Закоп

Рабинот беше моја грешка, тоа е потполно извесно, јас бев тој што велев дека тоа треба да го стори токму тој младич, јас бев тој, се правев важен, велејќи дека тој е талентиран и дека мора да му се даде шанса за работа, дека токму тој треба да ја закопа баба ми, мајката на татко ми, зашто таа беше причината поради која семејството се собра (со исклучок на емигрантите), сите пријатели и колеги, оние што дојдоа да се смеат, благодарните преживеани и заситените пензионери, целиот клан, сите се собраа овде крај мртовечницата зашто никој не се осмелуваше да влезе внатре пред семејството а во исто време не можеа да увидат дека под сомотскиот покров на добрите манири нивното присуство е грубо мешање во животот (или во смртта) на семејството, дека секој поглед од нивните очи и секоја реченица што ја искажуваат ја расцепува интимноста на последните скриени моменти, но што да се прави, никој не може да ги набрка, па сите стапуваме во засводената одаја, студениот воздух ми го зграпчува тилот, иако надвор светка априлското сонце, неговите зраци ги разбиваат последните остатоци од зимата, милувајќи го покривот и ѕидовите но топлината и светлината не влегуваат во зградата и додека во длабочината на подрумот под засводениот простор има тела подготвени за својот закоп во некое скоро време, еден кат погоре, еден чекор поблизу до крајот на церемонијата ние, поблиското семејство, сме поставени според строгата кореографија од обете страни на отворениот ковчег, жените на едната, мажите на другата страна, сите на мали престоли, како на сцена, а таму долу, пред несмасниот ковчег седат гледачите, се надевам нема да ракоплескаат, вели еден блесок на очај во мојот мозок, се приближувам кон татко ми на клупата, можам да почувствувам како тој се тресе, наведнувајќи се нанапред, од задниот полупрофил можам да му ја видам само шапката, смешно поставена на врвот на неговата глава, ободот не може да му ја скроти густата кадрава коса околу облото лице, шапката таму горе само балансира, за да го избегне падот, но неговото тело се тресе и јас се чувствувам парализиран, иако тој плаче пред тие испитувачки очи, би требало барем да го покрие лицето за да не го видат, тоа е сепак срамно, и што е најстрашно од сè тој плаче пред мене, сепак не би требало да го видите вашиот татко како плаче, но пред кој друг тој впрочем би можел да плаче, ова е апсурдно, а јас не можам ни да се мрднам, јас би бил повреден доколку тој се помести настрана и навистина не знам како би реагирал на моето сочувство, но мојата рака веќе е на неговиот грб, што и да се случи, но ништо не се случува, тој сè уште се тресе во липоти, се наведнувам нанапред, и конечно тој го вкопува своето лице во десната дланка, но липта како дете, тој момент е скандалозен и јас сум беспомошен, не си ја знам улогата, што е она што можам да го сторам и што воопшто треба да сторам, овде горе, на сцената, во рафалната стрелба на набљудувањето, каде што за момент сме деградирани во второстепени ликови додека канторот почнува да пее и рабинот ги полни градите со воздух, подготвувајќи се за посмртната проповед, со главата горе, стомакот вовлечен, градите испакнати, ете го, почнува, зборувајќи слободно, со желба да импресионира, правеше забелешки пред некој ден кога, подготвувајќи се за овој настан, зборуваше со мајка ми и татко ми, кои што на долго и на широко го разработуваа секој период од животната приказна на баба ми, роднините ’што мораат да бидат споменати’, пријателите ’што ѝ беа толку блиски’, а тој сега и не гледа во своите белешки, како врвен студент на испит, мешајќи ги, без да трепне, роднините, имињата и фактите, хероизмот на сестрата со речиси ништожната наклоност на братучедот, така што безвредните се воздигнати а оние што останале верни се едвај споменати, а мене лицето ми гори додека ги барам очите на мајка ми онаму каде што седи, гризејќи си ги усните, опкружена со женски роднини, гледајќи ја со исплашени и неподвижни очи непоправливоста во самото нејзино одвивање, оние загрижените околу неа гледаат кон нас со неподвижни очи како восочни фигури во галерија, внимателно го погледнувам татко ми, неговата шапка се лизнала наназад, ги потрошил солзите, неговите очи се обвиткани со вчудовиденост, додека нишка со главата во неодобрување, грст од песок чкрипи во машинеријата на оплакувањето, како да вели дека животот е серија од coresi и мојот стомак се грчи во мислата: зошто инсистирав, зашто рабинот е моја грешка, тоа е потполно извесно, сега тој мавта со неговата рака, диригирајќи, сите мораме да станеме, толпа луѓе, сите заминуваат, додека ковчегот го префрлуваат на рачна количка, дрвените тркала со челични облатки тропотат по иситнетиот камен на тесната патека, целата конструкција се клати, гробарите мораат да го придржуваат од обете страни, како канторот со неговиот напукнат глас да се молеше за тоа ковчегот да не падне наместо да ја испее неговата монотона песна за да ја поведе мртвата душа во кралството на Шеол каде што гласот би ја водел како треперлива свеќа, ако песната не се удави во вителот од остатоците на вознемирувачкиот разговор, бидејќи жената со една рака, сестрата на мојата баба, чие што тело беше разделено на нагорнината кон Биркенау и чија што благородна великодушност рабинот ѝ ја припиша на една друга личност додека таа беше спомената патем, бесно гестикулира и, профилтрирани низ нејзината дебела крзнена шапка, ловам парчиња од нејзината насолзена тажаленка, остро прекорувајќи ја мајка ми која што, пак, ја преколнува да не го прави тоа сега и не тука, молејќи ја да престане, за тоа можат да разговараат подоцна, само таа нека почека до крајот на церемонијата, потоа, откажувајќи се, се враќа кон татко ми, го позема за рака, и јас им се придружувам, застануваме крај неа и излегуваме полека, тивко и рака под рака, додека чувствувам дека би можел да ја убијам еднораката жена затоа што направи сцена иако таа е во право и грешката е потполно моја, јас бев тој што настојуваше рабин да биде младичот, јас бев тој, се правев важен, велејќи дека тој е надарен а еве го сега, ги предизвика сиве овие неволји, вријам од згуснат бес со очите барајќи го неговиот причинител, но сега стоиме околу гробот, опкружувајќи ја камената плоча под која што почива пепелта на родителите на мојата баба, бидејќи ‘сакам да почивам крај стапалата на моите родители’ имаше обичај да каже, и ќе биде така освен ако земјата не попушти зашто мораа да го копаат нејзиниот гроб под другите два и не е сигурно дека, ако тоа воопшто успее, почвата нема да се лизне надолу потисната од тешкиот гранитен покров, сега откога ја вознемирија, а се јавува и друг проблем, ковчегот ќе мора да биде превртен настрана низ отворот во каменот, а ковчегот, натоварен со тешко тело секогаш се заглавува, задавајќи им проблеми на гробарите, но барем не им студи додека се обидуваат да ја напикаат в земја кутијата во која што е содржана баба ми, ова е моќна жена што им се спротивставува на дејствата на придружниците, последната битка за овој свет, нема лесно да ја отстранат од животот, сите гледаат напнато, тук-таму разменувајќи по некој шепот, лицата на моите родители се престрашени, молејќи се да не тргне нешто наопаку, молејќи се агонијата да заврши што поскоро, конечно ковчегот ја допира земјата со тежок удар на врвот врз студениот, глинен ѕид та мајка ми и татко ми отстапуваат речиси истовремено, но сега тој е внатре, конечно влегува и другиот крај, им нудат лопата, кадиш? прашува рабинот, но татко ми одбива, тој може да започне, и навистина рабинот започнува, Јишгадал в’јишкадаш ш’мај рабо, додека грутките земја продолжително паѓаат, свето и величано нека биде името Негово, тој едноставно си тера понатаму, во овој свет што Он го создаде по волјата своја, иако тој нема ништо со починатата, и нека го изгради кралството свое во животите ваши и деновите ваши, ниту со кого било, жив или мртов, и во животот на сета куќа на Израел, во иднината и во идните дни, нема лична блискост, и рече при тоа: Амин, само безмилосна убавина, нека Неговото велико Име биде благословено за век и вјеков и во вечни времиња, и верба, нека биде Он свет и величан, соочен со сè, почестен и воздигнат, одново и одново, обожуван и воспеван, неколку пати истакнато, нека Името на Светиот биде обожувано и почестено, кога си измамен од твојот сосед, нека биде благословен Оној што престојува во слава, на твојот посед, повисока од секој благослов и песна, молитва и утеха што можат да бидат искажани на овој свет, зашто тој е светиот, и рече при ова: Амин, а вака условите се неправедни, нека има изобилство мир од небото и животот кон нас и кон сиот Израел, и тоа нека биде запишано во книгата на вечниот живот, и рече при ова: Амин, Хандела бат Чана, рабинот го изговара хебрејското име на баба ми низ внимателни, звучни слогови а тие веќе ја затрупуваат и ја рамнат онаа страна на гробот што ја беа отвориле, морници ми лазат по ’рбетот, како и секогаш кога мислам на неподвижноста, и на неподвижноста таму долу, под тони земја, дури и ако штиците не се заковани и наспроти мојата очајна верба дека коските ќе тргнат по својот пат кон Ерусалим јас знам дека таму долу е грозно, дури полошо отколку што е овде горе каде што пријателите и туѓинците ги пружаат дланките за поздрав та јас се нурнувам во толпата, обидувајќи се да исчезнам, далеку од семејството, далеку од оние со кои имам барем нешто заедничко, бидејќи со тоа навистина не можам да се справам, стискањето на мојата дланка, искреното затресување со кусо силно стегање или набарувањето со лигава мекост и шепотејќи низ врел здив во моите уши Прими-го-моето-сочувство, или можеби само нишкајќи ја главата со рапави заби, знам-како-се-чувствуваш, никако, не, мојата болка е само моја, ги знам сите кои што се исто така повредени од сево ова и тоа е доволно, сега не ми треба мирудијата на зборовите, оставете ми го нематеријалниот свет на тишината, единствената можност за контакт со световите инакви, над или под, со оние што живеат или опстануваат во нив, каде што нема напојници како оние што сега татко ми ги остава во скутовите на гробарите кои што изминатите неколку минути седеа како на трње и кои што сега, конечно, и со чести подзастанувања, нè напуштаат, да нè остават сами минута или две, малку време за да се заматкаме околу гробот, оние неколку минути во кои што не сакате да заминете иако веќе нема што да се прави и морате да побрзате зашто поширокото семејство веќе наближува кон портата, се обидуваме да ги стигнеме за да ги поканиме во станот на баба ми, каде што сендвичите, пијалаците, питите и колачите веќе чекаат, внимателно подготвени, за гостите на ‘погребната гозба’, ова е варварски, ѝ велам на мајка ми, зошто сите тие не си одат по дома, но таа сепак вика по нив, дури и не реагира на она што го реков, потиснувајќи го она што таа сакаше да го каже, туку само мавта кон другите за да почекаат додека не ги стигнеме на портата од гробиштата, но таа дури не може ни да ги изговори зборовите од поканата зашто, како кога шишето е отворено, сета церемонијалност завршува овде, бесот шушти и крцка како целата потисната тензија да се излева нанадвор, предводена од жената со една рака, сестрата на мојата баба, која што вреска со висок глас, дека тоа било намерно, дека било сторено со некаква цел, таа отсекогаш знаела, отсекогаш претчувствувала дека таа не им се допаѓа, и дека ние сме го потплатиле рабинот или намерно сме му дале погрешни информации, таа вреска во полу-крик додека мајка ми се повлекува наведнувајќи се благо нанапред, со раце прекрстени на градите, хистерично смеејќи се, на работ на колапсот, добро е што татко ми е сè уште зафатен со исплаќањето на рабинот, не го слуша ова, а повеќето од роднините се поздравија и заминаа, мајка ми секако не треба да биде сама, та јас, исто така, додавам неколку гневни зборови и мајка ми на крајот ме смирува мене, потоа одеднаш сите се стишуваат, рабинот, што е моја грешка, тоа е потполно извесно, излегува, јас бев тој, се правев важен, велејќи дека тој е талентиран, настојувајќи тоа да биде младичот и сега тој минува крај нас иако тој беше самиот Збор и сега дури прашува дали сме биле ‘потполно утешени’ од неговиот говор но наскоро почнува да жали поради своите прашања бидејќи во следната минута еднораката жена му одговара и, иако тој не може да сфати каде погрешил, рабинот станува дел од големиот развикан збир од кој што јас крадешкум се повлекувам и погледнувам кон татко ми, можеби се вратил кај гробот, телепатски му порачувам да не доаѓа, тој е навистина последниот кому му треба оваа мешаница во која што навредениот нема да даде прошка и само мајка ми и рабинот ќе бидат оставени да стојат на прагот, мислејќи околу тоа како би се поправила грешката, и конечно ќе се договорат дека рабинот би требало да напише писмо во кое што ќе објасни што се случило, извинувајќи се за својата грешка но сега мора да рече збогум и да замине, и ние исто така заминуваме, јас морам да стигнам на воз, мајка ми и татко ми ќе останат за да средат некои документи, но јас морам да одам дома, далеку, далеку од овој град во кој што повеќе немам причина за доаѓање, освен поради сеќавањата, се разбира, но денот сè уште не е завршен, откога им кажав на мајка ми и татко ми да не чекаат со мене на станицата и да си одат, ја потпрев главата на студениот прозорец од вагонот, зјапајќи надвор, и возот почна да се придвижува со тешко, обездишено пуфкање, и во тој момент го видов рабинот како наближува, трчајќи во неговиот црн костум и со неговата шапка со извиткани рабови, качувајќи се на истиот воз кон градот но јас бргу го вртам погледот на друга страна, се вртам, седнувам, ја повлекувам завесата, правам сè за да не ме види, за да се осигурам дека нема да дојде и да седне овде и за да избегнам да зборувам со него, зашто чувствувам и мала вина кон него, што е причина да го сокријам моето лице зад безбојниот материјал и полека да задремам во растечкото ритмичко тропотење на возот но сè уште ги гледам мајка ми и татко ми како влегуваат во мувлосаниот стан, мајка ми нервозно бришејќи, но потоа, признавајќи ја бесмисленоста, се откажува, седнува, потоа повторно станува, воздивнува и почнува да прави список на сите нешта што треба да се раздадат или да се фрлат, додека татко ми, не знаејќи што да прави со себе, лунѕа наоколу, со блага непријатност како срамежлив странец на забава, сè додека не дојде до подавалникот со сендвичите што ги чекаат гостите, ја пружа својата сомничава дланка, избирајќи две парчиња, ставајќи ги в чинија, темелно подготвувајќи се, земајќи ја салфетата од масата, загризувајќи во сендвичот со сласт, ова е фино, ѝ вели на мајка ми, образите му се полнат, потоа, со ненадеен изглед на откриен престапник, се обидува да ја сокрие детската насмевка, засрамен е од самиот себе, додека го дроби залакот, додека, како во треска, скршените очи на кристалниот сервис тажно отсјајуваат врз подавалникот за чај.

Од англискиот превод на Орсолја Франк, превел Игор Исаковски

АвторГабор Т. Санто
2018-08-21T17:22:14+00:00 август 1st, 1998|Categories: Проза, Блесок бр. 04, Литература|