Од месија до наплатувач на долгови

/, Литература, Блесок бр. 50/Од месија до наплатувач на долгови

Од месија до наплатувач на долгови

– За Стариот е пак пијан, извадок од есејот кон романот –

#1 Ликот на неразбраниот гениј, подложен на понижување и проколнат на самотен живот, со генерации наназад ги опседнува словенечките писатели. Оваа визија за состојбата во која се наоѓа авторот се чини дека е она кое писателите го сметаат за реалност на нивната општествена положба и лична определба. Тоа е пејзаж кој сакаат да го истражуваат, да ги испитуваат неговите граници и можеби да најдат автентични одредишни точки. Оттука и кихотовскиот општествен ангажман, еротската разулавеност, предизвикувачката потреба вербално да се естетизира која било случка, натпреварите во опивање и сите други нешта кои ги прават писателите во улога на словенечки книжевни херои, зад чии грбови ѕиркаат нивните живи создатели. Но, без оглед на тоа колку е надмината рамката на митот, индивидуализмот продлабочен, испадот изнасилен, нивните приказни сепак остануваат затемнети, божем сликани на зајдисонце, а нивните протагонисти тажно пропаѓаат дури и кога се издигнуваат како морални херои – а ова воопшто не е неважно. Архетипската слика за писателот умешен во употребата на националната митологија се умножува во често необични варијанти, обединети во трагедијата на менталниот испад; ова се елементите кои добро се вклопуваат во очекувањата на нацијата. Во овој миг, испадот станува жртвување на авторот за доброто на заедницата, неговата или нејзината егзистенцијална и креативна отстапка станува ритуал на принесување жртва. Од писателот-како-лик во словенечката книжевност зрачи сјајот на крајот во маки, една екстатична фиксација на ништожноста на крајот на хоризонтот. Мислата за крајот, за самотната смрт, има посебна патина која го искажува значењето кое ѝ се придава на книжевноста во словенечката традиција, каде се смета за цвет на јазикот, попрестижна дури и од сонуваната дежела.
Но, сонот за словенечката држава веќе е остварен, па се претпоставува дека на нацијата веќе не ѝ требаат пожртвувани жртви кои го веат платното на заедницата заснована исклучиво на јазикот, така да се каже, на симболичко ниво. Државата ја намали сликата на писателот, одземајќи ѝ дел од историската големина, а истовремено престана да го наведува авторот да има улога во оваа долготрајна игра. Но, ако националната патина е одделена од ликот на авторот (чест во пред-сецесионистичката книжевност), сè уште постои внатрешниот костур, силно битие, секогаш прогонувано, секогаш во жестока борба за опстанок. Силината обично се поврзува со тешкотиите, понекогаш и со невозможноста, а ова се околности во кои историски се развивала словенечката традиција. Сепак, се чини дека постои нешто многу попродлабочено во креативните проекции на писателските судбини. Некој вид мазохизам, сопоставување на судбините, постојано задоволување со идната слава на делата кои ќе ги надживеат своите автори и ќе ги оправдаат животите кои биле принудени да ги живеат, потиснати од злобата на своето стадо. Особено прозните писатели кои станаа познати во последната деценија на XX век често се справуваат со авто-портретот на авторот; не се ништо помалку заинтересирани за својата положба отколку нивните претходници. Меѓу нив, Душан Чатер со особена зачестеност и страст се посвети на портретирањето на ликот на еден автор. Иако многу успешен и во другите дела, Стариот е пак пијан (Ata je spet pijan) се чини дека е роман во кој неговиот навистина свеж и убедлив пристап кон оваа позната тема е доведен до совршенство. Затоа се чини дека најновиот роман на Чатер, покрај останатото, е метафикциски коментар, колку и да се чини оваа фраза излитена.
Чатеровиот писател, како и многу други, е личност од маргините на општеството, без постојани приходи. Во очите на другите станари на неговата зграда, тој е способен само за бесрамно однесување, како на пример фрлање празни шишиња низ прозор. Тој не може да поднесе да помисли за приклонувањето кон ритуалите на стадото. И затоа што продолжува да биде идеалист, на свој начин, верник во реалноста на издигнати состојби на свеста кои пружаат потполно живи бегства од инаку тромото постоење. Оттука и немирот кој го води стариот Чатко во нови авантури, од Орто бар во Љубљана до чешкиот град Пардубице. Овде се отвораат нови зони, каде што старата слика за намачениот автор бара нови нијанси. Чатер жестоко се обидува да ги претстави познатиот испад и маргиналноста ослободени од нивната трагична аура, поставувајќи ја перспективата на себе-согледувањето на оддалеченост од генијот и од општествената и метафизичката параноја, иако дури и во оваа визија на светот се случуваат нешта кои длабоко продираат. Стариот Чатко е одамна познат ексцесивен маргиналец во ново, или барем инакво, руво. Разликата се гледа на три полиња: во рамките на општествениот живот, љубовниот живот, и креативното пишување.
Чатко секако не се движи во круговите на општествената елита, барем не онаа која ја поседува вистинската моќ. Неговото милје се состои од ексцентрици од сите видови, боеми насочени кон уривање на востановениот ред на општоприфатени вредности и однесување. Освен своите вообичаени бељи, Чатко се решава да преземе еден вид општествена активност; неговиот авантуристички дух и беспарицата го тераат да побара вработување. Работата која ја избира не е некоја здодевна обврска ниту пак хуманитарно делување, туку токму наплата на долгови. Накусо: собирање на парите кои се должат – валкана, профана работа, да не ги споменуваме опасностите кои го придружуваат Чатковиот тим при нивните „рутински“ операции. Наплатата на долгови, единствената општествена обврска на Стариот, е израз на одредена фриволност која ја заменува старата слика за авторовата судбина да го спаси човештвото. Во светот на Стариот, бандата ја претставува вистинската политика, отворен показ на елементарна супериорност над друг човек. Нашиот наплатувач е исплашен од злобноста на бандата, но што може да направи една банда во споредба со апаратот на политиката, легалната форма на грабеж, како што увидува и Чатеровиот писател-протагонист. Неговото здружување со лошите момци е на некој начин одрекување на логиката на жртвата, обид да се премине кај победниците, кај демоните на моќта кои танцуваат на работ од бездната. Тоа е одлука за жестока битка во свет кој одамна раскрстил со Идеалите и Вредностите. Да се биде воин во такви услови изискува подвижност на мачка, способност за отскокнување и возвраќање на ударот. Опасноста не е помала од онаа во времето на Цанкар, но славната жртва на авторот веќе не е доволна. Влогот на страдањето на генијот, со кој тој треба да плати за слободата на уживањето во испадот, е искористен до крај. Стариот Чатко влегува во машка борба како наоружан номад, во потрага по својот прозорец кон можностите, по траг од искуство кое би делувало вистинито, навистина автентично во хаотичниот свет на халуцинациите. Не можам да се ослободам од впечатокот дека сугестивниот наратор самиот се смее на сметка на читателските воздигнати очекувања кога ќе каже дека за живот заработува со наплата на долгови. Силно и екстатично поткопување на иконата за страдалникот писател. Тој не сака да ја игра таа игра, тој одбива да го преземе товарот на вината и понижувањето. Неговата љубов за животот и неговиот сетилен немир се пресилни противотрови за трагично насоченото мечтаење. Да се биде авантурист во урбаниот лавиринт, низ халуцинации со острови на познатото и поплавени пејзажи на непознатото. Во свет кој постојано се раслојува, без големи идеи кои би ја создале барем маската на разумот. Во таков свет, секое месијанство е осудено да биде само ништожна ексцентричност со патос на самосожалување.

Превод: Игор Исаковски

2018-08-21T17:21:23+00:00 октомври 7th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 50|