ИСТИСНУВАЊЕ

ИСТИСНУВАЊЕ

ИСТИСНУВАЊЕ


Во текот на таа сесија, извел зафат на душата на Валерија со помош на своите пријатели, во намера да ѝ помогне да се ослободи од стравот што му го признала неколку месеци порано, како што рече, во текот на еден свој исповеден разговор. (Оти тој тоа на свој начин го поврзуваше: таа себе се казнувала со долгогодишна врска со џанки – со кого била пред мене – затоа што имала опсесивен страв од абортус.) Павле ја надгледувал ситуацијата и нежно ја насочувал, давајќи сугестии, храбрејќи, кормиларејќи; неговата девојка, Чили, инаку воспитувачка, носела купишта детски цртежи во станот, ја држела Валерија за рака и ѝ го милувала челото со марамче натопено во чај од камилица. А Игор, палјачото на Павле, кој е толку беспредметна егзистенција, што дури сега го воведувам во приказната, полека, и внимателно, следејќи ги инструкциите на Павле, ѝ го вовлекувал на Валерија кујнскиот нож во вагината. – Му реков дека не смеел тоа да го направи. Дека не смееле да го прават тоа. Запрепастен, надвор од себе од тоа што го слушам, реков патетично дека најмногу би сакал тоа никогаш да не го направел. А тој ми рече дека таа реченица што тукушто ја изговорив нему му дава право да ме убие. Бев парализиран. Да беше тоа закана, верувам дека немаше толку длабоко да ме порази (макар што смртно ќе се преплашев, ќе претрнев, тоа е извесно). Ама да каже дека има право да ме убие затоа што посакав да не направел нешто што направил, ме запрепасти, ми ја смрзна коскената срж.

Додека ја опишуваше сцената, напомнуваше секогаш отпочеток дека ни капка крв не е пролеана, при што неговата упорност во нагласувањето на тој момент, ми го правеше сето тоа, на некој необјаснив начин, уште понеприфатливо.

Отидов. Мислам дека никогаш од никаде не сум отишол пофуриозно. Една африканска маска од ѕидот во претсобјето ја погледнав избезумено молежливо, делче од секундата пред нервозното фаќање за кваката на излезната врата. На Валерија утредента ѝ реков дека не сакам веќе ништо да имам со Павле (што, очигледно, истовремено ја повреди нејзината гордост и – додуша не за долго – ја доведе во прашање лојалноста кон личноста што толку ѝ имаше помогнато во животот). Она што подоцна ми падна на памет, кога веќе можев со помирна глава да размислувам за сѐ – измолкнувајќи се од повеќемесечната депресија во која без престан ги сонував и при секое излегување од дома, мислејќи дека ќе сретнам некого од нив, стравував од секоја силуета – точно е дека би требало некако да им се каже на самоубијците (а и на самиот себеси си го реков тоа) да се чуваат од оние што сакаат да ги разуверат од самоубиствените намери оти тие, доколку се налик на Павле, можат подоцна да ги поседуваат на еден за човечкото битие повеќе од неприфатлив начин.

Макар што, тоа што отсекогаш ме правеше на некој посебен начин ранлив и што и натаму ми се враќа како дополнителна слика, иако не ја видов со сопствени очи сцената – тоа е смртта на таа несреќна зајачица, која настрадала така што една ноќ поранешниот дечко на Валерија дошол дома среден, и фрлајќи се на фотелјата на која зајачицата спиела, заспал преку неа, приклештувајќи ја. Крај вклучениот телевизор. Зошто ѝ беше на Валерија неопходна таа смрт за конечно да донесе одлука да го остави?

АвторИван Антиќ
2018-12-13T11:18:00+00:00 јуни 12th, 2017|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 113|