Казанот наречен Скопје

/, Литература, Блесок бр. 33/Казанот наречен Скопје

Казанот наречен Скопје

Царство на носталгичарите
Град подигнат – во творбите
Граѓанинот наречен (стар) Скопјанец
Котел одново

#1 „Скопје е казан“, велат поначесто неговите жители, секогаш кога заради летните вруќини, тешко издивнуваат, не знаејќи колку многу – и метафорично – се во право. Скопје е навистина еден зовриен казан. Најнапред географски. Скопје е котел сместен меѓу масивите на Водно, на Матка, на Китка и Црногорието во кој сè се раздвижува во необичен вриеж и воздухот што се спушта од околните падини и струи во котелот на долината, згорештува и се крева, враќајќи се и тркалјаќи се, одново, по околните падини. Потем урбанистички, заради градот со неуредните градби издолжен на неговото дно. Па историски, со оглед на пределот кој непрекинато зовривал, и во времето на предантиката, на Дарданија, на Рим и Византија, на 518-та кога неговиот достоинствен градски предок Скупи испарил во вриежот на тлото од катастрофалниот земјотрес, и подоцна кога во скутовите ја поставил кралската населба Јустинијана Прима, па во средновековјето кога царот Душан Силниот го прогласил за своја царска престолнина, во историското предворие на балканското Кватроченто кое наместо изгрејсонцето на западната ренесанса, хуманизам и рационализам овде зацарувала квечерината, заедно со мирисот и музиката на пустинскиот ветар и заканувачката кобност на младата полумесечина, донесени на сабјите, страстите и воинствените покличи на турските освојувачи со што дефинитивно е воведен фатумот не сеопштиот балкански културен дуализам од кој Скопје оттогаш зоврива; па во 18. век кога австрискиот генерал Пиколмини го „ослободил“ импресивниот град – во кој поранешните импресивни црковни камбанарии веѓе биле исцело заменети со секое поединечно минаретско копје извишено и речиси забодено во високото небо над Скопје – палејќи го градот и, така, „заложувајќи“ го одново и буквално, скопскиот казан; па следното зовривање, кога селанскиот водач на македонските бунтовници Карпош сурово бил казнет со набивање на колец, на очиглед на истиот тој град со долго и тревожно паметење; а, потоа, и кон средината на овој сега истоштен и уморен век, кога во едно време исполнето со нова страст и елан станал престолнина на првата слободна македонска држава, сè до денес, кога во него се случуваат славја и протести што, како и на нашите претци, и нас не тераат дамарите да ни бијат не по спокојниот ритам на срцето, туку по оној на одново обеспокоената историја.
Скопје е, натаму, котел и поради луѓето во тој град ставени во непрекината, температурна мешаница; конечно, дури и поради земјата што од време на време и самата зоврива – тресе. Скопје е простор создаден за вриеж. Осуден на немир. И на промени. Затоа, и простор најмногу од сè, исполнет – со спомени.

2018-08-21T17:21:40+00:00 август 1st, 2003|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 33|