Придобивки во преводот

/, Литература, Блесок бр. 42/Придобивки во преводот

Придобивки во преводот

Во април 1992, во Рим имав рандеву со мојот љубовник на далечина, Алеш. Патував со прекуокеански лет од Њу Јорк, а тој пристигна со воз од Словенија. Седејќи на една клупа на Пјаца Навона го чекав да дојде и ја отворив книгата која почнав да ја читам во авионот претходната ноќ: Immortality од Милан Кундера. Иако е можеби тешко човек да се занесе во една приказна за измислени љубовници додека сред празен плоштад го чека својот вистински љубовник, чистотата и оригиналноста на раскажувањето на Кундера беа такви што ме занесоа. Завршив едно поглавје – она кое завршува во моментот кога Пол трча кон болничкиот кревет на Агнес, очаен по последниот бакнеж – и ја вртев страницата за да се втурнам во следното, кога почувствував дека некој седи до мене на студената камена клупа и почувстував допир од рака на грбот. Се завртев и го видов лицето на Алеш, повеќе не далечно, како гледа во моето.
Во тој момент, Кундеровите Пол и Агнес исчезнаа на сончевиот плоштад. Алеш, без да знае го презеде Половиот фикционален импулс, наведнувајќи се да ме бакне, но токму пред неговите усни да ги допрат моите, сопре и изненаден извика: „Чекај“, рече, и од својот ранец извади книга. „Гледај“, рече триумфално. Неговата беше со меки корици, додека мојата имаше тврд повез и поинаков дизајн на кориците, но совпаѓањето беше несомнено. Книгата која Алеш ја држеше пред мене беше насловена Nesmrtnost и беше напишана токму од Милан Кундера. Ставајќи го својот примерок врз мојот, Алеш ми го зеде лицето меѓу дланките: „Читаме иста книга“, прошепоти. Лицето му беше толку близу до моето што можев да ја осетам топлината на неговите зборови врз сопствената кожа. Но, од сите нешта кои можев да ги кажам во тој миг, од сите романтични фрази кои можев да ги промрморам или да ги кажам низ воздишка, ова беше мојот одговор: „Само што ти ја читаш во превод“.
„Обајцата ја читаме во превод“, ме исправи Алеш, можеби размислувајќи дали воопшто сака да ме бакне, после сè. Особено студенило му го обои гласот и се чинеше сосем можно дека после долгите месеци на исчекување, нашата врска ќе заврши тука и сега. За среќа, мојата само-предизвикана состојба на ништожност брзо заврши. Не само што Алеш се смилува да ја културната империјалистка која што толку заслепено го имаше присвоено целиот свет на кнжевноста во својот сопствен јазик, туку и се ожени со мене по нешто повеќе од една година. Врвната иронија на приказнава е дека по неколку години проживеани во туѓа земја, таа – тоа сум јас – стана преведувач од словенечки на англиски и сега, после повеќе од една деценија, кога и да посегнам по некој роман или збирка поезија во некоја книжарница, прво ја отворам страницата каде се набележани авторските права, за да проверам дали е книгата во превод, а потоа вртам кон последните страници за да ја најдам белешката за преведувачот. Ми се чини дека се подразбира дека во многу прилики во изминатите години – на вечерни забави, поетски читања, меѓународни поетски фестивали – разговорот често се насочуваше во дискусија околу американската културна доминација. Секогаш можам да го насетам моментот во разговорот кога Алеш едвај се воздржува да ја спомне сега веќе бесмртната анегдота за неговата жена Американка и Бесмртноста на Милан Кундера. Обично, му упатувам молебен поглед за да го спречам јавното посрамотување. Но по некое време, имав желба приказната да биде кажана, можеби затоа што имав сфатено дека мојот faux pas не беше бил случај на лична глупост, туку дека сум била под влијание на националните и книжевните традиции со кои сум израснала, како и на големиот број непроверени претпоставки за преведувачите и преводите.
Се разбира, воопшто не изненадува што една земја која ужива несомнена културна и стратешка надмоќ, како што е тоа случај со Соединетите Држави на почетокот на XXI век, има несигурен став околу скромната уметност на преводот. Конечно, преводот, што и да е друго, пред сè е чин во кој туѓото се претвора во разбирливо и како таков е неодминливо политички. Создавањето на преводи во една земја со моќ и сосредоченост врз себе, како што е случај со САД, го отсликува односот на нацијата кон туѓиот друг. Во последните неколку години, овој однос почна да станува сè пооптоварен, особено со американските традиционални културни и политички сојузници на европскиот континент. Во секој случај, општото потценување со кое се соочуваат преведувачите и преводот, значи странската книжевност воопшто, во Соединетите Држави се огледува во буквално секој аспект на издавачката индустрија: бројот на преведени дела кои на пазарот се појавуваат во една година, бројот на продадени примероци од не-американски книжевни дела кои успеваат да стигнат до полиците на книжарниците во земјата, хонорарите и авторските права кои им се доделуваат на преведувачите, начинот на кој за преведените дела се пишува, и конечно – потценувачките претпоставки кои влијаат на самиот преведувачки занает.
Лоренсе Венути, во првото поглавје на неговата студија Невидливоста на преведувачот: Историја на преводот (Lawrence Venuti, The Translator’s Invisibility: A history of translation), изнесува податоци од издавачките статистики, условите во договорите, и извадоци од книжевни осврти, со цел да ја прикаже страотната состојба на преводот на американскиот пазар. Една од најпоразувачките статистики вели дека преведените дела опфаќаат помеѓу 2% и 4% од сите објавени книги во САД на годишно ниво; вџашувачки мал процент кој речиси и да не се сменил во изминатите неколку децении. Бројките од Велика Британија се слично анемични, што навестува дека незаинтересираноста за странска литература може да произлезе не само од политичка и воена надмоќ, туку и од надмоќта на јазикот. Англискиот јазик е несомнено светскиот lingua franca; навистина, се вели дека денес има повеќе луѓе кои го зборуваат англискиот како втор јазик отколку што има родени говорители. Но, она што не може да се одрече е фактот што земјите чии жители го зборуваат англискиот како свој мајчин јазик и кои создаваат купишта текстови на оригинален англиски се, како што вели Венути, „агресивно еднојазични“. Колку за споредба, продукцијата на преведени дела во поголемите западноевропски земји се движи помеѓу 7% и 14% од вкупно објавените дела, од кои околу половина се преводи од англиски. Кон навредите за преведувачите се додаваат и финансиските повреди: американските преведувачи не можат да преживеат од своите хонорари, дури и ако се вработени на полно работно време. Сите, освен најславните, најчесто ги ангажираат со „договор на дело“ а обезбедена им е минимална или никаква заштита на авторските права. Со други зборови, доколку и се случи неверојатното па некое преведено дело да стане бестселер, преведувачот најверојатно нема да има никаква корист од тоа.
Секако, со неколку исклучоци (какви што се Милан Кундера, Габриел Гарсија Маркез и чудните странски дела кои ги избираат во клубот на читатели на Офра – Бернард Шлинк со неговиот Читач е првото што ми паѓа на ум), преведените книги ретко кога стигнуваат на листите на најпродаваните во Америка. Всушност, странските автори не се регистрирани од радарите ни на најпрефинетите Американци сè додека не добијат некоја престижна меѓународна награда, а најдобро е тоа да биде најпрестижната: Нобеловата награда за книжевност. Понекогаш, сепак, дури ни тоа значајно достигнување не е доволно. Кога Имре Кертес, унгарски автор, ја доби Нобеловата награда во 2002, се откри дека само две од неговите книги се објавени во превод на англиски, и дека поуспешната од двете, Без верба (Fateless, Northwestern University Press), се продала едвај во 3.500 копии. Нортвестерн потоа продаде уште 40.000 копии, но и покрај овој мал успех, неодамна беше принуден да ги намали средствата за литература во превод. Дона Шир, директор на оваа издавачка куќа, даде искрено објаснување за намалувањето, во еден неодамнешен напис во Њу Јорк Тајмс: „Скапо е, а книгите не се продаваат“.

2018-08-21T17:21:33+00:00 мај 1st, 2005|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 42|