Кон „Снегулки“, Калија Пападаки: Мama mia bruta anche bella America

/, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 133 - 135/Кон „Снегулки“, Калија Пападаки: Мama mia bruta anche bella America

Кон „Снегулки“, Калија Пападаки: Мama mia bruta anche bella America

(превод на македонски Емилија Мајсторова-Стојановска; Три, 2019)

 

Романот Снегулки од грчката прозаистка и сценаристка Калија Пападаки (1978), еден од добитниците на Европската награда за книжевност за 2017 година, почнува со кус цитат од германскиот писател В.Г. Зебалд (W.G. Sebald, 1944-2001): „…времето е веќе истечено… нашиот живот е само избледен одраз на еден иреверзибилен процес…“. Овие зборови, заедно со насловот, ја трасираат патеката по која ќе оди делото: романите на Зебалд во голем дел зборуваат за личната и колективната меморија, но и за губењето на оваа меморија, за распадот на цивилизациите и традициите, за траумите и за чувствата на туѓост и отуѓеност. Насловот на романот, пак (дендрити, преведен на македонски како снегулки), има повеќеслојно значење. Од една страна, дендритите навистина се снегулки, мразулчиња, совршени кристали како оние што во студените зимски денови (кога температурите паѓаат под -10°C) ги шараат стаклата на прозорците. Но, дендрити се и кусите продолжетоци на невроните кои ги собираат нервните импулси од клетките околу себе и ги спроведуваат до нервната клетка, тие примаат и пренесуваат пораки, придонесувајќи за нормалното функционирање на нашите мозоци. Или: колку повеќе дендрити, толку повеќе сеќавања, толку поголема способност за решавање проблеми. За насловот, често зборува и самата авторка, кога вели дека овој збор означува и „семејни стебла и трагата што тие ја оставаат на следните генерации, а се разбира и ефемерноста на човечката убавина, што може да се види во оние посебно оформени снегулки што танцуваат низ воздухот“ (Rossoglou). Така со сиот ризик што го носи резимирањето и упростувањето, би можело да се каже дека Снегулки е книга за „тензијата меѓу сеќавањето и заборавот“ (Anagnostou, 17), книга за она што останува (или исчезнува) откако ќе заминеме од својот дом, откако ќе заминеме од овој свет, книга за животот на обичниот човек наспроти големата историја, но и книга за тагата како суштински елемент, есенција на човечкото битие.

Наративна структура, географско и историско лоцирање

По воведот, под насловот, романот се гради од дваесет поглавја. Секое од нив наизменично почнува со стихови од двајца американски поети: Николас Антони Виргилио (Nicholas Anthony Virgilio, 1928-1989), кој најчесто пишувал хаику, и Волт Витман (Walt Witman, 1819-1892). Иако во романот се провлекуваат и на еден или друг начин се раскажуваат многу приказни за многу ликови, две од нив се носечки, тие се ‘рбетот на кој се потпира книгата: онаа за Андонис Камбанис и неговиот син, Василис (Бејзел) Камбанис. И приказните за таткото и синот, и сите останати приказни на оние околу нив се случуваат во градот Камден (Camden), во близина на источниот брег на САД, во Њу Џерси, наспроти Филаделфија; двата града се разделени со реката Делавер, а поврзани со мостовите Бенџамин Франклин и Волт Витман. Ова е градот врз чија рачно нацртана мапа на почетокот на книгата како по гобленска шема се везат животите на протагонистите на Калија. Камден е градот во кој живеел Николас Антони Вирглио, градот во кој умрел Волт Витман. Камден е градот во кој е снимен првиот манијакален масовен убиец во 1949 година. Ова е градот каде што 40% од населението и понатаму живее под прагот на сиромаштијата. Ова е градот кој во 2012 година имал највисок процент на криминал во САД.

Уште во таа за Камден тешка 2012 година, во претставувањето на Ревијата на мали книжевности (Revija malih književnosti) во Хрватска, грчкиот книжевен теоретичар, есеист и романсиер Христос Хрисопулос (Hristos Hrisopoulos) ќе рече дека книжевниот свет на Калија е „интровертна урбана дистопија“ и дека таа „става посебен акцент на детали, безначајни настани и моментални расположенија, а мрачната атмосфера која ги пронижува ликовите и просторите се чини необично вистинита,.. Пападаки конструира сопствен книжевен свет кој на читателот истовремено му се чини и близок и отуѓен“ (Gregov). Она што веднаш се забележува (и останува непроменето во целиот тек на раскажувањето) е дека Калија Пападаки е вешт, трпелив, прецизен раскажувач — таа приказните за таткото и за синот ги почнува полека, некако зборувајќи повеќе за другите, за оние околу нив, отколку за нив самите. Лесно прескокнувајќи од една на друга приказна, од еден во друг временски период (зашто приказните се случуваат во временска отсечка од шеесетина години), таа некаде во петтата глава ги поврзува двете и заеднички, напоредно ги тера до крај. Таа навистина, како што вели Хрисопулос, ситно и детално ги везе двата книжевно паралелни, а историски последователни периоди во развојот на Камден. Еден е оној во раните дваесетти години на дваесеттиот век кога (таткото) Андонис Камбанис во градот доаѓа како имигрант, Грк со италијански пасош кој е резултат од италијанско-турскиот мировен договор потпишан во Виши во 1912 година со кој неговите родни Додеканези, острови во југоисточниот дел од Егејското Море ѝ биле доделени на Италија. Камбанис доаѓа во светот во кој сите се дојденци, во светот на бродоградилиштата, на прохибицијата, во свет кој забрзано се гради да го здоми „великиот американски сон“, а „американскиот сон беше, и е, пред сѐ, универзален јазик кој ги засладува боговите и ги успива демоните, а ги дарува сите нивни знајни и незнајни копилиња“ (Снегулки, 17).

Другиот период, оној што во романот ја претставува сегашноста, е 1980 година. Ова е годината во која Реган станува претседател на САД по изборната трка со Џими Картер, кога Гркот Тели Савалас е планетарно славен како Коџак, кога американски дипломати се заложници во Техеран, кога го убиваат Џон Ленон, годината кога умира Тито, кога јас сум имала единаесет, а Калија Пападаки две години. Исто како што големиот крах на американската берза пред повеќе од педесетина години влијае врз добробитта на Камден и неговите граѓани, новата економска криза повторно длабоко го погодува и го менува неговиот лик, зашто „дотогаш просперитетниот град се пресели во растечките предградија, први пред сите избегаа Евреите, по нив Италијанците заедно со Грците“ (Снегулки, 20). Ова е годината во која четириесет и четиригодишниот Василис Камбанис (кој се одѕива на името Бејзел), синот на Андонис, Грк по потекло, а Американец по раѓање, го доживува крахот на својот малечок бизнис и крајот на својот брак. „Василис на негово инсистирање и од негова уста стана Бејзел, бидејќи не беше и не се чувствуваше Грк… Бејзел Камбанис не преговараше за неотуѓивото право на самоопределување, беше господар, газда и бранител на своето име бидејќи уште од мал заклучи дека Василис не му се допаѓа…“ (Ibid, 173). Пораснат во тежок брак, без мајчинска љубов, Бејзел не успева да се снајде во овој нов свет, бидејќи тој, „не спознал друго, ниту пак многу патувал, се плаши од промени, како човек да се замисли себеси од почеток“ (Ibid, 83).

Имигрантите и сонот за американскиот сон

Заокружувајќи го својот наративен потфат од шеесетина години, од пресушениот корен на дрвото на грчките острови, до безлисните гранки во Камден, она што Калија го прави во овој роман е целосна деконструкција на американскиот сон. А американскиот сон е она предубедување дека поединецот може да се спротистави, дека може да направи промени, дека умее да се избори, дека паѓа, но секогаш одново станува, и тоа станува посилен. Ова е концептот дека „поединците ја имаат моќта апсолутно да ја контролираат својата судбина и дека самите можат себеси да се лансираат кон успехот“ (Anagnostou, 13). Луѓето во оваа книга се оние што не можат и не умеат да го остварат овој сон, тие се антихерои, тие се оние што нема да влезат во големата историја, нема да бидат дел од ниеден триумф, од ниедна голема победа како „онаа вечер за Божик во 1776 година кога Џорџ Вашингтон, со своите две илјади и четиристотини мажи, ја минувал реката Делавер и ја извојувал првата значајна битка на Континенталната војска, битката за Трентон“ (Снегулки, 118). Кај ликовите во Снегулки, „лузните се втиснуваат рано во животот и во некои случаи можат да ги мачат и цел живот. Возрасните влегуваат во бракови со голема надеж во срцата, но завршуваат со несигурност и незадоволство во душите“ (Anagnostou, 6). Тие живеат во состојба на едно постојано неприпаѓање и невклопување, во неможност да ги пресретнат големите трендови, големите движења и да ги искористат во сопствена полза. Глобалните и националните историски потреси околу нив полека ги разјадуваат нивните малечки животи, зашто „лошото секогаш доаѓаше малку по малку, во мали дози, речиси незначителни, никогаш не удираше со разулавеноста на бурата, туку подмолно те обвиваше, скоро молчешкум, за да може на него да свикнеш…“ (Снегулки, 169-170). Овие луѓе пливаат наспроти текот на големата историја, наспроти поројот на светот околу себе, сè додека овој конечно не ги повлече со себе. Како што вели и самата авторка: „Пишувам за луѓето кои се трудат да направат разлика, ама не успеваат. Пишувам за тоа колку се неизбежни загубата и болката и како се бориме да продолжиме да живееме, да оставиме некој траг зад себе, наш посебен траг дека и ние сме биле тука и сме се обиделе да направиме некоја смисла од овој свет и од овој живот“ (Rossoglou).

АвторЕлизабета Баковска
2021-03-11T15:11:03+00:00 декември 22nd, 2020|Categories: Есеи, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 133 - 135|