Зошто се гради поетска слика или за опредметувањето на песните Црвената количка од Вилијам Карлос Вилијамс и Анегдота за теглата од Валас Стивенс

/, Литература, Блесок бр. 116/Зошто се гради поетска слика или за опредметувањето на песните Црвената количка од Вилијам Карлос Вилијамс и Анегдота за теглата од Валас Стивенс

Зошто се гради поетска слика или за опредметувањето на песните Црвената количка од Вилијам Карлос Вилијамс и Анегдота за теглата од Валас Стивенс

Зошто се гради поетска слика или за опредметувањето на песните Црвената количка од Вилијам Карлос Вилијамс и Анегдота за теглата од Валас Стивенс


Поетскиот самореференцијален објект е симбол за човечкото кое, не одејќи физички некаде, се трансцендира себе во себе. Трансцендирањето е сепак временски вертикално, постојано во една точка, „/пристанишно/ во воздухот“ (8)8F . Хоризонталниот простор наоколу конкретно не е запоседнат, единствено просторот што поетскиот објект првично го зазел се самоосвојува вечно. Всушност поетскиот објект не ја надминува својата апстрактност, самиот не се остварува материјално, останува умствена дефиниција за умствен конструкт. Стивенсовата тегла може само структурално да ја уреди „неуредената дивина“ (3)9F , но само формално, само површински, само навидум. Како што дивината полека се приспособува себеси кон кружноста на теглата, веќе не можеме да бидеме сигурни дали човекот или природата го освојува просторот. Дивината се чини го демне човечкиот производ за да го асимилира во својата неконтролирана незаситност. Теглата останува во својата точка во просторот, во својот лет во место, „сива и празна“ (10)10F „/к/ако ништо друго во Тенеси“ (12)11F . На крајот целата заокружена сцена, односно самата песна е токму како тркало со вечно статично средиште − неподвижниот двигател што го овозможува вртењето на потрошниот раб (Krieger, 1992: 221).

Стивенсовиот човечки создаден предмет е метафора за песната како човечки создаден предмет и за јазикот како алатка за конструирање и деконструирање на текстови. Поетскиот јазик оттаму е налик на богот Јанус − дволичен, т.е. двостран или двонасочен (Krieger, 1992: 187) бидејќи создава простор и време тука и сега каде можеме да го увидиме, да станеме свесни за „парадоксалното сопостоење на времето и просторот, на опипливото и очитливото, на имитацијата и слободно движечкиот израз“ (1992: 206). Ако „поезијата е исказ насочен кон самиот израз“ (Јакобсон цит. сп. Анчевски, 2007: 163), тогаш истата функционира во круг. Оттаму ако поезијата, т.е. уметноста воопшто нешто имитира, ја имитира реалноста на сопствениот восприемачки чин. Стивенс не случајно ја избрал теглата како објект − нејзината проѕирност е алузија на песната која во својата временски обременета јазичност го внесува надворешниот простор со што иронично овој вечен уметнички артефакт се загадува со минливоста на времето. Песната ќе биде доживеана од многу минливи субјекти, таа ќе значи многу световни простори во конкретни историски моменти повторувајќи го восприемачкиот чин на една специфична точка тука и сега, во еден бескраен циклус на вечно враќање и вечно отпочнување (Krieger, 1992: 227).

АвторАлександра Јурукоска
2018-10-30T11:17:36+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 116|