Не ја гасни ламбата

/, Литература, Блесок бр. 20/Не ја гасни ламбата

Не ја гасни ламбата

Селото Чифлик за време на Османлиите беше еден од поголемите чифлици на Зулфикар Бег. Бидејќи околината беше богата со пасишта, Чифлик беше особено погодно место за одгледување на крупен добиток. Меѓутоа, со војните, со аграрните реформи и со разни национализации Зулфикар Бег го изгуби чифликот и со време сопственици на чифликот станаа чифчиите што долги години работеле за бегот. Како нови газди на распарчениот чифлик убаво си живееја и одгледуваа стока на парцелите што се наоѓаа на висорамнините. А не беше мал ни бројот на селаните што се занимаваа со пчеларство. Поради костените што беа засадени уште кога чифликот беше на Зулфикар Бег, медот имаше некаква темна боја, а тоа во градот многумина го бараа, мислејќи дека е најдобар. Неколку новодојдени селани, пак, што немаа дел од чифликот, печеа вар. Беше тоа мачна работа. Но мораше од нешто да се живее. Рака на срце, сите некако добро живееја. Некои дури си ги обновија куќите, а неколкумина изградија нови живеалишта. Добро им беше.
Меѓутоа, еден ден, како што велеше куциот Омер од Горно Маало, „над селото се појави црн облак, а во селото влезе чума“. Селаните почнаа да се селат. Ова не беше селидба од село во град или во некое село со побогата земја за обработување туку селидба во далечна Анадолија. Се се сврти наопаку. Сите размислувања за иднината, сите сонувања ги распарчи „северен ветер“, ги голтна оној „црниот облак“ на куциот Омер. Едно од ретките села во кое живееја само Турци, почна да се растура. Секоја недела по една, а понекогаш богами и по три до четири фамилии се иселуваа од селото. Куќите остануваа празни. По извесно време, бидејќи немаше деца и школото се затвори. Учителот се врати во своето родно место. А и бројот на оние што навраќаа во џамијата од ден на ден беше се помал. Имаше денови кога имамот на џамијата немаше со кого да клања. Селото ја изгуби радоста, сета своја убавина, стана пустелија.
Селењето одеше како распетлување на котелците од чорап. А и немаше доселување во селото. Бидејќи беше планинско село, не беше многу примамливо и никој не сакаше да биде сопственик на имот во некогашниот чифлик на Зулфикар Бег. Немајќи кому да им го продаваат имотот селаните беа принудени да оставаат се што е недвижно, а добитокот попусто го продаваа на пазарните денови во градот. Многу им беше тешко да ги оставаат туку-така своите огништа. Меѓутоа, не можеа ништо друго да направат. Дури и оние од порамничарските села ги оставаа своите куќи и ниви, а камоли тие во планината. Веруваа во судбината и мислеа дека никој не може да ја избегне. А и оние од долните села што успеаја да продадат нешто од имотот, парите не можеа да ги однесат во Анадолија. Законите на државата дозволуваа да си ги однесат само движните работи и сосема малку пари колку за да можат во новиот крај да преживеат неколку дена.
Никој немаше сила да го запре отпочнатото иселување. А многумина не сакаа тоа да го чинат. Велеа дека е добро што луѓето си одат во својата матична земја. Дека е тоа хумано, дека со селењето им се дозволува спојување на фамилиите и блиските.
„А со кого јас ќе се спојам кога таму немам никого?“ велеше селскиот говедар Ахмет, кој немаше дури пари за да ги плаќа трошоците околу добивање на отпуст од државјанство.
„Со нас, со соседите!“ ќе му речеше на шега некој од соселаните.
И Хашим Ага беше подготвен за далечен пат. И тој, како многуте свои соселани, утре рано, во мугрите, ќе го напушта своето родно дедово огниште и како и другите ќе се упати кон Орхангази. А потоа, божја милост.
Хасан Хоџа, Црниот Мустафа и Долгиот Сулејман беа дојдени да се простат со Хашим Ага и да му посакаат добар пат и многу среќа. Како да им беа завршени сите муабети и како да немаа зошто да разговараат, со скрстени нозе седеа на шилтињата и молчеа. Воздухот во собата беше тежок како олово. Одвреме-навреме ќе се слушнеше џагорот на децата од горната соба кои се подготвуваа да ја преспијат последната ноќ во куќата на дедото Хашим.
По долгиот молк стана Хасан Хоџа и се збогува со Хашим Ага. Притоа, како за себе нечујно изговори стихови од Коранот. По него стана и Црниот Мустафа и онака од срце го гушна својот соселанец не можејќи да најде зборови со кои би му посакал добар пат. Очите му беа полни со горчливи солзи. Долгиот Сулејман остана уште малку. Тој му беше прв комшија на Хашим Ага. Пред да изгрее сонцето тој, со својата кола, ќе ја одвезеше фамилијата на својот другар од детството до железничката станица во градот. И само што сакаше да запали цигара забележа како Хашим Ага дреме.
„И јас да си одам Хашим Ага. Легни малку. Одмори се. Те чека долг пат“, рече Долгиот Сулејман и стана да си оди.
„Ма каков одмор, какво спиење, мој Сулејмане?! Може ли човек во вакви прилики да затвори очи? … Јас веќе со недели не можам асолно да заспијам … Гајле, Сулејман, големо гајле! Не се грижам за себе. Туку за синот, за неговите две дечиња. Како да е, моето, нашето заврши. Вака така го поарчивме животот. А и не ни беше така лошо во дедовината. Во куќата подигната од прадедото, обновена од таткото. Дедовците ни биле соседи, пријатели, си помагале еден на друг, се разбирале. Па и ние со среќа, со љубов, пораснавме во ова село, во оваа земја. И птиците и дивите животни не познаваат тука. А таму? Тоа е туѓина за нас. Ама што можеме, така ни било пишано. Деновиве често се присетував на дедо ми. Се прашувам зошто не си ги собрал парталите и не си отишол оттука заедно со османлиската војска. Зошто ги остави овие тешки, мачни денови за нас?“
„Ама, немаш никакво фајде од такви размислувања. Ајде прилегни малку. Јас сабајле ќе станам порано, ќе ги впрегнам коњите и ќе бидам готов за пат. Обиди се малку да задремеш,“ рече Долгиот Сулејман забележувајќи дека Хашим Ага со сила ги држи отворени очните капаци.
Штом излезе Сулејман, прилегна Хашим Ага покрај огништето и почна да размислува за тројцата пријатели што вечерта беа дојдени последни да се збогуваат со него.
Долгиот Сулејман не му беше само сосед, туку и другар од детството. Многу радости и таги ги беше споделил со него. А и тој беше патник. Со документите за иселување беше при крај. Беа договорени заедно да се селат. Меѓутоа, никако не успеваше да го продаде стадото овци. А тоа му беше богато наследство од татко му. Дури и во околните села знаеја дека е добар одгледувач на овци. Особено овните му беа на глас. Пред Курбан бајрам не мораше овните да ги однесе в град, туку оние што сакаа да заколат курбан сами доаѓаа во селото и не пазарејќи купуваа. Меѓутоа, со иселувањето и овните ја изгубија својата вредност. Еднаш му дојде еден човек за да му го купи стадото. Ама му понуди толку мала сума што Сулејман не сакаше дури да го погледне. А беше во тешка мака. За куќата што ќе ја остави туку-така не му беше жал. Ама за стадото му се кинеше срцето. Беше меѓу два огна.
И Црниот Мустафа му беше еден од добрите пријатели кој се уште не беше отселен. Го викаа Црн, меѓутоа тој воопшто не беше таков. Имаше костенлива коса, сини очи, а и тенот не му беше темен. Можеби го викаа Црниот поради тоа што во животот имаше многу црнила. Многу одамна шумарот му го убил таткото, а синот му загинал за време на војната. Немаше среќа и со мажењето на ќерката. Зетот му беше неранимајко и често ја малтретираше ќерка му. Неколкупати ја прибираше кај себе но, што поради внучињата, што поради инсистирањето на постарите од селото, повторно ја враќаше. Инаку Црниот Мустафа беше успешен производител на мед. Имаше околу сто кошници. Да, кошници, не сандаци. Сандаците беа скапи. Тој од татко си беше научил пчелите да ги одгледува во кошници. Освен од медот, земаше добра пара и од восокот. Восокот го продаваше во градот на свеќарот Петко кој имаше продавница за свеќи близу црквата. И често на шега ќе го прашаше што ќе направи кога еден ден и тој ќе се отсели.
„Не бери гајле, Мустафа, ќе најдам друг производител. Во оваа земја насекаде има убав мед, па и восок“, ќе му одогвореше Петко.
Селскиот оџа Хасан се уште не беше изјавил дека сака да се сели. Тој многу се разликуваше од оџите во соседните села кои, не водејќи доволно грижа за своите верници, се отселија меѓу првите. Беше образован, искусен и доста приврзан на својата работа. Меѓу двете светски војни беше имам во еден од воените гарнизони. Кога почнал да работи православниот свештеник горделиво го гледал, а понекогаш дури и го навредувал. Ама набргу сфатил дека Хасан Хоџа не е како оние други „полуоџи“ и станале добри пријатели. На тоа најмногу му се радувале војниците муслимани и се гордееле со својот верски учител. Дури и по завршувањето на својата воена обврска момците често се сеќавале на Хасан Хоџа и во секоја згода му праќале поздрави. Неколкумина од војниците дури го поканиле и на гости.
Со отпочнувањето на Втората светска војна Хасан Хоџа останал без работа. Немајќи од што да живее, нашол работа во селото Чифлик. Добро го прифатија селаните. А беше и многу подобар од претходниот оџа кој, поради годините не можеше да излегува во џамијата. Не беше само имам туку човек кој многу ги подучуваше селаните и за световни работи.
Ништо не зборуваше за селење Хасан Хоџа, ама беше повеќе од сигурно дека и тој ќе се отсели. Не можеше сам да остане во селото. Меѓутоа не сакаше да се отсели меѓу првите. Сакаше како капетан на бродот последен да го напушти селото.
Дремејќи покрај огништето, Хашим Ага се присети на една случка, на еден разговор со оџата.
Во деновите кога целото село беше на нога и кога секој од селаните се обидуваше нешто да продаде од имотот како би можел да обезбеди пари за иселување, Хашим Ага, на излезот од селото кон градот, покрај патот, под еден богат извор почна да гради чешма. Гледајќи што прави оџата му забележа:
„А бе, Хашим Ага, и ти како оние наши некогашни паши и валии. Иако им беше наполно јасно дека мораат да ја напуштат оваа земја тие и натаму нешто градеа. Не само патишта и мостови туку згради за општини, пошти, дури и затвори. А тлото под нозете им трепереше. И ти сега, од една страна, се готвиш да си одиш, а од другата, правиш чешма за селото. На што ти прилега оваа работа, Хашим Ага?“
„За оние што по нас ќе дојдат во селото, Хоџа Ефенди. Кога ќе дојдат да не се мачат за вода,“ со тажен глас одговори Хашим Ага.
„Ама кој ќе дојде Хашим во селото? Па зарем не гледаш дека никој не успеа да си ја продаде куќата. Кој ќе пие вода од таа твоја чешма, кога никој не доаѓа во селото?“
„Ќе дојдат, Хоџа Ефенди, ќе дојдат. Селото не е лошо за живеење. Штом ќе се испразни ќе дојдат отстрана и ќе се вселат. Сега знаат оти ние по секоја цена сме решени да си одиме. Затоа не сакаат да си ги арчат парите. Ако не утре, тогаш задутре, по еден месец, по една година ќе дојдат. Убаво ни е селото. Џамијата не ќе им треба. А за чешмата ќе бидат благодарни. Што знаеш, можеби ќе ја наречат чешмата на Хашим Ага. Ќе се присетат на нас. Нека биде еден спомен од нас, убав дар на некогашните соседи. Такви сме ние Хоџа Ефенди, сакаме се нешто убаво да оставиме зад нас. Нека и чешмата биде спомен меѓу низа патишта, мостови, анови, амами, џамии и други градби од нашето време…“
Хасан Хоџа ништо не му одговори. А и немаше време. Беше време за молитва. Брзаше за во џамија.
Размислувајќи за тројцата соселани што таа вечер беа дојдени да се збогуваат, да му посакаат среќа и добар пат, во собата влезе жена му Ханумшах. Полека се доближи и сосема тивко рече:
„Невестата прашува дали може да ја земе колепката.“
Хашим Ага вчудовидено ја погледа жената. Како јазикот да му беше врзан, ништо не зборуваше. Ниту велеше може, ниту пак не. Бледикаво ја гледаше својата жена. А жената со скрстени раце стоеше стамено пред него и го очекуваше одговорот на својот стопан.
На Хашим Ага првин не му беше јасно прашањето. Ја оставаат куќата, покуќнината, зејата, а таа прашува за колепката. Чудно му беше прашањето. Меѓутоа, одеднаш се сети дека и тој се лулкал во таа колепка. А беше и убава. Направена од ореово дрво. Од татко си беше слушнал дека колепката ја направил дедо му кога се родил чичко му. Бидејќи чичко му немал деца колепката останала кај нив. Сега најмалиот внук растеше во истата колепка.
„Нека ја понесе, рече, барем ќе имаме еден спомен од дедото.“
За да ѝ го пренесе одговорот на снаата, Ханумшах се качи на горниот кат. Хашим Ага повторно се нурна во размислување, мислите му беа од црни поцрни, го мореа, го притискаа. Кога ќе помислеше на отселување јанѕа го јадеше. Никако не можеше да се смири со фактот дека мора да го напушти своето родно место, земјата и шумите од кое и во кое со векови живееле неговите предци. Никако не му влегуваше во главата дека тој, внукот на Адем Ага, ќајата во чифликот на Зулфикар Бег, мора да го напушти селото. Поради тоа душата го болеше, дури чувствуваше некаква вина. Мислеше дека со напуштањето на селото го издава дедо му кој уште кога беше малечок му велеше дека оваа е и нивна земја. Едно време размислуваше воопшто да не се отсели, а ако веќе мора, сакаше и тој да биде последен кој ќе го напушти селото. Дури еднаш тоа му го рече на оџата.
„А, не, Хасан Хоџа. Селото јас последен ќе го напуштам! Јас сум тој што ги испраќа луѓето. Додека има селани јас ќе останам во селото, џамијата ќе биде отворена! Да, да. Јас ќе бидам последен што ќе го напушти ова место.“
Мислејќи, размислувајќи покрај огништето, Хашим Ага го фати сон. Некаде во мугрите ја почувствува на рамото раката на својата жена:
„Ајде стани. Сулејман дојде со колата. Треба да ги натовариме предметите.“
Хашим Ага нешто од близината на огнот, а нешто и од мака, се разбуди испотен жива вода, беишејќи си ја потта со десниот ракав:
„Ех, добро што ме разбуди, жено! „рече со длабока воздишка. „Страшен сон сонував, ме спаси од кошмар. Го сонував синот што во неговите најубави детски години го изгубивме… Ми ги подаваше рацете и велеше: тато немојте да ме оставите тука да бидам сам, земете ме и мене со вас…“
„Нека е на аир. Велат дека лошиот сон излегува на арно,“ одговори со плачлив глас Ханумшах и му подаде крпа за лице за да си ја избрише потта. Очите и беа полни со солзи.
Ги разбудија внучињата и ги натоварија в кола работите што ги беа подготвиле за да ги носат со себе. Хашим Ага се погрижи да им биде удобно на внучињата во колата. Првин најмалиот го смести во колепка, а оној поголемиот продолжи слатко да спие во задниот дел од колата. Хашим Ага со сила се обидуваше да остави впечаток дека е спокоен. Ама кај другите немирот беше видлив. Особено беа во паника синот Мустафа и снаата Џеврија. Синот излегуваше и повторно се враќаше во куќата. Носеше некои работи, а кога ќе видеше дека нема место во колата повторно ги враќаше. Снаата, пак, сосема занесена не знаеше што да прави и од раздразнетост си ги крцкаше прстите.
„Ама луѓе не брзајте. Има уште многу време до поаѓањето на возот. А и денот ќе биде убав. Дури предвреме ќе стасаме“, рече Долгиот Сулејман со цел да ги успокои своите соседи.
Последна од куќата, зад својот маж, излезе Ханумшах ханума. Пред да излезат сакаше да ја згасне ламбата.
„Не, немој да ја гаснеш. Самата ќе згасне кога ќе ѝ заврши газијата,“ рече Хашим Ага и ламбата остана да догорува.
Излегувајќи од портата го ставија големиот стар катанец меѓу алките но не заклучија. Клучот остана на катанецот. Кој сакаше можеше да влезе во куќата, а ако милуваше можеше и да живее во неа. Куќата на Хашим Ага, не беше најубавата зграда во селото. Имаше поубави, понови куќи. Така што новодојдениот можеше да избира, а сите беа без стопан и оставени отворени.
Се смести Хашим Ага покрај Сулејман, и пред да тргнат фрли уште еден поглед врз куќата. Двете тополи во градината беа ја надвисиле куќата, а ги беше засадил кога му се роди ќерката. Кога ја мажеше требаша да ги исече и со парите да и купи чеиз. Ама кога правеше свадба годината беше богата со род, така што немаше потреба да ги исече тополите. Со погледот сакаше да ја вреже во главата сликата од куќата и да има што потраен спомен. И одеднаш очите му се наполнија со солзи. За да не го видат, се сврте кон Сулејмана:
„Ајде да тргнеме, соседу!“ рече со треперлив глас.
Се слушна пеењето на петелот на Црниот Мустафа.
Во куќата на Хасан Хоџа засвети ламбата. Оџата се подготвуваше за утринска молитва. Тоа утро во џамијата ќе го немаше Хашим Ага. Меѓутоа, оџата како за претходните така и за него ќе се моли и ќе му посака да има многу среќа во новото место на живеење.
По пат никој ништо не зборуваше. Сите беа во голема тага. Многупати одеа по овој пат во градот, но секојпат одново се враќаа во селото. Од ова одење немаше враќање. Тоа беше неповратно патување.
Патот беше доста нерамен. Од потресот на колата молкот го прекина плачот на најмалиот внук што спиеше во колепката. Мајката Џеврија го зеде во прегратка и тоа набргу замолчи.
Сите молчеа.
Почна сонцето да се појавува. Се раѓаше нов ден. Внукот на Адем Ага, ќајата од чифликот на Зулфикар Бег, Хашим Ага, со своите одеше кон сонцето.

АвторФахри Каја
2018-08-21T17:21:57+00:00 април 1st, 2001|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 20|