На далечната страна на нормалноста

/, Блесок бр. 08, Литература/На далечната страна на нормалноста

На далечната страна на нормалноста

(создавањето на една генерација)

Генерација под сомневање

Самото постоење на генерацијата, којашто би сакал да се обидам да ја истражам и претставам, се наоѓа под сомневање. Тоа значи, дека таа постои, но, само во умовите на одреден број индивидуи – членовите на оваа претпоставена генерација – коишто се знаат едни со други, претежно по слушање или, можеби, врз основа на пишувањето на едните за другите. Не е невообичаено генерациите, движењата или трендовите да бидат скицирани или „откриени“ без нивните претставници да успеат да слушнат за тоа, сè до воспоставувањето на тој факт (или, пак, воопшто да не слушнат), – на пример, во својот манифест, американскиот сликар Рон Б. Китај го сомничи секој уметник со „многукратен идентитет“, дека е „дијаспорист“, независно од нивната културна позадина, епоха или самопрогласено здружување. Во ова, што следи, ние ќе зборуваме само за објавените идентитети: за сликата што 9 централно-и источно-европски еврејски креативни интелекти настојуваат да ја изградат околу себе, исто како и митот, што тие се обидуваат да го направат достоен за нивните современици, што значи, за оние, кои се родени во третата генерација после холокаустот. Тоа е познат интелектуален процес на „повторна циркулација“ – интелектуалците се претставуваат себеси како најчувствителна антена за трагите на општествените агенти (извршители) и си ја поставува себеси задачата за транскрипција на мислите и расположенијата, што се наоѓаат латентно во културата. Така, конечниот текст го обезбедува истиот општествен деец, чиишто „траги“ беа најнапред забележени, со процеси на размислување и стратегии за среќа, кои, поради тоа, создаваат круг, во когошто интелектуалецот дејствува паралелно, како медијатор и генератор на мислењата. Она, што е интересно, во случајот на еврејскиот интелектуалец е што овие текстови почнаа да ги пренесуваат чувствата и расположенијата на субјектот, за кого се прошири гласот, дека повеќе не постои или, во најдобар случај, остварува чисто физичко постоење, додека последните резерви на духот се исцрпени до оној степен, кога би било бесмислено да се рече, дека тие воопшто имаат „мислења“ за „создавање“.
Приказната почнува кога Габор Т. Шанто и јас, со помошта на Јанош Кобањи, организиравме средба на Централноевропскиот универзитет, со цел, да се реши, дали воопшто навистина постои ваква генерација и доколку е тоа така, кои се нејзините определувачки црти. Ниту еден од оние, што ги повикавме, не нè разочара – иако, со исклучок на тројца, ниту еден, всушност, не нè воздигна. Затоа, прашањето остана нерешено: секој од нас остана доследен на своето мислење. Потоа, и без некое понатамошно охрабрување – оние што беа поканети, еден по еден, преку нивните прилози и есеи, почнаа да контактираат со нас. Секој од нив пишуваше како се справил со своето сопствено еврејство и што било она, што ги поттикнало да се идентификуваат себеси како еврејски писатели, без оглед на тоа, што не го споделиле „заедничкото искуство“ на Шоах – животите на нивните родители, коишто некогаш (или сè уште) поминуваат, помеѓу двојното искушение на потполната асимилација или емиграцијата. Од нивното одушевување, ние заклучивме, дека се движиме по непозната територија, каде што поимите, во најмала рака, беше толку тешко да се определат, како и било кое поврзување, со било кое централно и источно – европско еврејство или еврејството воопшто.
Единственото сигурно нешто, во средината на овие сомнежи, беше тоа, дека сèуште постојат Евреи во областа, дека меѓу нив постојат креативни интелектуалци и писатели, кои, покрај тоа, се млади. Нашиот термин за нив „трета генерација“, сепак, не беше недвосмислен: двајца од овие девет сведоци – Виктор Нојман од Темишвар и Давид Албахари од Белград – имаа над четириесет години. Тие не се сложуваа со воопштената збирка на преживеани деца – внуци – темата, којашто добива целосна обработка во психолошката литература (Тхаласса, 1994, 1-2). Сепак, не е неопходно врсниците и генерацијата да припаѓаат во иста заграда – не само што постарите членови воодушевено ни ги праќаа своите текстови (и затоа себеси се сметаа за членови на „третата генерација“), туку, и патот на создавањето на нивните карактери, исто така, поседува сличности, со оној на помладите – произлегувајќи повеќе од низа свесни одлуки од детството, што се појавуваат заедно со можноста за избор на идентитетот, во (затворено) општество, што беше само индиректно продолжување на традициите, научени од дома. Истовремено, „третата генерација“ започна да постои без надворешна провокација, како психолошка реакција на отсуството на „канонски ред“. Оваа генерациска свест себеси неопходно не се искажа во спротивставеност со друга генерација – би било поточно да се каже, дека скриените обрасци на однесување на предходните две генерации, ја изведоа неа на видело. Значи, фактот за постоењето на генерациите, не го сокрива единствениот меѓу – генерациски конфликт – попрво, целото општество ги соочува Евреите со своето „генерациско несвесно“. Ова е најверојатно она, што ја храни „свеста за социјалните норми“, кај оние што ѝ припаѓаат на третата генерација.

Времето мирува

Во овој регион – со можен исклучок на Унгарија, Полска и, можеби, пред ’68, Чехословачка – сè до средината на 80-тите, генерацискиот произлез, попрво беше физиолошко, одошто филозофско или социолошко прашање. Во држава, кадешто симболичка фигура на општествената подвижност е водачот, што ја задржува моќта сè до природното умирање, и кадешто сиот официјален поредок во државата го одразува тоа, бесмислено е да се зборува за меѓугенерацискиот јаз или за острите конфликти меѓу генерациите. Заради интересите на „општественста стабилност – како што своевремено се нарекуваше општествената рамнотежа – секоја (не државна) организација мораше да стане официјална, доколку имаше желба да продолжи. Со други зборови, таа мораше да се приспособи кон „владеачката геронтократија“, во којашто, она што се создаваше беше промената на владеачката елита, без било какви претензии за било какво прилагодување кон изменетите околности и без последователната генерациска смена, туку, само унапредување на извесен број млади со прилагодлива природа. Забелешката на де Токвил, дека „во демократските нации, секоја генерација е нова нација“ – се однесува негативно на овие околности. Де Токвил го напишал овој коментар за Америка, во првата половина на минатиот век и, како и обично, и во ова, тој, исто така, бил далекувид: историјата на Америка во 20-тиот век, може да биде опишана, како брутална борба помеѓу „ГИ“ и „бумерите“, а потоа, помеѓу нив и „тринаесетгодишниците“ со дадената поддршка на „тивката генерација“. Генерацијата на „тринаесетгодишниците“, оправдано може да биде споредена со „изгубената генерација“ од првата светска војна, и двајца умни и учени американски писатели, го прават токму тоа, во најголемиот детал што може да се замисли (Хоув-Штраус, 1992, 67-89). Но, целата приказна произлегува од толкава блискост меѓу Источноевропејците, како, да речеме, дебатата меѓу Сунитите и Шиитите, околу точната интерпретација на Коранот.

АвторПетар Крастев
2018-08-21T17:22:10+00:00 април 1st, 1999|Categories: Есеи, Блесок бр. 08, Литература|