Смртта на молецот

/, Литература, Блесок бр. 97/Смртта на молецот

Смртта на молецот

Молците што летаат преку ден е несоодветно да се нарекуваат молци; тие не уживаат во пријатното чувство на темните есенски ноќи и цутот на бршлените, кое и најобичните жолти молци заспани во сенката на завесата секогаш успеваат да го разбудат во нас. Тие се хибридни суштества, ниту весели како пеперутките ниту натажени како својот вид. И покрај тоа, овој примерок со своите тесни крилја во боја на сено со реси на рабовите во истата боја се чинеше задоволен од животот. Беше пријатно утро во средината на септември; тивко, љубезно, а сепак со поостар здив од оној на летните месеци. Плугот веќе го ораше полето наспроти прозорецот и онаму каде што поминал земјата беше рамна и сјаеше поради влагата. Толкава жестина се тркалаше надолу од полињата и падината што беше тешко да се задржат очите над книгата. И враните одржуваа една од нивните годишни прослави; извишувајќи се до врвовите од дрвјата сè додека не изгледаа како безгранична мрежа од илјадници црни јазли фрлена во воздухот која, по неколку моменти, полека тонеше надолу по дрвјата додека секое гранче се чинеше дека има по еден јазол на него. Потоа, мрежата одеднаш повторно се фрла во воздухот, но овојпат во поширок круг и во крајна врева и пискот, небаре да се биде фрлен во воздухот и полека сместен на врв од дрво е ужасно возбудливо искуство.
Истата таа енергија која ги инспирираше враните, орачот, коњите па дури и, се чинеше, навалената гола падина, го испрати молецот да трепери од едниот до другиот крај на прозорското стакло. Човек не би можел, а да не го гледа. Ниту, навистина, да го нема она чудно чувство на сожалување кон него. Можностите за уживање тоа утро изгледаа толку бројни и разновидни што да се биде молец тој еден ден изгледаше како тешка судбина, а неговиот елан за уживање во целост на неговите оскудни можности – патетичен. Тој енергично одлета во еден агол од просторот и по неколку секунди одлета кон другиот. А што друго му останува освен да одлета до трет агол, а потоа до четврт? Тоа беше сè што можеше да направи, и покрај големината на падините, ширината на небото, далечниот чад од куќите и романтичниот звук на паробродот што понекогаш се слушаше од морето. Она што можеше да го направи, го направи. Гледајќи го, се чинеше како некое многу тенко, но чисто конче од чудовиштната енергија на светот да се протнало низ неговото слабо и минијатурно телце. Честопати како што го минуваше стаклото можев да си замислам како нишка од таа животна светлина станува видлива. Тој беше живот, ништо помалку од тоа.
Сепак, бидејќи беше толку мала и едноставна форма на енергија која кружеше кај отворениот прозорец правејќи си пат низ толку многу тесни и испреплетени ходници низ мојот и мозоците на другите луѓе, имаше нешто чудесно и патетично кај него. Небаре некој зел ситно зрно живот, го украсил со многу малку пердуви и го поставил да танцува наваму-натаму за да ја покаже вистинската природа на животот. Прикажано на овој начин, човек не би можел да ја преброди ваквата несекојдневност. Човекот е склон да заборави сè за животот, гледајќи го грбав и управуван, дотеруван и отежнат така што треба да се движи со најголема претпазливост и достоинство. Повторно, помислата дека животот би бил повеќе кога тој би се родил во која било друга форма предизвикува човек на неговите едноставни активности да гледа со сожалување.
По некое време, уморен од танцувањето, се смести на работ од прозорецот на сонцето и кога на чудната претстава ѝ дојде крај заборавив на него. Тогаш, погледнувајќи нагоре, погледот ми застана на него. Се обидуваше да го продолжи играњето, но изгледаше толку вкочанет или несмасен што можеше само да трепери на дното од прозорското стакло; и кога се обиде да полета не успеа. Сконцентрирана на други нешта, ги гледав овие залудни обиди без да размислам, несвесно чекајќи да го повтори летот, како што ја чекаме машината која моментално запрела да продолжи без да размислиме за причината на неуспехот. По седмиот обид се лизна од работ и треперејќи со крилцата падна на грб на штицата од прозорецот. Неговото беспомошно однесување ме поттикна. Се присетив дека има тешкотии; повеќе не можеше да се подигне, нозете залудно му се напрегаа. Но, како што посегнав по молив со намера да му помогнам да се исправи, ми изгледаше како неуспехот и несмасноста да беа пристапот на смртта. Повторно го спуштив моливот.
Нозете му се придвижија уште еднаш. Изгледав како непријателот против кој се бореше. Погледнав низ вратата. Што ли се случило таму? Веројатно беше пладне и работата во полето запрела. Тишина и мир ја заменија претходната живост. Птиците полетаа за да се хранат во потоците. Коњите нечујно стоеја. И покрај тоа, енергијата надвор беше иста, толпата рамнодушна, безлична, не занимавајќи се со ништо особено. На некој начин беше спротивставена на малиот молец со боја на сено. Беше бескорисно да се обиде нешто да се направи. Можеше само да се гледаат извонредните обиди на тие ситни нозе против несреќата која доаѓа и би можела, доколку одбере, да потопи цел град и не само еден град, туку мноштво луѓе; знаев дека ништо не може против смртта. Сепак по паузата од исцрпеност нозете повторно затреперија. Овој последен протест беше врвен и толку очајнички што конечно успеа да се исправи. Сите симпатии, секако, беа наклонети на страната на животот. Исто така, кога никој немаше да се грижи или да знае, овие гигантски напори од страна на еден незначителен мал молец против сила со таква магнитуда за да зачува нешто што никој не го вреднува или сака да го зачува – чудно трогнуваа. Уште еднаш, некако, можеше да се види живот, чисто зрно. Повторно го подигнав моливот иако знаев нема да биде потребен. Но како што го направив тоа јасните симболи на смртта се појавија. Телото се опушти и веднаш се вкочани. Борбата заврши. Безначајното мало суштество ја осозна смртта. Додека гледав во мртвиот молец, овој ситен попатен триумф на толку голема сила над толку безначаен антагонист ме исполни со вчудовиденост. Исто како што животот беше необичен пред неколку минути, така сега смртта беше необична. Исправениот молец сега лежеше пристојно и многу воздржано. О да, изгледаше како да вели: смртта е посилна од мене.

Превод од англиски: Теа Дуза

АвторВирџинија Вулф
2018-08-21T17:20:43+00:00 август 23rd, 2014|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 97|