Затвореник

Затвореник

Мило мое, ѝ велев, лута рана телото ми го глода. Ја поткревав кошулата за да ја види црната дамка на градите што незадржливо се ширеше низ целото тело. Место раце да подаде и со милување раната да ми ја лечи, таа со плунка од ластовичка ми го заросуваше и горделиво тврдеше дека нејзините касаи во рана се претвораат и сиот ќе ме истрошат, ќе ме уништожат. Мило мое, ја убедував подавајќи раце кон неа, немој насекаде зандани да градиш и во нив да се затвораш. Дозволи ми на убавината да ѝ се придружам, ширум да ги погледнам овие бескрајни простори. Око не ѝ трепнуваше, а нит милоста за рода ја сметаше: сакаше да ме гледа приклештен во канџите на копнежот. Од сè најмногу милуваше да ѝ се умилкувам, в дланка душата да ѝ ја дадам за потоа повторно под клуч да ме стави и уплакан зорите да ги дочекам. Заминуваше којзнае каде, со денови ниту глас ѝ слушав, ниту сенката ѝ ја гледав. Се враќаше ненајавено, како лихвар кој што знае дека благото на сигурно го вложил и добивката заслужено ќе ја земе. И така бидуваше; копнеев што поскоро да се врати, до болка ѝ се радував на нејзината силуета кога во далечината се појавуваше како сонцето кое не знаеш кога поголема красота го краси – кога изгрева или кога заоѓа. „Дојдов!“ – велеше горделиво. Ја отклучуваше вратата на ќелијата во која затворен ме чуваше и ми се препушташе до наситка да ја гушкам. Додека со убавината се сладев и вечно останував гладен, таа ми ги поткаснуваше градите, цели парчиња месо лапаше во устата и победоносно се смееше. Крикнував, но не од бол туку од сласт преголема. „Те боли, нели!“ – ме прашуваше а јас ништо не ѝ одговарав. Не сакав сласта со празнината на зборовите да ја нарушам.
Мило мое, ѝ велев, зошто во зандани ме чуваш, зошто за гордост ропството ми го наметнуваш. Дозволи ми барем раните да ги лечам, мелем да си барам за телото да не ми скапе, а душата да не ми се дроби во ситни трошки над врелиот пустински песок. Мочеше. Јали не ме слушаше, јали од занес при себе не беше. Сал понекогаш ме погледнуваше замислено, ги одмеруваше моите рани на градите и во мигот кога очекував милоста од неа да прозрачи ги ококоруваше очите, изговараше едно продорно „НЕ“ и, легната над мене со бакнежи ме давеше. „Најголемата казна самиот си ја изрече во мигот кога тајната тешка ја открив дека само мој не допушташ да бидеш!“ – победоносно казната со својата одлучност ми ја запечатуваше и рацете зад грбот ми ги врзуваше за да може непречено телото да ми го поседува. Потоа ме враќаше во ќелијата и повторно во непознат правец заминуваше. Ќе ти умрам, истоштен од долгите чекања ќе ти се истрошам, та ќе немаш што да поседуваш од мене, викав по неа додека во пустината исчезнуваше. „А спомените, а телото што ти го претворив во лута рана та сега каде и да го допреш на исцедено месо ти личи!?“ – победоносно одекнуваше нејзиниот глас што стануваше сè понечуен и подалечен. Заговор, да, требаше некој заговор да ѝ подготвам за да ѝ докажам дека до амбисните длабочини на болката ја сакам, но нема да ѝ дозволам на раните од телото отров наместо мелем да ми става. Значајната одлука ја донесов дента кога замина и за малку ќе ме задавеше со своите цицки. „Ете, до наситка каснувај ги! Живо месо голтај за гладта по топло тело да ти помине!“ – ми рече горделиво и како лавица се пушти да ме задави, телото со нови рани да ми го одбележи. Повторно не се наситив. Саде лутината ми нарасна, затоа што никогаш спокојно не ми даде да ја милувам. Ниту пак косата ја крена од лицето за и десниот образ да ѝ го видам. Без трунка милост сета топлина ми ја впиваше од сите пори на кожата, благоста ја исцицуваше и саде горчината во телото ми ја остави. Тој ден кога раните со нокти ми ги гребна, а усните ми ги парчоса каснувајќи ме по нив, смислениот заговор да го спроведам одлучив и за сите маки што ми ги нанесе достојно да ја казнам: во сништата легло ѝ подготвив и од јавето сакав да ја иселам. Но, таа, итрица божја, чиниш намерите мои ги насети та замина и неколку дена не дојде вратата од ќелијата да ми ја отвори, жедта да ја угаснам и белата кожа да ѝ ја милувам. Почнаа орли да ме надлетуваат оти на мрша им наликував. Не сакав да се предадам, та затоа по минувачите довикував од ќелијата да ме излечат како би можел со црни солзи белите утра без нејзе да ги оплакувам и клетва да ѝ пуштам за злото што ми го стори. Со денови повик до забрадените камилари упатував, но ветерот противник ми беше та зовот мој во друг правец го усмеруваше. Сè додека еден од нив не ме дочу и за мој спасител се прогласи. Благодарен му бев на непознатиот патник што ме одврза, жалосно ме погледна и згаден од раните што ми го покриваа телото пред мои нозе плукна. „Што злоча била та така те парчосала?!“ – воздивна туѓинецот откако од ќелијата ме извади и патот свој го продолжи. На колебливоста гостопримството ѝ го откажав, та не ѝ дозволив за миг одлуката да ми ја преиначи; кон Мека се упатив, за таму мелем за раните да побарам и со вода од изворот Земзем да се насладам. Камилата ја јавнав, на тажните орли поздрав им испратив колку да сфатат дека никогаш нивна мрша нема да бидам бидејќи телото она ми го истроши и сè што беше сочно од него исцеди. Црни мисли ме надвасаа токму кога Дамаск остана далеку зад мене. Кога чудно црнило зраци ги попречи пустината да ја милуваат. Не беше облак ниту пак прашина од ветерот носена, туку јато црни гаврани ја надлетаа пустината во три слоја поредени за сенката што потешка да биде. Не знам дали од замор или застрашен од таа сенка што ја натежна пустината, камилата крик тажен пушти. Телото ми се вкочани, месото од коски се одлепи и сакав да викнам, но што полза на празнината и тишината таква недостојна храна да им понудиш. Во далечината кикот гласен слушнав, што во ронки надеж напластуваше во мојата свест. „Еј, која и да си, те преколнувам ука да ми дадеш како да се спасам за оваа сенка да не ме голтне и што се случува!“ Од вревата на гавраните мојот повик на лелекање наликуваше. Кога почна телото да ми малее и силата да ме напушта, чиниш од прашината изникна, се појави млада мома гола како од мајка родена. Како јавач кршен и на камила израсната, скокна и во мојот скут се најде. Што ми велеше не можев да ја слушнам, но говорот на нејзиното тело помно го следев, бидејќи со својата топлина силата ми ја враќаше и сите дамари со крв ми ги полнеше. „Та кажи која си, зарем си саде патоказ за осамените патници изгубени низ пустината?!“ – ја прашував милувајќи ја нежно од страв да не одненадеж ме напушти токму онака како што неочекувано се појави. Недвојбено, таа не ме слушаше, мојот глас ништо не ѝ значеше. Волчица преиначена во жена е таа, велев во себе, уште една ненаситна волчица што телото ќе ми го глода. На нејзината милост ѝ се предадов оти избор друг немав и во вистинско време ми се најде кошмарот на патувањето да ми го олесни. Кон мене се врати. Напразно ја убедував дека зло дозиваш кога обратно камилата ја јаваш. Со бакнежи ме замолкна и душата ми ја наслади. Потоа стана и простум над камилата стоше. Како барјак се вееја нејзините руси коси а телото израсна во витко копје. Ја држев да не падне, моите раце нејзината снага ја зацврстуваа за седлото на камилата да не го свитка ветерот. Знаменосец кршен станав, бојот со себе го започнав. Кога вревата на гавраните далечината ја голтна а сенката што ја создаваа над пустината сончевите зраци ја избришаа, момата скокна наземи, грст прашина в лице ми фрли и погледот ми го замагли. Не видов ни каде замина ниту која беше. Само уште неколку мига го слушав нејзиното кикотење. Набргу дамарите без крв ми останаа и телото ми овена. Не ќе стасаш далеку, пијавицо една со мојата крв надуена, викав по неа од замор истоштен. Јавањето го продолжив, но сега тажен што ја напуштив ќелијата каде што Фатуше ме затвораше за да ме штити од ненаситната лакомост на пустинските лисици. Можеби и ќе умрев да не ги здогледав ридовите покрај Мека. Жуборењето на изворот Земзем сила ми влеваше да издржам. И така истоштен, низ улиците на Мека се упатив. Минувачите ги молев патот за Арафат да ми го покажат. Кога стасав таму, со светата песок лицето го истрив. Видот да ми се врати и пукнатините на кожата да ми се излечат. Таму ја сретнав Фатуше. На светците вода им носеше за лице да си мијат. Фенер в раце држеше за тие несметано да се клањаат. Значи со нив ме изневеруваше!? Кога умор те натиснува, голтајќи свежина од моето тело, кај овие старци доаѓаш гревовите да ги очистиш, сакав да ја прекорам, но вкочанет останав; до појас беше гола, но ги немаше убавите цицки кои саноќ ѝ ги милував. На градите проѕирен облак ѝ лебдеше, а таму зад него мојот замаглен лик кон мене гледаше. Фатуше, промрморев за да не ги вознемирам светците во молитви нурнати и грев да не сторам клањањето да им го расипам. Ме погледна милно. Од лакомост никогаш мојот влог не го ценеше, шепна таа осветлувајќи ми го за миг лицето. Мило мое, зошто им слугуваш на тие што слуги треба да ти бидат, ја прашав. Таа се насмеа. Погледна кон запад каде што месечината бакнувајќи се со пустината се збогуваше. Потоа Фатуше запеа. На ноќта приспивна песна ѝ пееше, исто како некогаш мене кога ме покриваше со своето тело.

Лектура: Игор Исаковски

АвторКим Мехмети
2018-08-21T17:21:53+00:00 ноември 1st, 2001|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 23|