Патоказот и патот

/, Литература, Блесок бр. 20/Патоказот и патот

Патоказот и патот

Третиот ден, веќе „стар волк“ на автопатот, Муаз лесно регистрираше низа измени. Суптилни, навидум неповрзани, но неговото изострено внимание и изграденото разбирање јасно ги организираа во нова порака на еден невидлив патоказ. Поточно, упатство и подготовка. Сообраќајот се проретчи. Тие што возеа, главно, како и тој, беа опитни, сигурни возачи. Повремено се претркуваа. Се разбира, и тој се претркуваше. Колку да мине времето, (а времето сè уште беше совршено!). Да се скрати денот (и деновите се редеа јасни, долги, од оние што немаат крај ни наситка). Патот одеше на Југ. И како да ја губеше, постапно, одвај видливо, но по многу знаци, несомнено, онаа висина од која започна. Го виде тоа по интензивната вегетација. Како тука да владееше летото. Плантажи овошје, главно веќе зрело. Стемнетите, загасено, воспрегнато зелени круни од дрвјата. Проретчени ливадски цвеќиња. Треперењето на вжештен воздух, в далечина, пред него, врз црниот и веќе, како малку стеснат автопат. Би рекол, водни локви во коишто се рефлектира небото, од растопено, светло олово излеано. Нови и нови возачи се вклучуваа, старите, тие што ги беше сретнал и забележал по патот претходниот ден, пак, беа сè поретки. Неколкумината, со кои како од секогаш да се познавал, што од првиот ден ги виде на патот, и што по истите патокази како него, веќе три дена патуваа, му беа блиски. Браќа родени.
Па заспа и таа ноќ. Малку, сосема малку и сосема неодредено, вознемирен. Пловеше како да не ги беше изарчил силите, како да не ја доби дозата од возбудите за тој ден. Но, уморен не беше. Откога ја разгледа внимателно и од сите страни својата Vindemiatio Terta, и не најде ништо што би му пречело, сонот го посети без најава, а слатко.
Денот четврти. Сеча на кнезови. Автопатот заврши. Во неколку верижни судири останаа и последните од оние сопатници со кои патувал од првиот ден. Патоказите беа сè поретки. Излитени. Често скршени. По правило – нечитливи. Но, ако претходниот ден беше „стар волк“, сега навистина беше стар тигар. Додека и интуицијата, и искуството, и концентрацијата, му беа сè поизострени, и покрај напорите на непрекинато патување, сè уште не го беше ни допрела премаленоста. Свежината, крепкоста, рефлексите, не се раликуваа од она што беа првиот ден од големото патување. Така, и покрај неколку крајно сериозни искушенија, остана на патот. На својот пат.
Имаше срце да влезе во две или три критични и неизвесни ситуации на претекнување на сосема непрегледни места. Послужија и среќата јуначка и автомобилот. Се снајде во зоната во која патиштата беа сè уште добри и видливи, но знаци немаше никакви. Го најде пак својот пат јасно маркиран со знакот што посочуваше кон неговата цел. Забележа дека патоказите веќе одамна не се ни јасни, ни доволно чести. Дека е потребно подолго и подолго да вози потпирајќи се врз себе. Разбра дека градителот на патот тука ја дозирал својата интервенција така, за да го тестира патникот, наместо да му олесни. Грешката сега беше не само можна, туку сосема реална. Во секој миг можеше да се промаши, одмине, згреши.
Vindemiatio Quarta, таа, четвртата ноќ, не му се препушти лесно. Се расправаа долго, пред да се разберат. Но заспаа со здрав, длабок сон. Како и претходните. Прегрнати.
И еве го сега тука. Патува веќе петтиот ден. Петтата ноќ, поточно. Само што тргна утринава, во мугрите, забележа дека патокази веќе и нема. Барем не неговиот. Некои нејасни знаци, скршени табли, стрелки кои посочуваа, но не кажуваа каде! – тоа имаше. Но, никаква трага, макар и како загатка, ребус, навестување, од знакот што тој го бараше, веќе немаше. И патот сосема се смени. Тесен, лош, излокан, две возила да не можат да се разминат.
Но од таму и така веќе никој не доаѓаше!
Некако ги мина сите тешкотии и ги совлада пречките кои толку зачестија, што беше подобро да се зборува за една непрекината пречка, која само ретко, и сосема на кусо време, оставаше да се здивне. А кога се стемни тој ден, никаков мотел, преноќиште, засолниште. Ни знак од него. Згора на тоа, застуде. Ова не личеше на есен. Ова беше есен. И така, еве го, вози веќе дваесетина часови практично без прекин. Зеде канистери гориво претходниот ден. Се подготви Муаз. Се програмира за долго патување низ тешки и пусти предели. Не беше проблем да оди. Уште долго. Но, не знаеше веќе – каде!? Имаше пат, каков-таков. Од ништо не можеше да заклучи беше ли тоа неговиот пат?
Потпрен само уште врз силата, која не го изневери, и интуицијата, за која не знаеше колку му е верна, (не оти знак некој се наоѓаше по кој би ја осоколил заради погодокот, или скарал поради грешката), сега вози среде ноќ. Глува доба. За сè да биде полошо, веќе два саати истура дожд. Секавиците го расечуваат црното тесто од кое е замесена темнината; удираат, миг потоа, громови. Бришачите здивено, како во амок, трчаат горе-долу по ветробранското стакло. Но попусто. Пред да се спуштат, млазеви дожд го прекриваат она што тие го беа, миг пред тоа, отвориле за видот; а откога, кренати, ќе го префрлат водопадот дождовница на другата страна, нови катаракти удираат со порои.
Муаз вози. Трепка, го напрега видот. Но, повеќе вози и напредува така, на пуста среќа. И додека инстиктите и сетилата му работат, преземајќи ја неговата судбина сосема во свои раце, умот му се ослободува. И почнува да размислува, лефтерно, мирно, како во некоја летна попладневна сиеста, по добар ручек. Размислува Муаз за патоказот и патот.

Патоказот и патот!
Овој свет не познава две такви дилеми.
Оти, во неа е сосредоточена сета тежина на проблемот на Хамлет. Само посуптилна. Не и побезопасна. Killing me softly, убиствена, но стивната. Не вреска, не се запенува од исплашеност пред сопствената смелост да Погледне преку работ! Во бездната, во која, гледал-не гледал, ќе мораш да рипнеш. Дали со следењето патокази, по претходното прифаќање да се тргне на патот (Оф, колку само проблематично, колку непредвидливо по свои последици прифаќање!), не се поништува сопствениот истражувачки дух, креативниот занес, накусо, дали воопшто се патува својот пат и живее сопствениот живот!? Не се губи ли сета смисла на патувањето со такви „пакет аранжмани“ – планирани за оние кои, по патувањето, ќе имаат каде да се вратат!? Од ова патување, наречено живот, Тао! – меѓутоа, нема веќе враќање. Ако тука патуваш по туѓи патокази, како воопшто да не си го поминал својот дел од патот!
Доколку, сепак, се решиш да ги игнорираш, заборавиш патоказите и да тргнеш по тој некаков свој пат, патот без патокази, дали воопшто си патувал или само си талкал, заблуден и загубен, во предели што ниту си ги открил како свои, ниту себе, низ целото патување си успеал да се препознаеш. Оти, себе се откриваме, велат древните мудреци, дури откога патот свој ќе го изодиме! А кој е патот што како „патот наш“ со право може да се нарече!? Го има ли, воопшто!? Или тоа, само сенката од некаков сон паѓа, и не врз тврдата земја по која би да чекориме, туку врз некаква тивка, таинствена река што со себе носи сè. Освен онаа сенка!
Дали човекот е должен да живее во согласност со своите убедувања, дали на патот треба да ги бара и потврдува темелите на својата определба – што и да е таа!? Дали филозофите, мислителите, големите Учители живееле (треба ли да живеат?) во согласност со своите учења, за и тие, и тој да добијат на почит и достоинство!? Како што рекол Ниче, тој прекумерно вознемирен дух, постојано на работ од дефинитивна, неотповиклива хистерија: Го почитувам само тоа што е напишано со сопствената крв! Да не би да е тоа одвај скриен догматизам, наметлива, фалбаџиска поза зад која се крие фанатизмот – фанатизмот, да биде сè полошо, без покритие!
Не би ли било добро да се земе предвид, мнооогууу сериозно, онаа парабола со која ова стојалиште радикално е оспорено, и тоа од еден човек онолку умен колку што неговото име, и тоа што го остави зад себе, Шопенхауер, имено, го препорачуваат!? Запрашан како може, во улога на филозоф и човек, едно да зборува и советува, а сосема друго да практикува, овој мудрец рекол ‘патоказот не оди заедно со патот’. Едноставно и со тежина. И навистина, ниту еден патоказ нема функција да оди таму каде што самиот посочува. Функцијата на патоказот, неговата валидност, се проверува со точноста на неговите информации за целта, не со тоа дали и самиот оди до неа.
Дури, напротив. Патоказот ја обавува коректно својата улога токму доколку самиот не се движи, туку само им кажува на тие што се движат, каде ќе стасаат ако продолжат во таа насока. Неговата одговорност се мери отпосле. Ако не стасате, водени од насоката, таму каде што тој ветил дека ќе стасате.
Така овој филозоф објаснувал, а така и постапувал.
Сторил како што и му доликувало: Наместо да го живее, решил животот да го помине во размисла за него. Наместо да патува, само да посочи каде патот води. Самиот не одејќи никаде! По друм одам маааамо, за друм прааашам, аааа, ааааа, ааа! Друм постела, мамо, друм перниица!
И така, Муаз, еден патник, кој можеби ја знаел, а можеби и не ја знаел, барем не од самиот почеток, целата дилема околу патот и патоказот, беше тргнал на пат. Па се најде каде што се најде. Тргна в пролет, се свести во доцна есен. Пет дена патува веќе, залудно ли, каде ли? Патува ли или талка. Пат патува, или патокази следи? Самиот пат, или патоказ ли, не знае – што е?.
Човекот, меѓутоа, ете мисли, верува дека знае каде тргнал. Решен таму и да стаса, еве го, како го бара последниот патоказ, во светлата од автомобилот, да не би барем некаков знак, ишарет пред него да светне, та да излезе од кошмарот петдневен.
На крај – како што секогаш бидува, и оваа приказна се разрешува на самиот крај, ишаретот ѝ светна. Среде еден крстопат, со секавица силна искорнат од мракот, еве го, пред очите на Муаз, патоказот. Но каков патоказ!
Поголем од фигурата на Давид од Микеланѓело. И многу поубав дури и од тоа ремек дело, овој патоказ во форма на огромна човечка скулптура, со прстот покажувал токму кон патот по којшто човекот треабало да стаса до својата цел. Вџашен од неверојатната глетка, тој ја сопре колата, го исклучи моторот, та излезе, мила мааамо, во светлоста од фаровите од поблиску да го разгледа патоказот. И што да види: патоказот се чинел како да е направен од чисто злато – а можеби и бил. Беспрекорен во својата монументална естетика, како на сон светнат, од дождот силен, доцноесенски, јасно посочувал со испружената грациозна и силна машка рака, императивно посочуваше: Таму! Напред, само напред, па макар и во смртта!
Се загледа Муаз: по целата површина од огромниот постамент. Патоказот, фасцинирачки и опсесивен, беше испишан со некои таинствени букви и цели низи алхемичарски знаци. Да запре ли, да остане ли тука, да ги одгатнува ли додека е жив? На прстот што посочуваше, сè уште во светлоста од фаровите на својот запрен автомобил, Муаз здогледа огромен прстен! Прстенот светкаше токму како да е дијамант, најголемиот дијамант воопшто виден од очите човекови – можеби тоа и беше. Муаз сосема заборави не само на својата цел, туку и на тоа дека воопшто некаде тргнал и дека, од самиот почеток, беше наумил некаде да стаса.
Непознато е што стори Муаз. Дали, таму каде што застана, го заврши патувањето и остана!? Запре ли, кај таа фигура што требаше да му биде патоказ, но заради чијашто што убавина, необичност и вонземска привлечност, тој потполно заборави дека е тоа сепак, само патоказ!? Ќе знае ли, ќе се сети ли дека требаше да патува кон својата цел, а не да запре и да остане покрај патоказите, тоа секој Муаз треба да го реши, и го решава за себе.

Ги има многу коишто, на својот пат, се запираат да јадат, да пијат, да слушнат убава музика, или да гледаат убавини, да уживаат во сластите на телото, неспоредливите сласти, на единственото, незаборавното свое тело! – а тоа сè е потребно, оти секое од тие нешта е и патоказ, и поткрепа, одмор и прибирање сила – па зашеметени од силата, убавината и слаткоста на овие патокази, сосема го забораваат својот пат.
Многу помалку, сосема малку, ги има оние што разбираат дека сиот овој живот, со сите свои неисцрпни убавини и восхитувачки чуда, е само Долина на Патокази. Дури и светот, и животот, во целина, само се еден единствен, најголем и најзаводлив патоказ – па сепак, само патоказ! Патоказот што посочува кон најважниот пат.
Сосема се ретки тие што успеале да му одолеат на волшебниот магнетизам, на гласот со каков што ни една сирена, ниту сите сирени заедно не знаеле да се огласат, заводливиот, убиствен, нежен глас на овој, последниот патоказ; и што го здогледале правецот кон којшто тој посочува.
А оние меѓу нив, кои успеале и да тргнат по тој пат, кон вистинската цел за сите луѓе и сите живи суштества, и сепак, не патоказот да го следат, туку себе самите патоказ да се сторат! – одвај да ги имало неколкумина во целата досегашна историја.
Нив ги викаат – Гласници, носители на Пораката.
Глува доба, застанат под огромниот патоказ, со реки дожд полеван, гледа Муаз во непроѕирната темнина кон која посочува прстот од неговиот последен патоказ. Никаде нема никој. Само тивко и ритмички се одгласуваат бришачите од празниот автомобил, ја истураат светлината фаровите. Штедро и без мерка, како што треба да се подарува добрината и љубовта.
Молњите, повремено, ја расечуваат лажливата туника на ноќта.
Има ли патокази!?
Има ли пат!?

2018-08-21T17:21:57+00:00 април 1st, 2001|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 20|