ИДЕНТИТЕТОТ Е ПРИКАЗНА…

/, Литература, Блесок бр. 136/ИДЕНТИТЕТОТ Е ПРИКАЗНА…

ИДЕНТИТЕТОТ Е ПРИКАЗНА…

„Ми се чинеше дека сѐ што знам некако се истумба и се истркала во калта, дека работите веќе немаат заедничко значење, дека часовниците се враќаат на нула, дека меморијата се брише и ревидира. Некој праша: Ајде да ве видиме сега? Со тешко срце се обидував одново да се измислам, да живеам во анонимност, да се лишам од сопствената важност.“ (Стефановски 2005: 8) – пишува Стефановски за периодот што им претходи на неговите највпечатливи, антологиски есеистички проблеснувања.

Во едно претходно исчитување на Горановото творештво, со реферирање токму на Горановите есеи, се констатира дека „новонастаната ситуација го води Стефановски до сознанието од нужноста на редефинирање на сопствениот идентитет, за чувството на губиток на истиот и потребата од трансформирање на истиот, со што се потврдува тезата на Мадан Саруп дека поединецот кога започнува да егзистира на друго место, најсилно чувствува дека идентитетот е прашање не на постоење, туку на станување.“ (Смилевски 2013: 150)

Со ваквата констатација, само делумно би можеле да се согласиме, зашто за Стефановски идентитетот не е ниту само прашање на постоење, ниту само прашање на станување, туку едновремено прашање и на постоење и на станување. Спој на кодот од вертикалното наследство на идентитетот или она што некои теоретичари би го нарекле дел од колективниот идентитет и кодот изграден од она што се постанува / усвојува потоа, во процесот на (само)изградба на Јас во социокултурниот контекст. Сето тоа заедно го сочинува Горановото есеизирано постојам. Впрочем, конкретната потврда на ваквата определба е и есејот „Писмо до внуката“, во којашто суптилно се реферира на вертикалното наследство на идентитетот како дел од кодот на (есеизираното) Јас.

Но, клучно во овој контекст, независно што доминантен дел од Горановиот есеизам е настанат во текот на живеењето меѓу две приказни, коешто најверојатно има придонесено за дел од есеизираните промислувања и ставови и особено за еволуцијата на определбите на есеистичкото Јас, сепак, тематско-мотивските основи на Горановиот есеј не треба да се бараат во автобиографските димензии. Целта на есејот на Стефановски не е да биде автобиографски! Основите на неговата тематска, творечко-мисловна преокупираност со идентитетските прашања и дилеми, датираат од многу поодамна, пред Стефановски да започне да го бара континуитетот помеѓу своите две приказни, уште од периодот за којшто самиот ќе рече: „времиња кога мислев дека тоа што го правам има некаква заедничка смисла и важност“ (Стефановски 2005: 7). Впрочем за тоа сведочат не само дел од неговите конзервирани импресии – неговите мини или нацрт-есеи од коишто првите се објавени точно три децении пред појавата на голем дел од есеите од корпусот којшто го опфаќаме со ова исчитување, туку и неговите драмски текстови.

Автобиографскиот исечок во есејот на Стефановски е присутен како есема – мизанабимски инкорпориран мини или нацрт-есеј, есеј-анегдота или есеј-расказ (а некогаш и преминувајќи / прераснувајќи од еден во друг вид есема), не за во текстот да се говори за него или за да биде јадро на нарацијата, туку за да биде илустрација којашто ќе ја поддржи приказната или критиката за односот кон приказната. Автобиографскиот исечок му е потребен на Стефановски во неговиот есеј за да создаде внатрешна драма во текстот, есеистички театар којшто ќе овозможи поилустративно, поубедливо претставување на приказната. Или попрецизно речено – ќе овозможи прикажување на приказната, бидејќи впрочем, и самиот Стефановски, со интертекстуалната, автоцитатна присутност на неговиот есеј „За нашата приказна“, во завршницата на есејот-роман „Искра што се измолкнува“[4] посочи: „Театарот е многу моќна работилница и машина за раскажување приказни. Во театарот приказната не само што се РАСКАЖУВА, туку и се ПОКАЖУВА. Се случува сега и тука, пред нашите очи.“ (Stefanovski 2018)

Накратко кажано – во Горановото есеистичко творештво, автобиографската слика му е потребна на текстот за да ја оствари својата цел, додека есејот не ѝ е потребен на автобиографијата за да биде забележана.

Затоа и во микроисчитувањето на есеите на Стефановски, може и треба да се настојува на дистинкција меѓу биографијата на авторот и есеистичкиот текст. Толкувачкиот клуч што води кон просторите на повеќето интерпретативни рамништа на овој есеизам е и надвор од автобиографскиот терен. Тој е високо над него, во пределите на творечко-мисловните и филозофски промислувања и преосмислувања за смислата на постоењето и уште повеќе – за начинот како навистина да се постои и опстои во контекстот што прераснува константа на современието, особено согледано на релациите Исток-Запад-Исток и Инфериорен-Супериорен и обратно. Само ако реципиентот пристапи во овие толкувачки предели ќе може до крај да ги разбере пораките на есејот на Стефановски, којшто спротивно на теориските определби за есеистичкиот текст, не завршува само со три точки.

*

Клучната поттекстуална точка во Горановиот есеизам се перцепциите и промислувањата за судирот меѓу личниот идентитет – мојата длабока лична или ако сакате лирска приказна со социокултурниот контекст, а истовремено и перцепциите и промислувањата за судирот меѓу нашата приказна и социокултурниот контекст. Или поконкретно: судирот со перцепциите и интерпретациите на нашата приказна што тој контекст ги наметнува.

„Лирскиот принцип редовно се судира со епскиот принцип, внатрешниот живот со надворешниот, нашата волја се судира со волјата или индиферентноста на другите. Доаѓа до контраприказна, конфликт, драма.“ (Стефановски 2005: 11-12), вели Стефановски. Всушност, епскиот принцип во Горановата рецепција на стварноста е токму социокултурниот контекст, којшто не е претставен од Другиот сам по себе, туку од неговата перцепција за јас и нас, а со тоа и со неговата интерпретација на мојата и нашата приказна.

На првото рамниште, кога станува збор пред сѐ за мојата приказна, социокултурниот контекст го опфаќа она што во Горановиот есеизам е наша приказна (наша култура – идентитет на еден колективитет / нација). Ама судирот меѓу мојата и нашата приказна, не нужно секогаш подразбира исклучување. Напротив. Мојата е дел од нашата приказна, а истовремено, и нашата приказна е дел од суштинското на мојата приказна. Токму затоа и се опредметува критиката за односот кон нашата приказна, бидејќи „погрешната приказна може скапо да нѐ чини, да нѐ доведе во заблуда, во ќорсокак, во смрт“ (Стефановски 2005: 14).


[4] Текстот „Искра што се измолкнува“ (“The Spark Which Escapes”) е последниот есеј на Стефановски, но досега не е објавен. Во нашите анализи го користиме ракописот од личната архива на Горан Стефановски, по согласност од семејството Стефановски.

АвторИван Антоновски
2021-04-03T19:09:51+00:00 март 31st, 2021|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 136|