Меланхолија

Меланхолија

Празни се плоштадите на свеста, во темни сенки завиени арките на умот. Тоа е твојот град, непознат; наеднаш те заборавил. Се вратил во својата чистота, во блескавата едноставност на нештата, кристално проѕирни како во росно, сончево утро, отворени до самата срж. Раздипли ги своите поткожни сеќавања, ќе ја сретнеш истата опиеност од безмерноста на просторот кој се шири и се отвора навнатре, секогаш кога е задомен во складни, чисти облици, кога кревката рамка на видот во себе ќе ја опфати страсната бесконечност на небесниот свод. Но тебе тивко те ранува тој далечен спомен, она време кога погледот беше сè, кога светот беше населен единствено со глетки, со јасни рабови оцртани во играта на светло и темно, како рабовите на долгата улица за која не знаеш каде те води. Онаа копрена од тага која го обвива градот затворен во своите тајни порти – твојата немоќ да се вратиш толку далеку назад, да живееш без шумот, звукот, жуборот, и трчаш заедно со својата сенка и сенката на својот живот кој како темен круг го тркалаш пред себе, твоите чекори сакаат да ја разбијат стаклената скрама од тишина која од твојот град прави слика во која не можеш да влезеш; но залудно, тие звуци се неми, повторно внатре, а животот може да зажубори само од онаа темнина што се крие зад белите столбови, кога однадвор, од непознатите предели ќе се втурнат звуците на туѓите чекори, кога смеата и плачот со остар рез ќе ја распараат свилата на молкот. И тогаш самотната чистина на твојата внатрешност одново ќе се насели со водоскоци, пенливи фонтани, допири кои навираат од секој меко извиен лак, мириси кои радосно те пресретнуваат на секој чекор, гласови кои се плетат едни со други како сјајни кадрици, и така забораваш на блескавата самодоволност на јасните линии кои се рамката на тој повторно оживеан свет и на неговото разиграно изобилство. Но откако еднаш те докоснал тој миг во кој внатрешниот град наеднаш ги крева цврстите бедеми и со тресок ги затвора железните порти, и кога сиот свет останува надвор, засекогаш знаеш дека во темелот на твоите раскошни дворци, во самото срце на мирисните градини, е вѕидан оној непробоен простор, онаа меланхолична улица поплочена со остри сенки, малиот плоштад заграден со темни арки на кој секогаш се среќаваш единствено себеси разголена и студна како мермерна статуа, и дека тој простор е само твој, негибнат и див, времето пред првиот плач, пред првиот бакнеж, затворено во кристална кугла, свето место на исконскиот допир на самотијата, нема и чиста.
Однадвор молкум те гледаат страсните, умни очи низ кои за миг прелетува истиот познат, леден блесок, и чувајќи ја тајната на малиот плоштад, кога одново ќе те сретнат, нема да те прашаат за ништо.

АвторАна Димишковска - Трајаноска
2018-08-21T17:22:16+00:00 април 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 02, Литература|