(…) КАЈ ШТО СТРУЖЕ ТИШИНАТА

/, Литература, Блесок бр. 125/(…) КАЈ ШТО СТРУЖЕ ТИШИНАТА

(…) КАЈ ШТО СТРУЖЕ ТИШИНАТА

Прозна лична карта

„Досие Јасна Полјана“ е многу впечатлив расказ, тој заедно со расказот „Празнина“, кој ја доби првата награда на конкурсот за расказ на „Нова Македонија“ 2010, се вистинска прозна лична карта на оваа авторка. Со него почнува збирката, тој е влезот, in medias res во писателската вечна заблуда за зборовите, за љубовта и за мешањето на едното со другото. Дали да се пишува „со твоите зборови, со моите зборови“ или да се сака „со твоите зборови, со моите зборови“. Оваа историска травестија со Толстој и неговата сопруга Софија е повеќе од биографска фикција, таа засега суштински аспект во љубовта на двајца кои се занимаваат со зборови. Дали нивната љубов станала збор, излегла од збор или била збор што исчезнал? Или се создал? Дали љубовта може да се одлепи од зборовите или засекогаш ќе биде нивното најубаво и најстрашно лице одеднаш? „Досие Јасна Полјана“ е одличен расказ.

Творечка редупликација

Во двете збирки раскази на Баковска постои расказ кој се вика „Изненадување“. Во првата нема никаков поднаслов, само три дела: Тато, Мама и Јас. Во втората, насловот е ист, трите дела се викаат исто, а поднасловот е: дваесет години подоцна. Станува збор за две различни содржини влезени во иста форма. Тоа, самото по себе, е знак за многу книжевни нешта. Односот помеѓу „Изненадување“ од 2004 и „Изненадување“ од 2018 е исклучително интересна творечка релација. Истата реченица, истиот плов по неа, откорната од суштината, и тогаш и сега (се менува ли суштината некогаш воопшто?), ист концентрат страдање еднаш во инстант гранули, вторпат веќе растворен во дваесет години. Вкус на иста болка, сервирана во различни „чинии“, послужена во различни (сижејни) сервиси. На почетокот се посомневав дека расказот е истиот со истоимениот од првата збирка и сè додека не проверив педантно, мислев дека со поднасловот по дваесет години, сака да се каже дека ништо не се сменило, дека годините изминале без да го допрат расказот, дека литературата нема возраст. Но, потоа видов. Тоа е трупање реченично, книжевно време врз нешто што не се лекува со зборови. Одлична постапка на грижа кон сопственото писмо; кога возрасна писателка си се навраќа себеси – млада, не да се коригира, туку да се утеши. Да се гушне себеси и својата стара болка со нови зборови. Само овој аспект од двете книги на Баковска е доволен за цел есеј за времето, чувствата и прозата; за безвременoто, рационалното и никогаш неминливото… Односот помеѓу првата и втората збирка генерално е мошне интересен. Да се пребарува по матриците на едната и тие да се преклопуваат врз матриците на другата е навистина возбудлива книжевна игра.

Ангажман сфатен во најширок можен контекст имаме во „Како ја пропуштив најдобрата можност да си ја убијам шефицата“; оригинален, различен и автентичен поглед на скопскиот земјотрес од 1963 во „Звуците на умирањето“, книжевна ноар-атмосфера во „Љубовникот“, фолклористичка суптилна дидактичност во „Грне со злато“ итн. Прозниот стандард на сите 19 раскази во оваа збирка е мошне, мошне висок.

АвторОливера Ќорвезироска
2019-06-14T20:21:28+00:00 мај 30th, 2019|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 125|Tags: |