Старицата Нептун

Старицата Нептун

(за „Делфинот“ од Александар Прокопиев, Бегемот, Скопје, 2018)

Најновиот ракопис на Александар Прокопиев, книгата раскази „Делфинот“, претставува, пред се, читателско уживање за оној што ќе влезе во неа. Леснотијата – која му прилега на еден од македонските мајстори на прозата (мајстор и по талентот и по занаетското искуство што го има зад себе) – со која се исткаени расказите просто го вшмукува читателот, го возбудува до степен што тој, така маѓепсан од неговата мајсторија, станува дел од нив.

Раскажувачите на приказните на Прокопиев создаваат свет што се колеба некаде помеѓу факцијата и фикцијата, но и помеѓу реалистичниот и фантастичнио код. Токму тоа колебање помеѓу световите, тоа одење како по жица помеѓу историографската и измислената стварност (а која стварност не е измислена?) во главата на читателот создава свет во кој постојат сите заедно: и измисленте и „родените“ ликови, и измислените и случените настани. А тие се случуваат во различни хронотопи. Патуваат и во соништата, па се враќаат во постземјотресното Скопје, па одат некаде на море, па повторно влегуваат во сонот – да, често се случуваат таму – па одат некаде далеку во времето, кај Иван Владислав и Гаврил Радомир, па повторно се враќаат назад и се случуваат во животот на извесен Александар Прокопиев од расказот „Личен прирачник по фантастична политика“.

Ако треба да се одбере еден заеднички содржател, една доминанта во расказите од оваа книга, тогаш тоа секако ќе биде ликот на Мајката, Големата Мајка или Magna Mater. Мајката се провлекува низ речиси сите раскази од книгата, а тоа се навестува уште со првиот расказ, „Mutter, фрагменти“, и со двата епиграфи со кои, практично, се отвара не само првиот расказ, туку и целата книга. Особено индикативен е првиот: „Езерца се две од бајка/очите на мојата мајка“ (приспивна песничка), оти суптилно не воведува во она што се повторува низ расказите, инфантилноста на машките ликови наспроти доминантноста на нивните мајки.

И токму таа игра – тоа одење по конецот што ги дели имагинарното и стварносното – ја прави оваа книга заводлива. Читателот е постојано во недоумица и во некоја состојба на постојано „хм…“, која го тера да излезе надвор од текстот и да отиде отаде сцената, во бекстејџот, за да види кој си игра со конците. Читањето на оваа книга е како водење љубов, постојано во некаква лебдеечка меѓусостојба, ниваму-нитаму, ни сон ни јаве.

АвторЃоко Здравески
ПреводМилан Дамјаноски
2019-01-15T10:19:47+00:00 јануари 5th, 2019|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 123|