МАГИЈАТА НА РАСКАЖУВАЊЕТО

/, Литература, Блесок бр. 126 - 127/МАГИЈАТА НА РАСКАЖУВАЊЕТО

МАГИЈАТА НА РАСКАЖУВАЊЕТО

Просторно-временскиот паралелизам во расказите на Урошевиќ, нашиот потврден географ на имагинарното, се реализира и по пат на монтажа или комбинација, преплет на два наративни тека во чија основа лежи принципот на коинциденција (кортасаровски пример на фантастика). Притоа, „сивата мрежа на времето“, во своите стапици, вовлекува или една иста личност која добива две паралелни егзистенции преку „замена на местата“ и игра со идентитетот („Воз за Кочабамба“, „Вест“, „Фотографија“, „Попладнето на Луцифер“ – иако овде повеќе се работи за луцидна игра, идентификација и замена на еден црн мачор со Принцот на темнината), или, пак, различни ликови остваруваат средба на ист простор, но во различно време, најчесто со посредство на некој предмет кој игра улога на поврзувачки сегмент („Дубровчани во Скопје“, „Сабја“, „Рака“, „Ракописот од Китаб-ан“). Идентична функција, понекогаш, остварува и сонот. И сонот може да биде алатка за постигнување „временски скок“ во наративниот имагинарен паноптикум: „…место автомобили, надвор, во нејасната мугра, здогледувам само римски бојни двоколки. Во кое тоа време живееме?“ – се прашува нараторот по кошмарната „тешка ноќ“ во истоимениот расказ.

Соништата се земја во која „сите времиња течат истовремено“, вели Урошевиќ на едно друго место. Календарот на сонот отвора нова врата во творечката вселена на овие раскази: Урошевиќ е „вистински сонувач на градот“ (Миодраг Павловиќ), кај него, „сонот е реалност, реалноста е сон“ (Бранимир Донат). И не случајно, и насловот на книгата – Вишнов ликер – е преземен од истоимениот антологиски расказ, како стожерен амблем на целата збирка, кога се знае дека во него клучна улога игра токму сонот! И во многу други раскази, како што се: „Вест“, „Старинарница во Солун“, „Порака“, „Сон“, исто така, излетите на главните јунаци во пределите на ирационалното се искажани преку сонот. Една друга група раскази, пак, во поднасловот експлицитно го содржат феноменот на сонот: „Привлечностите на археологијата“, „Искупување“, „Девојка од аквариум“, „Воздушен напад“, „Би можело да биде полошо“ и веќе споменатата „Тешка ноќ“. Поетиката на сонот во овие раскази не се темели врз техниката на запишување или книжевна преработка на соништата, туку подразбира нивна естетизација: сонот станува синоним за расказот, нешто слично на Антонио Табуки и неговите Соништа за соништата.

„Барајќи ја врската меѓу времињата, меѓу предметите, настаните и луѓето, Урошевиќ ја сугерира хармонијата на светот која во себе ги носи и своите поводи и своите последици, наоѓајќи ја причината да биде потврда на сето тоа, на сиот тој сплет врски, односи, постоења“ – пишува Слободан Мицковиќ12 по повод оваа речиси етерична слика која се лелее меѓу сонот и стварноста во расказите на Урошевиќ, а се дооформува со суптилниот систем на асоцијации. Во повеќе наврати, и по различни поводи, самиот Урошевиќ говорел за врската помеѓу оддалечените нешта како за свое арспоетичко начело. Восхитувачка е идејата за сеопштата поврзаност на сѐ во светот, за можноста географските топоси или сетилните искуства да кореспондираат меѓу себе; идеја која отвора нови хоризонти, воспоставува некоја виша закономерност на постоење, поттикнува на емотивен или мисловен ангажман од страна на читателите, ја разигрува фантазијата. Некои раскази во Вишнов ликер како: „Врски (тефонски расказ)“ или „Тајна мисија“, функционираат како платформа за вкрстување на различни настани и случки; во некои други, пак, принципот на аналогија, тоа чудесно созвучје на појавите, на еден суптилен начин, заговара специфичен облик на перцепција и сетилно спознание на стварноста, во релација со други галаксии и во допир со ѕвездите:

„Погледот му залута во тревата. Во тревата виде виолински клуч. Се наведна. Виде чадорчиња, адмиралска шапка, грамофонски труби. Тревата се разгрануваше во безброј облици. (…) На една леска стоеше бел полжав. Полжавот прилегаше на средновековен штит. По штитот имаше византиски шари. (…) Блиски и далечни нешта се мешаа. Човекот со очила исчезна зад еден голем цвет. Цветот имаше облик на широк фустан и рачката му беше свиткана како рачка од сонцобран. Младичот се замисли: тоа потсетуваше на нешто.“
(расказ „Попладне во паркот“)

Во механизмот на воспоставување врски и релации меѓу микро и макрокосмосот, неизбежно е губењето ориентација, бидејќи доаѓа до преместување на световите, па дури и до креирање на „обратни светови“ (mundus inversus), при што она што е горе – станува долу, и обратно. Еден автор од форматот на Влада Урошевиќ го освојува правото на сопствено просторно поимање на светот.

„Оставен сам, продолжив да слегувам низ скалите. (…) Макар што тоа беше исцело невозможно и бесмислено, во еден миг, доаѓајќи одоздола, се укажаа тројцата самоповикани чувари. (…) Сите тие одеа нагоре по скалите, доаѓајќи одоздола, од некакви темни бездни, макар што јас бев свесен дека сум ги оставил некаде горе, на горните катови од маѓепсаната зграда.“
(расказ „Темни скали“)

„Надвор, во височините, каде сѐ уште имаше сончева светлина, раскошно блескајќи со своите многубројни украси, пловеше еден воздушен брод. Тоа беше балон, со надолжни риги – црвени, жолти, портокалови – но под него висеше огромна кошница, се чини плетена од врбови прачки, во која беа сместени голем број луѓе. (…) Леталото благо се лизгаше низ воздухот, над полето со пченки, а кога дојде над возот, се спушти сосема ниско. (…) Сите од возот беа на прозорците зјапајќи вџасено во неверојатната глетка.“
(расказ „Дирижабл над поле со пченки“)

Каде плови дирижаблот? Можеби е во потрага по таинствената „Книга со виолетови корици“ од истоимениот расказ? „Да не можете вие, како искусен читател, да ми помогнете? Да не сте ја сретнале некогаш таа книга со виолетови корици, со необични цртежи внатре? Да не знаете каде може да биде сега?“ („Книга со виолетови корици“).

Излезна рамка

Зар секое пишување/читање/толкување не е патување, авантура, пловидба или прошетка низ лавиринтските патеки на нарацијата, во времето и просторот?! Веројатно, само превозното средство се разликува! Раскажувачот Влада Урошевиќ ги одбира пајтонот „во зимските ноќи, кога провејува снег“ („Претпразнична вечер“) и воздушното летало дирижабл („Дирижабл над поле со пченки“), обете поврзани со детството како негова опсесивна тема: пајтонот упатува на „ноќниот пајтон“ кој ги носеше детето-наратор и неговата роднина Емилија во чудесни градски авантури, а дирижаблот, според авторовото сведоштво, се врзува за цртежите видени во омилените книги во периодот на детството. Пајтонот се движи по земја, дирижаблот – плови по небото. Идеална комбинација, зар не?! Урошевиќ е искусен пајтонџија кој познава „некаков таен план на градот“ и вешт управувач со дирижаблот по ѕвездените патеки на нарацијата. На оние што патуваат со него, меѓу сонот и јавето, им нуди „вишнов ликер“ на дар.


12 Слободан Мицковиќ, „Влада Урошевиќ или од еден агол“, предговор во: В. Урошевиќ, Знаци, Скопје, Мисла, 1969, стр. 9.

АвторЛидија Капушевска-Дракулевска
2019-08-06T13:00:07+00:00 јули 31st, 2019|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 126 - 127|