Каква е бојата на странците?

/, Литература, Блесок бр. 118/Каква е бојата на странците?

Каква е бојата на странците?

Каква е бојата на странците?


Димковска и во ова дело, како впрочем и во своите претходни остварувања, убедливо и суверено ја транскрибира онтолошката равенка на животот како неотповикливо странствување и из-местеност (односно, трајна подвоеност) меѓу старото и новото „дома“ (како, на пример, во исказот „преселбата е крст, што ти го сече срцето на два дела“), но, уште повеќе, и пострашно, вкрстувањето на домот и „странството“, во низа од заемно огледални поими и состојби (отаде, баба Неда порачува, дека сината е препознатлива боја на странците – бидејќи тие предимно одат и „домуваат“ по морето, или небото). Инаку, самата авторка Л. Димковска отсекогаш – како во поезијата, така и во своите романи – пишува(ла) без задршка, „директно“ и со сопствената кожа како „жирант“ – токму за длабоките, свети тајни на трајно раселената душа, што никого не го оставаат рамнодушен …посебно, за неотповикливата и трајна реалност на не/припадноста, придружена со високиот коефициент на лична и несоопштлива осама (ако ништо друго, тогаш, поради горчливата константа и вистина, која гласи „домородецот е секогаш подобар од дојденецот“).

Новелата „Но Уи“ е новела за животот на луѓето со погрешни потекла (или, погрешно транскрибирани имиња), кои мора успешно да се прикриваат или доживотно и макотрпно да се правдаат (и искупуваат), не само пред другите, туку и пред себеси. Впрочем, во последната реченица од романот, помладата Неда, укажува на амбивалентната симболика и располовеност, вградена во името на бабата (што го имплицира, не само граматичкото, туку и онтолошкото двојство меѓу животот и смртта Не/Да) – според семејната традиција на наследување на имињата, воедно, вградена и во името на самата нараторка.

„Животот е секогаш да, како што смртта е секогаш не, обратно беше само во твоето име“ – вели младата Неда.

Топлата интимност, што неусилено го проткајува романот на Димковска, заедно со вродената, медитеранска питомост на ликовите и нивниот, до крај, присен однос – сепак, успева, ако не да ги победи и совлада, тогаш, макар да ги залечи раните и лузните, од нашиот престој во овој, прилично забеган, противречен и насилен свет, каков што е нашиот денес.

Новелата на Димковска остава длабок, на моменти, тегобен впечаток и низа суштински прашања, отворени како доживотен предизвик. Прашањето за нашиот (доброволен или принуден) престој во јазиците е само едно од нив! А, пак, тоа прашање, подеднакво, се однесува и на престојот во својот мајчин, а не само, во туѓиот, новоусвоен (јазично-културен) идиом.

2018-10-30T09:48:21+00:00 март 27th, 2018|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 118|