За „Шепотот на Данте“ од Силвија Митевска (Или-или, 2018)

/, Литература, Блесок бр. 122/За „Шепотот на Данте“ од Силвија Митевска (Или-или, 2018)

За „Шепотот на Данте“ од Силвија Митевска (Или-или, 2018)

Но, овие раскази се и едно ново женско писмо во македонската книжевност. Нашите современи (овде се обидувам да го избегнам тој толку користен термин млади) прозаистки родени околу осумдесеттите години на минатиот век (а тука освен Силвија можам да ги споменам на пример Румена Бужаровска или Ирена Јорданова) пишуваат не само за женските искуства или за женскиот светоглед, туку тие за нив пишуваат дрско, отворено, неинхибирано, дури и безобразно. Во случајов на Силвија, нејзините раскази се всушност сосема слични на нејзиното параглајдерство: таа се затрчува и полетува кон непознатото, високо над секојдневието. „Пишувам, но не знам каде ќе стигнам, сакам да го шокирам читателот“, ми кажа таа во оној наш разговор за книгава и за женското писмо. Таа неочекуваност во приказната, таа нејзина превртливост во која читателот лесно го губи тлото под нозете, е втората заедничка особина на овие раскази која ги поврзува во едно цело, адреналинско читање. Преку неочекуваноста на раскажувачките пресврти всушност сфаќаме колкави се нашите читателски предубедувања за тоа што треба да има во една книга која има вакви нежни, пастелни корици, во книга која се вика Шепотот на Данте (а Данте не е Алигиери, туку синчето на авторката), и на крај, за тоа како и за што треба да пишува една (ајде да го кажеме зборот во немање друг) млада писателка. За оваа неочекуваност зборува и Драги Михајловски во рецензијата на оваа книга кога вели дека Силвија „излегува од рамките на секојдневното и моќно го надоградува истото за кога ќе ни го презентира напишаното, да нѐ изненади со ефектен крај“.

Ако се навратам пак кон оние претходно споменати причини за мојата колебливост (ах, тој толку вкоренет ем страв од етикетата „женско“, ем порив кон неа), би сакала да кажам дека оваа книга на Силвија ни покажува уште една работа: разбирањето за она што е централно, а што е периферно во современиот македонски книжевен дискурс (за среќа!) е сосема изместено и изменето во текот на последниве години. Токму избивањето, жестоко, на моменти и драматично, на ваквите писма, како ова за коешто зборуваме денеска, придонесува македонската книжевност (освежена, смела, неинхибирана, дрска, безобразна, неискомплексирана) да излегува од тесните граници на малиот (по број на говорители) јазик на кој е првично напишана и да му погледне на светот право в очи. Женското писмо во оваа книжевност, со сите свои манифестации (како гротеската или фантастиката) кои Силвија ги собрала во ова по обем мало, но експлозивно книжуле, секако има голема заслуга за овој пробив. Токму затоа, да се радуваме на делата како ова и да им посакаме да летаат слободно, долго и високо.

АвторЕлизабета Баковска
2018-11-29T08:59:28+00:00 ноември 29th, 2018|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 122|Tags: |