Меми: увод

Меми: увод

„Идеја е нешто што ти го имаш, идеологијата е нешто што тебе те има“
Морис Бирмен

Што ако идеите се вируси?

Да го разгледаме T-phage вирусот. T-phage не може да се умножи самиот себеси, тој се репродуцира одземајќи DNA од некоја бактерија, принудувајќи го нејзиниот домаќин да направи милиони копии од овој вирус. Слично на тоа, една идеја може паразитски да го инфицира вашиот ум и да го промени Вашето однесување, мотивирајќи Ве да им зборувате на Вашите пријатели за идејата, и на тој начин изложувајќи ги нив на идеја-вирус. Секоја идеја којашто го прави ова се нарекува мем.
За разлика од вирусот којшто е шифриран во DNA молекулите, мемот не е ништо повеќе од образец на информација, таков кој развива форма која ги поттикнува луѓето да го повторуваат тој образец. Типичните меми вклучуваат индивидуални слогани, идеи, фрази кои служат како мото, мелодии, икони, пронајдоци и манири. Можеби идејата дека луѓето се домаќини на променливите низи симболи на умот ќе звучи по малку злокобно, но всушност во тоа се состои целокупната човечка култура.
Како вид, ние сме коеволуирале со нашите меми. Замислете група индивидуи од раниот homo sapiens во доцниот плиоцен, кои го поседуваат најновото високо развиено средство, секирата, и се обидуваат да им покажат на своите homo erectus соседи како и тие можат да ја направат. Оние кои не можат да ги навикнат своите глави на новиот мем, заостанувајќи, ќе бидат исфрлени од развојот од страна на нивните поумни роднини.
Во меѓувреме, самите меми се развиваат исто како во играта „расипан телефон“ (каде што пораката се шири секојпат полека преобразувајќи се). Селакцијата ги фаворизира мемите кои се најлесни за разбирање, помнење и општење со другите. Искривените верзии на употребливиот мем веројатно би биле отфрлени.
Така, барем теоретски, способноста да се разберат и поврзат комплексите од меми е спасоносна особина, и природната селекција би ги фаворизирала оние кои не се премногу конзервативни да ги разберат новите меми. Или не е така? Во пракса, некои луѓе ќе бидат целосно подготвени да го признаат секој нов мем кој се појавува, дури и ако станува збор за опасна бесмислица, како:
„Скокни од врвот на карпа а боговите ќе направат да леташ“.
Такви меми навистина се развиваат, создадени од налудничави луѓе, или преку погрешно повторување. Забележете, сепак, дека овој мем може да биде мошне привлечен. Идејата за магичниот лет е толку соблазнителна – можеби, доколку вистински верував, само ќе скокнев од карпата и…

Ова е витална поента: луѓето се обидуваат да се инфицираат меѓусебно со оние меми за кои сметаат дека се најпривлечни без оглед на нивната објективна вредност или вистинитост. Потем, кариерата на мемот „скокање од карпа“ можеби никогаш нема да згасне; тој може да го помине остатокот од својот живот инфицирајќи други луѓе со мемот, поттикнувајќи милион лекоумни глупаци да скокнат во смрт. Историски, ваков вид нешта постојано се случуваат.
Дали мемите ќе се набљудуваат како вистински „животни форми“ или не, е тема за некоја дебата, но тоа е неважно: тие се однесуваат на сличен начин како животните форми, овозможувајќи ни да ги комбинираме аналитичките техники на епидемиологијата, еволуционистичката наука, имунологијата, лингвистиката и семиотиката, во еден ефективен систем познат како „меметика“. Меметиката опширно се интересира за тоа како идејата самата се умножува, а не толку за внатрешната „вистинитост“ или недостиг на „вистинитост“ на една идеја.
Меметиката е значајна за разбирање на култовите, идеологиите и маркетинг кампањите од секој вид, и може да помогне да се спроведе заштита од опасни информациски зарази. На пример, треба да бидете свесни дека штотуку бевте изложени на Мета-мем, мемот за мемите.
Лексиконот што следи е замислен да обезбеди јазик за анализа на мемите, комплексите од меми, и социјалното движење кое тие го предизвикуваат. Името на личноста која прва го искова и дефинира секој збор се јавува во заграда, макар што некои дефиниции беа парафразирани и променети.

Извори:
Richard Dawkins, The Selfish Gene.
Keith Henson, “Memetics”, Whole Earth Review #57: 50-55. Douglas Hofstadter, Metamagical Themas.
Howard Rheingold, “Untranslatable Words”, Whole Earth Review #57: 3-8.
For a fictional treatment of these ideas, see my short story, “Memetic Drift,” in Interzone #34 (March/April 1990).

Share-Right (S), 1990, by Glenn Grant, PO Box 36 Station H, Montreal, Quebec, H3C 2K5.

Превод од англиски:Еморфија Цилимингас и Силвана Димитровска

АвторГлен Грант
2018-08-21T17:21:50+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 26|