Модерноста и постмодернизмот во „Хипертекст белешки“

/, Литература, Блесок бр. 25/Модерноста и постмодернизмот во „Хипертекст белешки“

Модерноста и постмодернизмот во „Хипертекст белешки“

Повик кон теориска конзистентност и комплетност

„Хипертекст белешки“, експеримент кој се опишува самиот себеси, служи како богат и благодарен пример за хипертекст. Неговата почетна премиса – дека најголемиот дел од хипертекстуалните дела ја задржуваат линеарната структура којашто ни е позната од печатените текстови – е очевидно точна, и авторовиот напор да ги развие и истражи не-линеарните можности за пишување во хипертекстот ветува дека ќе го унапреди нашето разбирање како на можностите, така и на границите на хипертекстот.
Според моето гледиште, „Хипертекст белешки“ успешно го остварува овој проект, иако не нужно на предвидениот начин. (Ова не е критика; авторот е намерно нејасен во поглед на различните интенции на проектот). За мене, „Хипертекст белешки“ покренува извесни клучни теориски преоблеми со коишто авторите и читателите во хипертекстот мораат подиректно да се соочат, доколку сакаме да ги избегнеме потенцијално погубните противречности и концептуалните конфузии..
Сепак, покренувајќи ги овие проблеми, се плашам дека би можел да прозвучам исклучително реакционерно и намќоресто. Со цел да се отстрани овој впечаток, можеби би побарале од мене малку да завлезам во автобиографија (и во бесрамно фалбаџиство), а поентата на сето тоа е да се утврди дека до хипертекстот воопшто и особено до „Хипертекст белешки“ стасав како резултат на долга и достојна за почит историја на ангажман и ентузијазам1F.
До хипертекстот дојдов првенствено со педагошки интенции. Моето творештво на хипертекстови е речиси исклучиво сосредоточено врз користењето на овој медиум со цел а) да им се помогне на студентите подобро да го разберат тешкиот материјал, делумно преку б) употребувањето на линкови за да се артикулираат честопати сложените и повеќекратни релации помеѓу различни видови материјал. Така, мојот првичен модел за хипертекстовите ја подразбира едноставната идеја дека творците имаат прилично јасен поим за тоа што сакаат да им го кажат на своите читатели – вклучително она што сака да го каже мрежата од линкови и така поврзаниот материјал.
Се разбира, голем дел од литературата посветена на хипертекстот ја доведува под прашање мојата едноставна парадигма. Може да биде полезно тука да се потсетиме дека постструктуралистичките и постмодерни теоретичари – кои доминираат со најголемиот дел од теориските расправи за хипертекстот – ја напаѓаат мојата едноставна парадигма на различни начини. Во груби црти, оваа парадигма се смета за модернистичка и структуралистичка, токму поради тоа што претпоставува дека авторите го интендираат значењето за нивните читатели, значење коешто делумно е пренесено преку структурите (логички, синтаксички, итн., особено преку поврзаноста на овие структури со линеарноста на печатените текстови). Што е уште позастрашувачки, оваа парадигма се поврзува со еден просветителски мета-наратив, кој потајно му придава тоталитарна моќ на она што се нарекува „разум“, бидејќи мета-наративот отворено но заведувачки тврди дека човечкото ослободување и исполнување ќе дојде преку ширењето и превласта на разумот врз поранешните облици на знаење и општествена организација.
Постструктуралистичките/постмодерни алтернативи на наводно тотализирачкиот /тоталитарен разум на просветителството го вклучуваат „децентрирањето“, процес на подривање на центрите на авторитет и значење наводно привилегирани од просветителскиот мета-наратив. Хипертекстот е величан како отелотворување на овој процес на децентрирање, бидејќи хипертекстуалниот медиум го разредува, ако не и брише „авторството на авторот, ставајќи ја целата тежина на констуирањето на значењето вра „читателот“ кој, сега ослободен од божемните непотребни ограничувања на печатените медиуми – вклучително страшната „линеарност“ на печатењето – може да маневрира низ хипертекстовите по кој и да било редослед и на начин кој самиот ќе го избере.
Мојата поента не се состои во тоа да аргументирам во прилог на едно или/или – едноставен избор исправно/погрешно помеѓу модернистичката и постмодернистичката парадигма: едно такво или/или и самото го претставува класично модернистичкиот дуализам на Декарт – прилично неконзистентно наметнат од страна на постмодернистите коишто претпоставуваат токму едно или/или залагајќи се за тоа да ја отфрлиме модерноста во полза на постмодернизмот!2F Поскоро, користејќи ги „Хипертекст белешките“ како еден пример, јас најнапред ќе го застапувам гледиштето дека модернистичката парадигма на автор кој настојува да пренесе значење – делумно, преку логичките и синтаксичките структури, вклучително линеарноста поврзана со печатените медиуми – не може лесно да биде напуштена дури и од најжестоките застапници на постструктурализмот и децентрираните хипертекстови. Во поширока смисла, самите „Хипертекст белешки“ претставуваат пример на здруженото и потпомагачко дејствување на обете парадигми. Мојата важна поента е дека наместо да го прифатиме она или/или помеѓу модернизмот и постмодернизмот коешто ни го наложуваат многумина постмодерни ентузијасти, ние како теоретичари, автори и читатели на хипертекстовите подобро ќе бидеме опслужени од една теорија на хипертекстот која експлицитно ја признава улогата на обете парадигми.
Почетната страница на „Хипертекст белешки“ ја најавува својата функција на експеримент. Авторот експлицитно вели „Мојата цел е да го искористам медиумот на хипертекстот на начин кој ретко се практикува, особено на мрежата, со цел да истакнам неколку поенти поврзани со големата разнообразност на аспектите на дигиталниот текст.“ Очевидно, авторот има намера да му пренесе многукратни значења на својот аудиториум: не е сè оставено на читателот. Авторот мора понатаму да му ја објасни на читателот семиотиката и структурата на „Хипертекст белешките“ Треба да знаеме дека сите тие интересни, но збунувачки ISO букви на врвот на страниците имаат значење во овој контекст доколку треба да управуваме со пловидбата низ овој хипертекст, така што авторот обврзувчки – но исто така ненужно за нашето разбирање како читатели ни вели: постојат обележувачи на линковите кои ќе нè однесат некаде, иако редот на нашето патување ни е препуштен нам. Навистина, авторот експлицитно вели „… Намерно избрав симболи независни од редот како што се ISO буквите, што ќе ни помогне да го избегнеме наметнувањето на мојот сопствен поредок врз текстот.“ Се чини дека ова е интегрален дел од авторовиот поширок проект за неговите читатели:
Правете што сакате со овој есеј. Намерно го одбегнав експлицитно да го скицирам начинот на кој овој документ е напишан – тоа е вид сложувалка или таписерија којашто може да биде склопена на повеќе нивоа, на пример, што велам и зошто го велам на таков начин. Делото е различно секојпат кога ќе се прочита, и претпоставувам дека значењето варира. Во извесна смисла овој вид документ изгледа неодгатлив, можеби поради начинот на кој сме обучени да читаме и мислиме. (zdog)

#b
1. Јас се „загреав“ за хипертекстот во раните 1980-ти години, на почетокот преку работата на Џеј Дејвид Болтер (Jay David Bolter) со една Мекинтош програма којашто случајно се појави како Storyspace од Eastgate Systems. Неколку години (1989-91) работев со Intermedia Project на Универзитетот Браун, под раководство на Џорџ Лендау (кој љубезно го вклучи мојот есеј за хипертекстот и демократизацијата во неговото дело Hyper/Text/Theory [Johns Hopkins Press, 1994]). Мојата работа врз хипертектот резултираше со наградата EDUCOM во 1991 година; јас бев бета-тестер за материјалите коишто го сочинуваа Perseus 1.0: Interactive Sources and Studies of Ancient Greece, и оценувач на текстовите за Европската конфернција за хипертекстот (ECHT 1994). Како Research Associate of the Center for the Advancement of Applied Ethics, Carnegie Mellon University, за време на моето претстојно отсуство, ќе се сосредоточам врз составувањето хипертекстуални материјали за проучување на етиката
2. На друго место докажував дека (а) некои од философските претпоставки прифатени од извесни постмодернистички мислители не можат да го издржат критичкото испитување, и (б) овие претпоставки поверојатно ќе нè доведат до авторитарни ограничувања на човечката слобода одошто нивните модерни аналогони. Видете Ess, “The Political Computer: Democracy, CMC, and Habermas, in Ess, ed., Philosophical Perspectives on Computer Mediated Communication [Albany, NY: SUNY Press, 1996), 197-230.

АвторЧарлс Ис
2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 25|