(…) КАЈ ШТО СТРУЖЕ ТИШИНАТА

/, Литература, Блесок бр. 125/(…) КАЈ ШТО СТРУЖЕ ТИШИНАТА

(…) КАЈ ШТО СТРУЖЕ ТИШИНАТА

поговор за суштински нешта, првпат, вторпат,… којзнае кој пат

 

Пишувањето за нова книга на автор чијшто опус ни е целосно познат е посебна состојба, предизвик, различен од честата практика целно да коментираме (само) конкретен текст од корица до корица. Во случајот со Елизабета Баковска, чиј опус го знам целосно, буквално сè што објавила досега;1 , нештата се уште позаплеткани или повозбудливи (кој како гледа на тие чувства!), затоа што и двете пишуваме и проза и критика; Баковска пишува и поезија, а јас како критичар особено сакам да коментирам и интерпретирам поезија. Згора на сето тоа, Баковска и јас сме блиска биолошка, а речиси иста книжевна генерација. Едната од нас пишуваше и за деца, другата – сè уште пишува, белки наскоро и ќе објави.

Оваа книга е како создадена да можам и самата да кажам некои нешта за пишувањето на работ помеѓу жанровите, на работ помеѓу критиката и убавата книжевност. Некои нешта кои остануваат да висат како прелични за во критички текстови; или како претеоретски за во прозни. Некои нешта за кои вообичаено молчиме, не кажуваме ништо, особено – не пишуваме.

Кога читам куси раскази од Баковска, мислам дека во тоа е најдобра, дека тој прелет, можеби дури и прелест над сопствената поезија во подолг раскажувачки ред (наместо во стих) најдобро ѝ прилега. Но, кога, пак, ќе прочитам голем, класичен расказ од неа, се пишманам и сепак помислувам дека Баковска е подготвена и за екстензија и за висок, долг и стрплив прозен занает. Нејзиното високо едуцирано критичарско око2 ѝ е постојано вперено и во сопствената проза, како императивна прецизност, како втрештена светлина во очите на реченицата, во почетокот и крајот на книжевниот текст, во поентирањето, заклучувањето, завладувањето со раскажувачкиот потенцијал. Баковска не е автор чијашто книжевна лозинка може бргу да се пробие, зашто таа е, на пример, т.н. раскажувач со поента, при што поентата не ѝ е секогаш на крајот, туку многупати ѝ е и на почетокот. Таа дури поентира и на средина од текстот, а потоа пак успева да ја извлече приказната до крај без никаква загуба или опаѓање на наративната енергија.

Елизабета Баковска е готов, изграден, јасен и сериозен автор.


1 „Житие на нашата љубов“ (поезија, Блесок, Скопје 2003), „Четири годишни времиња“ (раскази, Блесок, Скопје 2004), „Состојби на духот и телото по триесеттата“ (поезија, Блесок, Скопје 2005), „На пат кон Дамаск“ (роман, Слово, Скопје 2006), „Сопствена соба, сопствено гето: женско писмо во современата македонска проза“ (самиздат, Скопје 2016), „Тринаесет осврти за книжевни и слични дела“ (критика, Блесок, Скопје 2018) и најновава „Последни голтки“ (самиздат, Скопје 2018)

2 Баковска магистрираше 1999 на темата „Интертекстуалните предлошки во расказите на Џојас Карол Оутс, Алис Вокер, Гордана Михаилова Бошнакоска и Јадранка Владова“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а докторираше 2013 на родовите студии на Институтот „Евро-Балкан“ во Скопје со тема од областа на женското писмо во домашната книжевност. Докторатот ѝ е објавен во наведената книга „Сопствена соба, сопствено гето: женско писмо во современата македонска проза“ спомната во претходната фуснота

АвторОливера Ќорвезироска
2019-06-14T20:21:28+00:00 мај 30th, 2019|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 125|Tags: |