Етиката во инфосферата

/, Литература, Блесок бр. 24/Етиката во инфосферата

Етиката во инфосферата

Нашето општество го нарекуваме „информациско општество“ поради стожерната улога којашто во него ја играат интензивните информациски сервиси. Како социјална структура, тоа беше овозможено единствено од страна на ТИК (технологиите за информација и комуникација). Во него набрзо почнаа да се поставуваат фундаменталнио етички проблеми, чијашто сложеност и глобални димензии рапидно еволуираат.
Која е најдобрата стратегија за конструирање на едно етички издржано информациско општество? Дозволете ми да го антиципирам мојот заклучок. Задачата е да се формулира една информациска етика која ќе може да го третира светот на податоците, информациите, знаењето и комуникацијата како нова околина: инфосфера. Онаа информациска етика мора да биде кадарна да ги разрешува новите етички предизвици кои никнуваат во новата околина врз основа на базичните принципи на почитување на информациите, нивното сочувување и вреднување. Таа мора да биде информациска етика за информациското опкружување.
Дигиталната поделеност (ДП) е извор на најголемиот број етички проблеми коишто произлегуваат од еволуцијата на информациското општество. Таа е комбинација на еден верикален и еден хоризонтален јаз. Вертикалниот јаз ја одвојува нашата од минатите генерации. За помалку од едно столетие, од состојба на потчинетост на природата, со посредство на државата на моќта за потенцијално тотално уништување, преминавме кон сегашната состојба, во којашто имаме средства и начини да произведеме наполно нови реалности, да ги скроиме според своите потреби и да ја предвивиме иднината. За првпат во историјата, одговорни сме за постоењето на целосно нови средини. Нашата технолошка моќ е огромна. Таа, исто така, несопирно расте. Веќе е толку голема што ја има надминато бариерата помеѓу природното и вештачкото. Следствено, нашата морална одговорност за светот и за идните генерации е подеднаквои голема.
За жал, технолошката моќ и моралната одговорност не се нужно проследени од етичка интелигенција и мудрост. Сè уште сме како дечиња, кои лекомислено и опасно си поигруваат со чудесниот универзум. Можеби имаме демиуршка моќ врз него, но можеме да се потпреме единствено врз сопствената несигурна добра волја за да нè води во нашите конструкции.
Вертикалниот јаз го означува крајот на модерноста. Проектот на модерната беше целосната контрола и владеење со реалноста сфатена како физичка околина . Информациското доба се надградува врз проектот на модерната, но неговата суштина повеќе не е единствено обликувањето на физичкиот свет. Поскоро, тоа е создавањео и конструкцијата на алтернативни, не-природни околини кои го заменуваат или поткрепуваат. Механичкиот ум се занимаваше со природата и се обидуваше да ја контрролира и модификува, информатичкиот ум го гради својот сопствен свет и оттаму, занимавајќи се со него тој всушност се занимава со сопствените артефакти.
Секако, ДП е исто така и нов хоризонтален јаз внатре човештвото, помеѓу инсајдерите и аутсајдерите. Инфосферата не е географски, политички, социјален или лингвистички простор. Границите на инфосферата минуваат низ Север и Југ, Исток и Запад, индустријализираните и земјите во развој, политичките системи и религиозните традиции, младите и старите генерации, дури и меѓу членовите на едно исто семејство. Се чини поссодветно да се каже дека ДП се јавува помеѓу индивидуите поскоро одошто помеѓу земјите и целите општества, помеѓу компјутерски писмените и компјутерски неписмените (е-аналфабетизам), помеѓу информатички богатите и информатички сиромашните, без оглед на нивната националност и потекло.
Економските и социо-културните корени на проблемот на ДП се толку драматични и неоспорни што никој не смее да ги потцени. Две милијарди луѓе немаат пристап кон електричната енергија; четири милијарди луѓе заработуваат помалку од 1500 долари годишно, две милијарди луѓе никогаш немаат разговарано по телефон. Тие да се наречат дигително „хендикепирани“ или „обесправени“ е патетично и срамно потценување. Глобално земено, оправдано е да се тврди дека основната храна, здравство, образование, и прифаќањето на елементарните човечки права треба да бидат едни од нашите најважни приоритети. Сепак, тука мора да се нагласи дека потценувањето на важноста на ДП, и оттаму, допуштањето таа да се прошири, исто така значи влошување на овие проблеми. Во еден глобален контекст, каде што ескалираат системските содејства и интеракции, ниеден значаен проблем не постои изолирано. Премостувањето на ДП е веројатно дел од решението, а нејзиното нерешавање несомнено е дел од проблемот.
ДП обезмоќува, дискриминира и создава зависност. Таа може да генерира нови облици на колонијализам и апартхејд против кои мора да се дејствува превентивно, да им се пружи отпор сè до нивното конечно искоренување.
Како можеме да се справиме со новите етички предизвици? Бидејќи ДП е проблем кој ги засега индивидуите поскоро одошто општествата, решенијата можат да бидат поефикасни доколку се ориентирани кон обичните луѓе и одат одоздола нагоре, но за жал старите решенија на минатите етички проблеми не можат да бидат едноставно извезени и механички применети врз инфосферата. Технологиите не се единствено орудија, туку исто така и двигатели на присвојувањето, вредностите и интерпретациите на опкружувачката реалност. Секоја значајна технологија е секогаш етички обременета. Природно, другите технолошки иновации (печатарството или индустриските револуции, на пример), си имаат свои сопствени натежнати етички консеквенци. Некои од нив сè уште не придружуваат: помислете на универзалната писменост, слободата на говорот, одржливиот развој, или загадувањето. Сепак, етичкото влијание на минатите технологии се јави во контекстот во кој природата беше кралица а ние нејзини работници. Етичките проблеми се развија долж една многу подолга временска скала, тие немаа непосредно глобална и продорна природа каква што денес имаат ТИК и не беа вклопени во еден контекст во кој виртуелното започна да станува позначајно и пореално одошто физичкото. Проблемот е во тоа што нашиот етички развој беше многу побавен одошто нашиот технолошки растеж. Можеме да сториме многу повеќе одошто можеме да разбереме. Надградувањето на нашата морална чувствителност е бавен процес.
Инфосферата е околина која е суштински неопиплива и нематеријална, но поради тоа не е помалку реална или витална. Етичките проблеми коишто таа ги генерира најдобро можат да се разберат како проблеми на околината. Тие го вклучуваат образованието како тренинг за развој на капацитетите; сочувување, дисеминација, контрола на квалитетот, стабилност, слободен проток и безбедност на информациите; проширување на универзалниот пристап; техничка поддршка за креирањето на нови дигитални „простори“; споделување и размена на содржините; јавна свесност; респектирање на различноста, плурализмот, сопственоста и приватноста, етичка употртеба на ТИК, интеграција на традиционалните и новите ТИК. Со цел да ги олесниме овие и сличните проблеми, потребен ни е силен енвиронментален приод кој може да обезбеди кохерентно водство за праведен развој на овој нов простор за интелектуалниот живот. Накусо, потребна ни е информациска етика.
Информациската етика е нова енвиронментална етика за информациското општество. Таа го застапува гледиштето дека дигиталната поделеност може да биде премостена. Потребно е да се бориме против сите облици на уништување, расипување, осиромашување (забележливи опаѓања на квантитетот, содржината, квалитетот, вредноста) или затворање на инфосферата, она што тука ќе го нарекувам информациска ентропија. Етичката употреба на ТИК и одржливиот развој на едно правично информациско општество има потреба од безбедна и авна инфосфера за сите, каде што можат да цутат комуникацијата и соработката, во сообразност со примената на човековите права и фундаменталните слободи во медиумите. Одржливиот развој значи дека нашиот интерес за издржана конструкција на инфосферата мора да биде поврзан со една подеднакво важна, етичка грижа за начинот на кој таа ја афицира и содејствува со физичката средина, биосферата и човечкиот живот воопшто, како позитивно, така и негативно.
Премостувањето на дигиталната поделеност значи развој на менаџмент за информацискиот екосистем кој може да ги оделотвори четирите базични норми на универзалната информациска етика:
1. Во инфосферата не смее да се предизвикува информациска ентропија;
2. Информациската ентропија во инфосферата треба да биде спречена;
3. Информациската ентропија треба да биде отстранета од инфосферата;
4. Информациите треба да бидат промовирани преку проширување, подобрување, збогатување и отворање на инфосферата, т.е. преку обезбедување на квантитетот, квалитетот, разнообразноста, безбедноста, сопственоста, приватноста, плурализмот и пристапот до информациите.
Овие универзални принципи претставуваат дострел на етичкиот дискурс на Западната култура, кој постепено ја напушти сопствената антропоцентрична перспектива. Тие повторно ја откриваат вредноста на една етика на уважување како на физичкиот, така и на нематеријалниот свет. Една информациска етика за информациското општество треба сериозно да ја земе предвид вредноста на она што е нематеријално и неопипливо. Тоа е најдобриот начин да се унапреди грижата И почитта за инфосферата. Реалноста, како природната, така и нематеријалната не е расположлива единствено за доминација, контрола и експлоатација. Реалноста исто така треба да биде предмет на уважување во нејзиното самосвојно постоење. Тоа е она што можеме да го научиме од енвиронменталниот приод. Но историјата си има свои иронични пресврти, и се чини дека токму оние високо-технолошки општества, коишто ја изнедрија информатичката револуција, се најмалку способни да се справат со нејзиното етичко влијание. Зошто? Затоа што најплодните прилози кон развивањето на еден енвиронметален приод доаѓаат од пре– или не-индустријалните култури, коишто биле способни да го одржат нематеријалистичкиот И не-потрошувачки приод кон светот. Овие култури се сè уште доволно спиритуални за да можат како во физичките така и во нематеријалните реалности да перципираат нешто интринсично достојно за почит, едноставно како облици на постоењето. Токму овие култури можат да ни помогнат инфосферата да ја направиме поцивилизиран простор за сите. Енвиронменталната етика на инфосферата може да биде изградена преку потпирање врз нејзините аутсајдери.
Во 2003 година, на Светскиот самит за информатичкото општество и на 21 Светски конгрес за философија, задачата на меѓународната заедница ќе биде да се изгради глобален консенсус околу јадрото од етички вредности и принципи за информатичкото општество. Постои длабока и раширена потреба за анализа и етичко водство. Поттикнувањето на формулацијата на универзално прифатени принципи и заеднички етички стандарди поврзани со употребата на ТИК и засновани врз енвиронментална информациска етика ќе биде главниот придонес кон конструирањето на подобар свет. Не се работи за наметнување на законски мерки, строги регулации или зајакнување на некои организации за контрола. Целите се да се прошири етичката грижа од биосферата во инфосферата, човештвото да се направи чувствително на новите етички потреби на неопипливите, интелектуални средини, и да се укаже како може да биде премостена дигиталната поделеност. Нашиот предизвик се состои во тоа да соработуваме со цел да развиеме кохерентна и силна етика за иднината на човештвото. Изградбата на праведно информатичко општество за сите е историска шанса којашто не смееме да ја пропуштиме.

Ова е ревидирана верзија на обраќањето на Тематска дебата на 161 заседание на Извршниот одбор на УНЕСКО, на тема „Новите информациски и комуникациски технологии за развој на образованието“, УНЕСКО, Париз, четврток, 31 мај 2001.

Превод од англиски: Ана Димишковска Трајаноска

АвторЛучијано Флориди
2018-08-21T17:21:52+00:00 јануари 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 24|