски автори. Таквата контекстуализација и споредување сметам дека се солидни методи за откривање на диференцијалните црти на творештвото на еден автор.
Досегашните, иако малубројни, книжевно-критички истражувања, кои се осврнуваат на стожерните поетички преокупации на новата генерација македонски поети, покажуваат дека, и покрај нивната разнородност, кај нив постојат слични креативни тенденции, кои често се подведуваат под терминот постмодернизам. Силно изразената интертекстуалност, наметливата десакрализација и иронија, сопствената митологија која бара алтернативни метафизички решенија, урбанизираниот поетски космос и лексиката која кореспондира со современите животни и научни текови се книжевните постапки кои укажуваат на нивниот заеднички сензибилитет и автентичност. Иако некои од овие постапки се насетуваат и во поезијата на Хорват, со внимателна анализа може да се увиди дека таа не се приклонува целосно кон овие општи определници, туку следејќи го сопственото книжевно искуство, таа создава специфичен лирски израз.
Тоа што во одредена мера ја разликува од споменатава генерација и што може да се забележи и при површно читање на оваа стихозбирка е впечатливата музикалност на стиховите. Нејзините врсници вообичаено го пренебрегнуваат тој аспект на поезијата, афирмирајќи го наративниот дискурс. Стилската доминанта во поезијата на Хорват се токму фономорфолошките фигури, кои не се случајни факти или необмислени гласовни игри, туку претставуваат смисловни постапки кои го потенцираат нејзиниот естетски квалитет.
Јазичните експериментирања што доведуваат до создавање интересни параномастични склопови и внатрешни рими се јасен показател дека оваа поетеса влегува во македонската книжевна сцена со продлабочен однос кон можностите што и ги нуди сопствениот јазик. Во песната насловена „Проблемот“, дури и самите фонеми, односно графеми, добиваат рамноправен статус со јазичните знаци. И уште повеќе, во нив се бара визуелна мотивираност при што тие се изедначуваат со пиктограмите: Проблемот беше во твоето Ш. Тоа / Ш што никогаш не ми ја чешлаше косата, туку си / стоеше исправено меѓу нас двајцата како штици / од ограда.
Заводливоста на песните на Магдалена Хорват не е само на фономорфолошко рамниште, туку и на содржинско. Нивната тематско-мотивска преокупација, која исто така во многу нешта се разликува од лирските светови на нејзините генерациски современици, главно се движи во реалните животни координати. Во нив се одразуваат секојдневните искуства, ослободени од тешкиот товар на темните метафизички промислувања. Но тоа е стварност не сфатена како тоталитет, туку како фрагментарни исечоци во кои најчесто доминира лирскиот субјект. Комуникативноста на овие песни – или, како што вели поетесата во својата прва песна насловена „Ова е таа, твојата“, која истовремено може да се сфати и како автореференцијална, песна што нема намера ни претензии / да ти создава дополнителни тензии – овозможува лесен пробив до нивните семантички јадра, воспоставувајќи директен контакт со читателот.
Притоа, би требало да се истакне дека референцијалноста, како поетичка определба на оваа поетеса, не се сведува само на едноставни прибележувања на настаните и појавите од реалното опкружување. Нивното специфично интерпретирање и прекршување во лирскиот субјект, суптилниот емотивен однос кон нив, како и изненадувачкото поентирање, не дозволуваат оваа поезија да биде само површно фотографирање на секојдневието. Напротив, тие му даваат една продлабочена и оригинална нијанса на перцепирањето на реалноста. Песната „Штедење“, на пример, почнувајќи од секојдневен, речиси банален настан, продолжува да развива една идеја која продира во подлабоките димензии на лирскиот субјект, што на крајот се заокружува со една интересно изведена споредба меѓу него и банкнотата: Денес ја платив третата рата / со илјадарка свиткана како кошула. / Тој ми рече: Чешити си. // Реков, Само така можам да штедам. / Ако превиткам, завиткам нешто, / за да го заштитам од себеси. // И пак лепенки, / и пак фластери… // Од толку завои / станав мумија. Понекогаш тие обични и ефемерни случувања, предмети и реквизити од урбаниот животен контекст се само изговор за почнување на комуникацијата со себеси и другиот, која, распрсната на фрагменти, не остава можност за меѓусебно разбирање.
Намерното инфантилизирање, односно наивизирање, на лирскиот говор е уште една карактеристика на оваа стихозбирка, појава што не е така ретка и во творештвото на поновата генерација македонски поети. Нарушувањето на причинско-последичниот редослед, симплифицираното восприемање и општење, како и наивната испревртена перспектива, може да се протолкуваат како обид да се отфрлат воспоставените шеми според кои логиката го детерминира рационалното мислење. Како пример би ја посочила песната „Ѕвезда“, каде што ефектот на очудување се постигнува токму преку детското поимање и доживување на материјалната стварност: Се викам дете и луѓето / се препознаваат во мене на улица. / Сакам да го допрам небото. // Како што растам, ако / продолжам со ова темпо, ќе бидам / висока како топола // на 30 години. На 40, / можеби ќе ја надраснам и зелената / кула зад паркот. На 50, // ако не ме згази кола, / може ќе сум гооолема како планина. / Понекогаш си мислам, // Кој ќе чека до 100 / за да симнам ѕвезда. Слично наивно редефинирање на стварноста може да се забележи и во песните „Светилка“, „Ѓеврекот“, и „Што прават другите кога врне“. Всушност, зад таа тн. несериозна игра со перспективите се крие мудрост произлезена токму од искуството, животно и книжевно.
Што се однесува, пак, до книжевното искуство, оваа авторка покажува свесност дека нејзиниот лирски исказ неминовно се надоврзува на некој друг, односно дека тој е извесна реплика на претходен книжевен текст. Имплицитните и експлицитните интертекстуални односи што нејзините лирски исечоци ги воспоставуваат со дел од книжевното наследство се јасен показател на ова тврдење.
Од сето ова следува дека иако оваа книга е прва поетска објава на Магдалена Хорват, во неа се очитуваат доследни и обмислени поетички определби. Нејзиниот креативен капацитет и книжевна наобразба и овозможуваат самоуверено да ја разгазува патеката која понатаму ќе ја води до книжевниот успех. Се надевам дека критиката нема да остане имуна на нејзиното творештво.

2018-08-21T17:21:25+00:00 јуни 4th, 2006|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 48|