Модел на комуникациска трансмисија во раскажувачка ситуација

/, Литература, Блесок бр. 36/Модел на комуникациска трансмисија во раскажувачка ситуација

Модел на комуникациска трансмисија во раскажувачка ситуација

„Кон другата земја“ од Митко Маџунков

#1 На почетокот од анализата на романот Кон другата земја (1993) од Митко Маџунков (1943), малку ќе се задржиме на комуникациската трансмисија во раскажувачката ситуација. Во таа смисла, во искушение сме да посочиме една постапка на градење на раскажувањето според принципот „прашање-одговор“. Кога ќе образлагаме, ќе цитираме и соодветни примери од романот (особено свртуваме внимание на пр. бр. 7). Сепак, не може да стане збор за „чиста“ ситуација во која адресатот ја „нарачува“ или ја „извлекува“ приказната со некакви „трик-прашања“ од, на пример, „лошо расположениот“ раскажувач. Овој роман, очигледно е, може да се смета за остварување на едно ветување на главниот лик (Кирил Водочки) дадено на својот помал син (Камедонски) дека ќе му напише книга. Иако со временско задоцнување, но истовремено и со отсуство на адресатот во диегетичкиот универзум, може да се смета дека овој „дијалог“ сепак се остварува. Во таа смисла, иницијалната комуникациска ситуација е „неиспровоцирана“ (ништо не упатува зошто раскажувачкиот чин токму сега започнува; тоа може само посредно да се насети). Имајќи го предвид ова, за илустрација ја земаме првата реченица со која започнува романот, која ѝ припаѓа на главата ЕЗЕРОТО:
„Езерото еден ден ќе исчезне“– стр. 5; (1)

Тоа е една реченица која ја има тежината на вечна вистина. Несоборлива вистина е дека еден ден навистина сè ќе исчезне, па и Езерото. Раскажувачот овде, директно и непосредно ја започнува својата нарација со она што ќе биде и тема и идеја, и симбол, во овој роман – Езерото. Уште повеќе, оваа реченица е напишана во идно време, што не е чест почеток имајќи го предвид искуството. Имајќи предвид дека нарацијата може да се одвива линеарно или нелинеарно, според временските одредници, иако првото глаголско време овде употребено е идното време, всушност позицијата на раскажувачот во однос на она за што раскажува е актуелниот „момент“. Имено, тој е сега и овде и го набљудува Езерото:
„И Планината и Езерото спокојно се лулеат во очите на Кирил како во огледало; толку се стварни што тој просто претрпнува од чувството дека се тука.“ – стр. 5; (2)

Всушност, со ова сме наведени на претпоставката дека Кирил е раскажувачот во овој роман. На тоа нè наведува фактот што Езерото е објект на интерес на неговата перцепција. Тоа е точно, но всушност Кирил во раскажувачката ситуација во овој роман е „исклучен“ од говорната комуникација – тој речиси и не проговорува со сопствени зборови; се чини како да ги „бојкотира“ дијалозите, и се потпира единствено на сопствените мисли, размисли и перцепции. Според тоа, Кирил, како раскажувач се поставува речиси на рамноправно стојалиште со „отсутниот“ адресат во комуникациската ситуација. Адресатот е физички отсутен од една страна, а „раскажувачот“ е вербално отсутен од друга. Овде постои своевиден парадокс: се чини дека Кирил и не е раскажувачот во овој роман, но можеме да сметаме дека Кирил е „автор“ на овој роман, т.е. оној кој што „пишува“, а не „зборува“.
Во таа смисла, можеме да зборуваме за две „паралелни“ дејства во овој роман, два тека: градењето на куќата за Кирил и градењето на овој роман од Кирил. И во двата случаи Кирил е централната свест низ која дознаваме за сè, иако има и нетипични ситуации кога тој примат му се одзема. Главата ЕЗЕРОТО, всушност е исечок од „физичкото“ дејство. Ова дејство, во добар дел се одвива во сегашноста, а другото „слободно“ шета низ „времето“. Откако во првата глава ќе се воведат некои клучни ликови, курсот се прекинува и од „надворешната стварност“ сме пренесени во „внатрешната стварност“ на Кирил. Поради овие „пресврти“, или „отстапки“ потребно е да разликуваме уште една раскажувачка инстанција, различна од Кирил, која му помага да ги оствари тие „алтернации“. Така, всушност имаме ситуација во која Кирил експлицитно се обраќа служејќи се со типично епистоларна форма, т.е со писмено обраќање:
Драги мој Камедонски,
Еднаш ти ветив дека ќе ти напишам книга. Сè уште, во мракот меѓу кориците, триесетина празни листови чекаат да ги исполнам со чачканици-мачканици, со зборови кои ќе те разгалат и насмеат (…) Дојде ли време, од оваа далечина, да почнам да ја испишувам со својот нечиток ракопис?“ – стр. 17-18; (3)

Она што во овој дел, напишан во прво лице – сегашно време, се дознава е дека всушност овде може да се лоцира почетокот на пишувањето на овој роман, или во најмала рака, пишувањето на еден дел од романот. Имено, како и почетокот на градењето на куќата, кое се случува токму крај Езерото, „од оваа далечина“ на самото Езеро, започнува пишувањето на ветената книга која „нема да биде составена од зборови, туку од она од што тие настанале“. – стр. 22;
Со ова, се згуснува значењето на просторот – Езерото, тој е место на судбинска поврзаност, иако „пишувачот“ како да изразува сомнежи во својот потфат.
Значи, ако зборуваме за комуникација, таа овде постои пред сè на писмено ниво – така е кодирана. Овој „раскажувач“ се одлучува пред сè за „писмена“, а не за „усна“ комуникација со адресатот, па дури и со имплицитниот, и затоа не се поставува во некоја конкретна „диегетичка“ говорна ситуација – не постои некој што конкретно го слуша тоа што тој има да го каже. Тоа, можеби повеќе е излагање за оној што сака да „чита“, наместо да „слуша“, иако всушност ова „писмо“ првенствено е наменето за „неговиот“ син. Во таа смисла, раскажувачот е и авторот, а е присутен низ целиот тек со својот „глас“. Сепак, оваа ситуација е далеку поедноставна од онаа што Хенри Џејмс ја употребува во Вртењето на завртката, каде постои цел систем на структуирање по однос рамништата на раскажувачот.

Дијалог и идентитет

Се прашуваме во врска со една можна „проекција“ на дијалог на ова дело, во време и простор со еден автор кој што од еден друг просторен и временски агол, ѝ се обраќа на „другата земја“. Рецепцијата на „другиот“ отсекогаш била интригантна, за многу автори и дела, а ние ќе го разгледаме примерот на Томас Ман во Волшебниот рид. Идентитетот, во таа смисла е непрепознатлив без „алтеритетот“. Имено, Волшебниот рид се темели на неколку контрапунктови, меѓу кои најсуптилниот, најделикатниот е контрапунктот кој што се отчитува во хронотопската матрица, со сопоставувањето на двата „епски“, во таа смисла цивилизациски простори: ИСТОК и ЗАПАД. Перцепцијата на другиот, низ љубовната приказна на Ханс Касторп, има за цел со конфликтот на културите да ја нагласи магнетската моќ не само на „другиот пол“, туку и магнетската привлечност и „несознатливост“ но истовремено и „упатеност“ (кон) другиот, од каде произлегуваат низа дидактички импликации. Динамиката на тој однос е јасна: спротивставеност, односно привлечност. Волшебниот рид не се занимава со себеперцепција, туку се занимава со перцепцијата на другиот. Во таа смисла, тој се занимава со себеобразување „преку“ другиот.
Кон другата земја
иманентно се занимава со идентитетот. На разни начини, тој пред сè е себеперцепција која се движи низ веќе разработениот контекст на дискурсот на заговор, кој што е актуелен во балканскиот културен простор, но не станува збор за некакво заземање страна, национален патос промовиран низ „гласот“ на романот. Овој роман понудува „гласови“ често антитетични, спротивставени во рамките на сопствениот културен простор, разногласие пред сè по однос на сопствениот идентитет, кој што отсекогаш бил упатен „кон“ другиот и со тоа попримил негови специфики, всушност самото разногласие. Во таа смисла, актуелни се но не доминираат едни над други понудените паралелни дискурси на себеперцепција: „жртва на конспирација“, „жртва на себеконспирација“, „скепса“, „малодушност“, „немоќ“, „маленкост“ и сл.
Дали, ова претставува пречка за проектирање дијалог („имагинарен“) меѓу овие конкретни две дела? Тие не се упатени едно на друго ниту во време, ниту во простор, уште повеќе во намера или намена. Сепак, тој дијалог, ако не сме склони и тоа да го доведеме во прашање, постои и ќе постои пред сè на план на културни простори. Третирањето на оваа тема е заедничката врска. Таа опција постои отворена и во насловот на самиот роман Кон другата земја. Имено, едно метафорично толкување на овој наслов, би го апстархирало контекстуалното значење на патувањето (постојано) кон „некоја“ друга(та) земја, или во случајот бипатритноста, билингвалноста, поделеноста на просторот на кој јунакот му се обраќа сепак како на еден, и би му подарило едно поинакво значење на „посветеност“ – посвета „кон“ Другата земја, во нашиот контекст, „кон“ другиот културен простор, со оглед на постоечката иманентна меѓусебна „неперцибилност“ или едноставно незаинтересираност за тоа. Ова, само ако се сфати како повикување на дијалог. Кон другата земја, го содржи тој капацитет, и со тоа што е формулирана и како своевидна порака, кон „себе“ сопствените редови, сопствените деца, сопственото поколение. Со тоа ја отфрла потребата од постојано себепреиспитување, потрага по некое „друго“ поинакво исходиште, извор, во таа смисла, „алтеритет“, за определување на сопствениот идентитет, зашто ја воочува веќе постоечката плуралност во таа смисла. Оваа книга го толкува идентитетот, низ неопходно, примарно потребниот „самоодраз“ кој што единствено го има правото да биде вистинска културна придобивка. Во таа смисла, не се инсистира на „ограниченоста“, „херметичноста“, затвореноста-границата на просторот, туку напротив со фактот што просторот овде е сфатен во сета своја широчина и отвореност и преку „моделот на отворено дело“, ги укинува, разлабавува границите, ги прогласува за арбитрарни, со што е во дослух со современиот културен тренд, се чини единствено возможен. Тоа се отсликува и преку насловите на главите во романот, кои се просторно одредени, но тоа е секогаш отворен простор, простор во кој се „шири“ погледот, а не се стеснува, простор на Природата, епскиот простор, во кој и човекот се одликува со својата „волуминозност“, големина, величина која на современиот хомо сапиенс, скриен во своите огромни, еректирани, монолитни зданија му импонира и го потсетува на неговото „израснување“. Пред Човекот во овој роман секогаш постои, му се нуди, не како замена за физичкиот простор, една широка панорама, преку границата, со свеста дека границите постојат само во нашите глави. Со тоа природните граници на просторот, (Земјата, Планините, Реките) поседуваат ненарушена хармонија, целост во таа смисла.
Просторната матрица, целосно го отсликува ова. На хронотопот на куќата е спротивставен хронотопот на улицата. Во таа смисла, не е актуелна само оската „внатре“ – „надвор“, туку и „горе“ – „долу“ и „лево“ – „десно“ , што значи дека станува збор за повеќеслојно просторно структуирање на просторот во текстот.
Рецепцијата на ова дело останува и понатаму едно скокотливо книжевно-културолошко прашање, пред сè, но се чини допрва ќе се актуелизира, иако на виделина е речиси десет години. Ова навраќање кон него може да се прими единствено како актуелизирање на неговата провокативност. Сите други импликации содржани во овој текст можат само да му одземат, а не и да му додадат на неговото значење.

АвторТрајче Бјадов
2018-08-21T17:21:37+00:00 јуни 1st, 2004|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 36|