Маестрално, Венко!

Маестрално, Венко!

(Венко Андоновски: Вештица. – Скопје, „Култура“, 2006)

Овој роман не се чита. Овој роман се живее…

* * *

#1 Сведоштвото за геноцидот на т.н. „вештерки“ од 17 век во Хрватска е потресна метонимија за уште поголемите инквизиции. Тие инквизиции сè уште „патуваат“ и се „преселуваат“ низ времињата и просторите. И тоа кога фикцијата е идеално алиби за постоење на – реалноста. Така вештиците се фикција – совршено конструирано алиби за стварноста на морбидниот свет на: тужители, истражители, гонители, џелати, крвници, казнувачи, инквизитори (на живот и на страст). Угледно маскирани во: униформи, улоги, функции, позиции… Се прави логичка инверзија: ѝ се суди на фикцијата, на наменски конструираниот свет, наместо на својата, „нечиста“ реалност. Се прави општествено, институционално и јавно скрнавење и масакрирање на убавото и умното – поради сопствената импотенција. Тоа е друго име за власта, за политиканството, за квази-идеолошкото морализаторство, за духовната травестија, интелектуална проституција, идеолошкиот хомосексуализам и хипокризија. Таа ерозија на моралот води кон неповратно лизгање на аксиологиите и конечен катастрофален земјотрес на аксиологиите!
Тој масовен, одглумен хистеричен егзорцизам – е чист артизам на наводно истерување на ѓаволите. Таа злоупотребена демонопатологија – или опседнатост со ѓаволот, како вечна демономанија низ вековите само се травестира, премаскира, препакува, пререкламира. И тоа не само меѓу половите, туку и меѓу секој пол на: доброто наспрема лошото, убавото наспрема грдото, слободното наспроти затвореното, љубовта / омразата, страста / импотенцијата, слободата / фрустрацијата, итн.
За сето тоа постои „тајна документација“, записници, закони, извештаи, каде фикцијата се „обесчестува“ и се злоупотребува како псевдо-факт. Но, во тој свет на документација, архиви, судови – не се трага само по најважниот и најтајниот можен документ. А токму по тој документ трага еден од авторите.
Има ли потаен и понеодгатнат документ од – човекот?
Потрагата по него, како драгоцено тајно сведоштво на столетијата и универзумите, се води токму – преку приказните на ова дело.
Така се отвора светот на инквизицијата. Ужасните сведоштва за геноцидот на т.н. „вештерки“ стануваат најуверливи преку потресна „хорор-документарност“. „Оти крвта пишува, а не мастилото“1F, вели наративниот глас. Морбидната фактографија за направи за мачење со детални описи на инквизиторски оргии се место на стравотни „три точки“, каде „читателот со солзи ја допишува приказната!“, според нараторот. Нашиот „ракопис“ од солзи за овие ужаси е – реплика на крвта која „капе“ од масовната трагедија.
Но, преку јавните инквизиции се распукува и опасниот свет на „невидливите“, „духовни“, „лични“ инквизиции. Таа „внатрешна“ инквизиција или автоинквизиција ни се случува и нам. Секојдневно, невидливо, тајно – кога токму ние сме „гонители на (измислените) вештици“ во самите себе, како „овластени (себе)егзекутори“ на убавото и слободнотово себе. Тоа е Вештицата која ние самите невидливо ја палиме и ја ставаме на клада. „Внатрешната“ инквизиција се прави во име на малограѓанското „судство“, во име на нашата локална малограѓанска, маалска инквизиција, која е сенка на глобалната, средновековна или нововековна…
Таа инквизиција е управител на нашите самосоздадени „доживотни зандани“2F. Такви „затвори“, според нараторот, се најголем дел од денешните бракови, како и нашите професионални, социјални и статусни улоги. Архитектите сме ние, а новата „квази-вера“ е нејзиното величество – глумата. „А стравот е победен со помош на лагата,“ вели раскажувачот.
Во модерните инквизиции постојат и невидливи „духовни“ инструменти за (само)измачување и мачење на другите.
Но, од таков хорор-свет на делото Вештицасе раѓаат најнежните и најљубовни можни приказни во ова дело.

* * *

Романот е дом на неколку приказни. Оти веќе не постои само една приказна и не ја раскажува само еден. И не ја читаме или допишуваме на само еден начин. Таа полифона читателска херменевтика е составен, креативен дел на творечкиот процес, кој се прави јавно и колективно, пред нас.
Приказните се „златно-ехо“ една на друга. Приказни-ехо, приказни-сенки. И ликовите се сенки едни на други. Фабулите се деца-потомци на предците. Драмите, трагедиите се роднини кои отпосле се препознаваат. Сето тоа низ столетија, низ времиња, низ прапростори…
Тоа полифоно, полисемично „читање“ на животот се прави преку пресликување на сториите, емоциите, интимите. Преку читање на „книгата-стварност“. Така приказните растат – во животи, дотогаш неоживеани. Така и животот станува – поживот. Оти се „читаат души“, а не само хартија. Читаме „невидливи“ писма, читаме „човек-писмо“, „девојка-писмо“, „жена-писмо“, „лице-писмо“. Животот се чита, а приказните се живеат. Така оживува потресната драма за вештерките, така „крв“ добива и средновековната Јована и современата „црвенокоса“ убавица, оти веќе не се осудени само на „живот од хартија“. И тоа, токму кога нашиот живот сè повеќе станува „живот-хартија“, „живот-монитор“, „живот-излог“ – во ерата на воајерството!
Приказните се дешифрираат меѓу себе, но не само за потребите на повисоките цели на делото, туку и во име на поголеми растајнувања на масовни цивилизациски феномени, како што е примерот за видео-перверзиите на 21 век, кои се откриваат како потомци на прафрустрациите – средновековните оргии, визуелно документирани уште во 17 век.

#b
1. Парафраза на цитат од делото Вештица: „Така е тоа затоа, што писателот со крв ја пишува, а читателот со солзи ја допишува приказната!“ (125).
2. „(…) доживотна зандана ако преживеат. Па што е најголемиот дел од браковите денес, ако не таа доживотна зандана, склучен мир меѓу мажите и жените, пакт за ненапаѓање и мирно одгледување потомство? Така имаат полза и едните и другите: стравот е победен со помош на лагата.“ (112).

АвторКристина Николовска
2018-08-21T17:21:12+00:00 мај 10th, 2008|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 59|