500 години од Утопија на Томас Мор: трансформација на утопистичките идеи

/, Литература, Блесок бр. 110/500 години од Утопија на Томас Мор: трансформација на утопистичките идеи

500 години од Утопија на Томас Мор: трансформација на утопистичките идеи

500 години од Утопија на Томас Мор: трансформација на утопистичките идеи


Тешките услови за живот во средниот век, но и во времето на ренесансата ја поттикнале желбата за изнаоѓање на подобро опшествено уредување, но истовремено го откриле и песимизот, односно сомнежот дека општеството, онакво какво што е, може да се подобри. Тоа е индиректно видливо во утопиите што се појавуваат во првите два века по објавувањето на Утопија на Мор, во кои совршено општество е можно да постои само на некое друго, замислено, место. Со други зборови, овој период кај авторите не е видлива верба во можноста да се подобри животот во познатото опкружување, туку се надеваат на поидеален живот на некоја друга географска локација. Според Никол Пол (2010), „иако географските утопии/патеписните утопии од овој период се блиски до современите наративи на истражувачите, освојувачите и трговците, тие исто така ги проектираат и старите идеали за рајот во други светови“ (стр. 55). Рајот може да се наоѓа среде Тихиот Океан, како што е во Нова Атлантида (објавена 1627 година) на Френсис Бејкон, којашто ја следи познатата шема на случајно откривање на град во океанот во кој сè е подобро уредено отколку во татковината на авторот. Нова Атлантида се смета и за првата научна утопија, со што е предвесник на блиската врска меѓу научната фантастика и утопијата што најмногу доаѓа до израз во дваесеттиот век. Во случајот на The Blazing World (објавен 1666) од Маргарет Кавендиш, светот од кој се воодушевува авторката се наоѓа на место во друга димензија, таинствено поврзано со нашиот свет некаде во близина на Северниот Пол. Веројатно едно од најпознатите дела од овој вид е Гуливеровите патувања (1726) на Џонатан Свифт, во кое при последното патување, Гуливер пристигнува во земјата на Хуинамите (на англиски, постојат неколку верзии на изговор на: Houyhnhnms), раса на рационални коњи, кои живеат во слога, братство и меѓусебна почит, како што му раскажуваат домаќините. Овој свет е совршен бидејќи од него се елиминирани негативните аспекти на светот во кој живеел Свифт: војните, болестите, сиромаштијата, парите, алкохолот.

Некаде при крајот на осумнаесеттиот и почетокот на деветнаесеттиот век во утопистичките дела се рефлектираат и сменетите начини на размислување: развојот на науката и на идеите воопшто придонесе до зголемена надеж дека светот може да се смени кон подобро. Со таа идеја започнува и ерата на утопиите што се случуваат не на друго место, туку во нашиот свет, во иднината (нарекувани и euchronia во англиското јазично подрачје) во која е постигнат таков напредок што луѓето живеат среќно и задоволно. Меѓу првите утопии од овој вид е Годината 2440 (објавена 1771) на Луј-Себастијан Мерсие. Шемата што ја воспоставува Мерсие и која ја следат и многу подоцнежни утопии е: нараторот кој е современик на авторот на некаков начин (низ спиење, со временска машина или некаква таинствена порта) стигнува во иднината, каде што, слично како во утопиите од претходните векови, го пречекуваат жителите спремни да му го објаснат општествениот поредок во нивната земја. Утопистичките елементи кај Мерсие се гледат во тоа што нема сиромаштија, луѓто не се суетни ниту лакоми, сите се грижат за општото добро а не за сопствените интереси, а градовите се чисти со широки улици, додека облеката на сите е слична и никој не се истакнува ниту по облеката ниту по богатството. Слична шема користат и Едвард Белами и Вилијам Морис. Во Looking Backwards (1888) на Белами, нараторот од 1887 година се буди во 2000 година, каде што неговиот домаќин му објаснува како Америка се трансформирала. Во утопијата на Белами веќе нема сиромаштија, сите се вработени и сите добиваат еднаков дел од профитот. Морис, пак, во својата утопистичка визија News from Nowhere (1890), во која нараторот се буди неколку стотини години во иднината, опишува свет во кој цивилизацијата е напуштена во прилог на приближување на човештвото до природата: луѓето таму се секогаш љубезни, добро расположени, весели – нема сиромаштија, но нема ни напредок ни индустријализација, а сите работат не од обврска, туку од задоволство.

Х. Џ. Велс со голем дел од своите романи – од кои можеби најпознат е Временска машина (1895) – е пример за преодот меѓу овој вид на совршени општества во иднината и застрашувачки општества, кои се именуваат со зборот дистопии или анти-утопии (овие термини некогаш се користат како синоними, иако сè поголем број критичари прават дистинкција меѓу нив), мрачни визии на иднината, во кои е воспоставен тоталитарен режим и владее страв и песимизам. Иако бројот на дистописки дела е поголем, најмногу спомнувани во книжевната теорија и критика и најчесто поврзувани со подемот на фашизмот и сталинизмот се Ние (1924) на Евгениј Замјатин, Храбар нов свет (1932) на Алдос Хаксли и Илјада деветстотини осумдесет и четврта (1949) на Џорџ Орвел. Иако овие три романи често се спомнуваат во заеднички контекст, разликите меѓу нив се големи: додека, на пример, Хаксли искажува страв од преголемиот либерализам и развојот на потрошувачкото општество во Америка, стравот на Орвел е насочен кон негативните последици од воспоставувањето на тоталитарни режими и одземање на слободата на луѓето. Причините за трансформацијата на желбата за совршено општество во страв од совршено општество се многубројни, а главно се должат на историските и политички случувања во првата половина на дваесеттиот век, пред сè двете светски војни, што доведува и до целосна промена на структурата на утопиите, ако го земем поимот „утопија“ како општ термин за сите видови утопии – и утопии и дистопии и другите поджанрови што се појавуваат подоцна. Имено, место современик и сограѓанин на авторот/ката којшто патува на некое друго место или во друго време, дистопиите за свој протагонист имаат граѓанин од самото дистописки општество. Најчесто, протагонистот и не знае ништо или знае многу малку за тоа како изгледал светот пред да биде воспоставено општеството во кое живее.
Првата најава за можното згаснување на утопистичките идеи се случува во втората половина на дваесеттиот век, кога утопиите веќе не се толку фокусирани на градење совршено општество во иднината, ниту пак во нив се доминанти политички аспект, како во изминатите векови, туку почнуваат да се мешаат и со други жанрови, особено со научната фантастика. Во овој контекст може да се спомене романот The Dispossessed на Урсула ле Гвин, Woman on the Edge of Time на Марџ Пирси и The Female Man на Џоана Рас. Романот на Ле Гвин, на пример, се одвива на двојниот систем планети Урас и Анарес, при што следбениците на Одо емигрирале на Анарес и изградиле совршено општество. Иако во романот доминира научно фантастичниот елемент, на едно посимбилично ниво се забележуваат врски со политичката ситуација во светот од сегашноста на Ле Гвин, којашто авторката остро ја критикува, истовремено изразувајќи и сомнеж дека може да се воспостави совршено општество.

АвторКалина Малеска
2019-05-14T10:21:02+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 110|