Ерос/Танатос – Фрида/Славенка

/, Литература, Блесок бр. 118/Ерос/Танатос – Фрида/Славенка

Ерос/Танатос – Фрида/Славенка

Ерос/Танатос – Фрида/Славенка


Поради парализата во ногата, била принудена уште како мала да лежи во кревет и да се соочува со огромна болка. Бегство од болката и од своето тело наоѓала преку цртеж на прозор. Цртала мала врата, преку која мисловно излегувала со замислената пријателка. Тој процес на бегство од реалноста преку цртеж на прозорот, може да се поврзе со нејзината сликарство подоцна, со кое бегала од реалноста. Но, пред да почне да ја хипнотизира болката преку сликање, ја хипнотизирала преку Диего. Познато е дека во почетокот кога била со Диего, воопшто не сликала. Дури подоцна, откако ќе се разочара од Диего, почнала преку слики да ги искажува своите трауми, а преку искажување на траумата, се намалува нејзиниот ефект. Бројер вели дека симптомот во најголем број случаи се остранува ако е раскажан, исто така ако раскажувањето е интензивно, ако е емотивно, симптомот се остранува полесно(Котеска, 2013: 408). Затоа секој момент на болка и несреќа го сликала, освен епилептичниот напад на татко ѝ; несреќата; и неверството на Диего и Кити. Така тие ќе останат во неа како трауми за цел живот, но и корен на останатите несреќи кои ги слика подоцна.

Во Диего ја наоѓа замената на татко ѝ, за кој веќе станува свесна дека не може да се грижи за неа, поради честите епилептични напади. Или можеби уште од кога ќе го види татко ѝ во таква беспомошна состојба, таа почнува потсвесно да бара друга заштита, за која Диего совршено се совпаѓа. Затоа е согласна да се омажи со него и покрај сознанието за неговите љубовни авантури. Кога Фрида веќе станува свесна дека Диего нема да се смени, дека продолжува да се гледа со други жени и да доминира со својата фигура, започнува со нејзинот специфичен начин на облекување. Станува украс, пренакитен со многу шминка, со цветови во косата, со споените веѓи па дури и остава влакненаца во форма на мустаќи да ѝ растат над усните. Диего гледал на тоа желба да му се допадне нему, да го привлече неговото внимание и да се разликува од другите жени. Кога Фрида стана свесна дека Диего не ја почитува нивната рамноправност, најверојатно доживувајќи ја жената по принципот на недостаток 3F , го започна тој период на кловнизирање со многу нападно нагласување на себеси како појава. За тоа пренагласување Фројд вели: женската потреба за разубавување е единствен „нормален” начин да се порекне инфериорна позиција поради немањето фалус. Жената, вели Фројд, почнува да развива секундарно нарцистичко вложување во своето тело, и го третира како што машкото би го третирало љубовниот објект. Телото станува средство на вербата дека е сакана. Таа станува фетишист на своето тело, во надеж дека ќе ја компензира загубата од пенисот. Таа „нормална” разврска за „нормалната” жена значи користење травестија, шминка, намамување и сл., со цел нејзиното тело (за неа) да стане нејзиниот пенис (Котеска, 2013: 803). Но, ни тој обид за привлекување, не го спречи Диего во неговите љубовни авантури.

Поврзаноста на Фрида со мајка ѝ, за разлика од таа со татко ѝ била многу поразлична. Од мајка ѝ никогаш не добила таква поддршка како од татко ѝ. Фрида никогаш не била блиска со мајка ѝ, не се трудела ниту да ѝ се допадне, како што го правеше тоа со татко ѝ. За тој обид на допаѓање на еден од родителите, Фрој вели: процесот на едипизација на девојчето, оди така што, девојчето најнапред увидува дека е „кастрирано“, па потоа го заведува таткото, но бидејќи исто како и момчето, девојчето е осудено на неуспех, повторно се свртува кон кастрираната мајка, за да се идентифукува со неа, а желбата за поседување пенис, ја компензира со желбата да има дете од таткото. Веќе со идентификација со женската ролја на мајката, девојчето ја заменува либидната желба по таткото, со желба за имање дете од друг маж, и на тој начин да ја задоволи желбата за имање пенис (Котеска, 2014: 805). Со овој цитат може да се објасни љубовта и опседнатоста со нејзиниот татко, љубовта кон нејзината мајка откако ќе умре и огромната желба да има деца со Диего.

Фрида не завршува како несреќен лик, напротив, иако во текот на сиот роман зборот болка е најприсутен. Во Морфолоија на сказната на Владимир Проп, тој вели дека сите приказни, означуваат варијанти на една општа тема и сите содржат исти компоненти: рамнотежна ситуација (Фрида во една комфорна зона после операцијата, пред да се запознае со Диего); забрана, совет или искушение (совет од мајка ѝ да не се мажи со Диего занесена од вниманието на Диего); наративна штета (неверството на Диего со Кити); стекнување помош да се поправи наративната штета (помошник е самата Фрида и нејзиниот успех за да си ја врати самодовербата); рамнотежна ситуација (повторно брак со Диего и неговата љубов). Желбата на копнеж (Диего) е исполнета, така што, Фрида завршува како приказна со среќен крај. А просторот кој беше помеѓу желбата на копнежот и нејзиното исполнување, беше исполнет со моменти на задоволство, на слава, на забава, покрај болката која беше иницијатор на сè. Присуството на болката, ја натера да го исцеди животот до крај. И тие трауми кои се со неа уште од дете, ќе бидат најголема причина за тој дуализам во нејзиниот лик.


КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА

1. Грејвс, Роберт. Грчки митови. Скопје: Табернакул, 2002.
2. Декарт, Рене. Страстите на душата. Скопје: Магор, 2004.
3. Дракулиќ, Славенка. Фрида или за болката. Скопје: Икона, 2012
4. Елијаде, Мирча. Митот за вечното враќање. Скопје: Слово, 2007.
5. Померој, Сара. Божици, курви, сопруги и робинки. Скопје: Слово, 2005.
6. Котеска, Јасна. Фројдовска читанка. Скопје: Култура, 2013.
7. Мојсиева, Јасмина. Мајчинството како парадигма за безгранична љубов. Скопје: Институт за македонска литература, 2013
8. Николовска, Нада. Волшебен екран. Скопје: Македоснка искра, 2000.
9. Проп, Владимир. Морфологија на сказната. Скопје: Македонска реч, 2009.
10. Стајн, Мари. Јунговата мапа на душата. Скопје: Три, 2015
11. Фројд, Сигмунд. Неугодното во културата. Скопје: Магор, 2008.
12. Фројд, Сигмунд. Човек волк. Скопје: Ѓурѓа, 2008.
13. Фројд, Сигмунд. Сексуална теорија. Скопје: Ѓурѓа, 2008.
14. Фројд, Сигмунд. Сексуалниот живот на луѓето. Скопје: Ѓурѓа, 2008.

#b
1. Се наоѓа во Британскиот музеј во Лондон и се смета дека потекнува од 17ти век п.н.е. Се мисли дека е Лилит или божицата Иштар. Сепак, тоа е дискутабилно ако се земе во предвид дека сите женски статуи, од тој период се со пренагласеност на репродуктивните органи.
2. Пренагласување на колковите и градите, термин кој го користат археолозите и истиричарите на уметност.
3. „…жените се паднати мажи, анатомски оштетени од недостатокот на пенис“ Котеска, Јасна. Фројдовска читанка. Култура, Скопје, 2013: 801.

АвторДијана Петрова
ПреводЕлизабета Баковска
2018-09-25T09:53:13+00:00 март 27th, 2018|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 118|