Ерос/Танатос – Фрида/Славенка

/, Литература, Блесок бр. 118/Ерос/Танатос – Фрида/Славенка

Ерос/Танатос – Фрида/Славенка

Ерос/Танатос – Фрида/Славенка


(Психо)анализа на ликот Фрида во романот на Дракулиќ

Ликот на Фрида е лик со двојна егзистнција, односно Фрида, која навистина постоела и Фрида – лик од романот. Така, пред судот на втемелувачот на психоанализата Фројд, ќе бидат изнесени дејствијата и карактеристиките на ликот кои ги носи со себе од романот и во него.

Приказната за првото соочување на ликот со болката, парализата на ногата, ме потсети на една од пациентитките на Ј. Бројер. Имено, госпоѓица Ана О. Е псевдоним на еден од пациентите во напреднат стадиум на хистерија (и очигледни физички нарушувања), која оди на терапија кај Бројер. Пациентката на Бројер страда од парализа на раката, која подоцна се проширува на нозете и така натаму. За овој труд, важен е почетокот на парализата на раката со кој го поврзувам почетокот на парализата на ногата кај Фрида. После долгогодишната терапија која ја посетува кај Бројер, тој открива дека почетокот на парализата се јавува со почетокот на болеста на нејзиниот татко со кој била многу блиска. Се случува така што една вечер, додека бдеела покрај болниот татко, од соседната куќа слушнала музика и забава за која добила желба да оди. Заспала со таа желба, за која потсвесно се убедувала дека моралот не смее да ѝ дозволи да оди додека татко ѝ лежи болен. Кога заспала покрај болниот татко, едната рака која била потпрена на столот, отрпнала и потсвесно пронашла излез кој нема да ѝ дозволи да отиде на забавата – парализа на раката. За таквото потсвесно барање на прибежиште во болката има пишувано Фројд. Тој за болката вели дека претставува бегство од моменталната ситуација. Болката ѝ претходи на хистеријата, која во почетокот на откривањето важела за женска болест.

Таткото на Фрида бил епилептичар со постојани напади на епилепсија кои додека била мала, мајка ѝ се обидувала да ги сокрие. Најмногу во сеќавање ѝ останал денот, кога таа и татко ѝ биле сами и тој добил напад на сред улица: сега тој човек, нејзиниот татко, облечен во елегантно, сиво одело и бела кошула, со златен синџир од часовникот и со свилена вртоврска лежеше пред неа , на правлив плочник пред продавницата за бои. Како последен пијаица, помисли и се посрами од тие свои мисли… одеднаш ја фати треска. Се потпре на ѕидот. Некое време се тресеше со стиснати заби, стиснати дланки… (Дракулиќ, 2004: 114). Од срам, добила желба да го напушти телото на татко ѝ кое лежело беспомошно и да замине, но отрпнатата нога ја спречила во тоа. За отрпнатата нога, иако не е споменато, претпоставувам, оти познато е дека во таква положба на „клечење“, невозможно е да не отрпне. Желбата да замине во тој момент е оневозможена од отрпнатата нога и на тој начин срамот од татко ѝ и желбата да замине, се блокирани и потсвесно проектирани на друго место кое ѝ послужило како бегство. После таа случка, постојано ќе чувствува жал за него и нема повеќе да биде непобедлив во нејзините очи. Тоа ќе биде главната причина, зошто подоцна, иако ногата ѝ е зафатена во голем степен од гангрена, ќе одбива да ја ампутира (како дел што ја потсетува на татко ѝ). Свесното обвинување на ногата за сите несреќи е потсвесно навраќање на несреќата со татко ѝ. Исто така, дел од стапалото е првата работа што ја има насликано Фрида. Гиљермо, како доста образован човек, самиот бил свесен за тоа. Затоа уште од мала ќе ѝ дозволува работи кои не биле својствени за женските деца во тој период. Неговата тага и сожалување (предизвикани од грижа на совеста), ќе се разликуваат од грижата на мајка ѝ.

АвторДијана Петрова
ПреводЕлизабета Баковска
2018-09-25T09:53:13+00:00 март 27th, 2018|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 118|