Вечера за четворица

/, Литература, Блесок бр. 44/Вечера за четворица

Вечера за четворица

Пред 1991, нештата во Словенија беа поинакви. Таа беше дел од поранешна Југославија каде што два милиони жители, осум проценти од целокупната ЈУ популација, произведуваше четвртина од бруто националниот производ. Жителите на оваа етнички хомогена, делумно автономна република зборуваа на јазик различен од јазикот на мнозинството. Според фразата изведена од Титовата доктрина за самоуправување, книгите беа предмети со „особена општествена важност“. Книгите ја сочуваа словенечката културна и национална свест низ вековите на различни хегемонии, од кои Австро-Унгарската монархија е најдолготрајната.
Првата национална културна програма беше поттикната од романтичарскиот поет Франце Прешерн (1800-1849), откако тој одлучил да пишува на словенечки а не на официјалниот јазик за комуникација, германскиот, на кој отпрвин пишувал поезија. Во предговорот кон второто издание на Прешерновите Поезии (1847), објавено во 1866, оваа програма е појасно формулирана од поетот и писател Јосип Стритар (1836-1923). Во немирните години на поновата словенечка историја (1988-1991), словенечките писатели играа значајна улога во создавањето на словенечката држава со самото тоа што ја обмислија првата декларација за целта на независноста во еден документ, подоцна наречен „писателски устав“. Потоа, со право се очекуваше дека независната држава Словенија ќе им придава големо значење на книжевноста и креативното пишување.
Сепак, испадна дека ова биле пусти желби, а книгите наскоро станаа производ како секој друг. По либерализацијата на економијата, неколку стотици фирми беа регистрирани како издавачи, на местото на отприлика дваесет државни издавачки куќи од претходниот период. Околу осумдесет издавачи се претставуваат на Љубљанскиот саем на книгата секоја година, а во изминативе години се објавуваат по околу четири илјади наслови годишно. Од ова, три четвртини се први изданија (двојно повеќе од 1990). Но, во споредба со 2.000 наслови или шест милиони книги објавени во 1990, во 2000 просечниот тираж беше намален на 1.500 примероци. Токму областа на литературното издаваштво влијаеше на намалувањето на тиражите: поетските книги паднаа под 500 примероци, додека прозата се движи од 400 па нагоре, иако ретко кога достигнува тираж од 1.500.
Падот во продажбата е придружен (или надоместен од) зголемувањето на малопродажната цена. Во старите денови на социјализмот, недостатокот на стока за широка потрошувачка значеше дека луѓето купуваат книги со остатокот од приходот, бидејќи немаше на што да го потрошат. Денес, не само што купувачите се привлечени од постојано растечкиот избор на продукти, туку и една книга чини колку вечера за четворица, а во библиотеките е бесплатна. Ова резултира со пад на продажбата на книгите на третина од она што некогаш беше вообичаено, додека изнајмувањата од библиотеките пораснаа од три или четири на пресчно девет наслови по жител годишно.
Друг фактор кој придонесува за промените на словенечкиот книжевен пазар е пошироката достапност на странски книги. Во осумдесеттите, нашето книжевно образование во голема мера беше дополнето со книги кои беа прошверцувани од автостперските патувања по Западна Европа. Увезените книги во тоа време беа ретки, а мојата лична скапоцена колекција беше фотокопирана за универзитетските библиотеки. Денес, американските, англиските, германските, италијанските и француските изданија се достапни во Љубљана во моментот на нивното објавување, а она што не може да се купи во книжарниците може да се нарача преку интернет, често побрзо и поефтино, што значи дека сериозните книжарници исчезнуваат. Очигледно е дека денес во Љубљана има повеќе продавници за велосипеди отколку книжарници.
Самиот статус на книжевноста на сменет. Пред 1991, луѓето често читаа за да најдат нешто кое им било недостапно. Нешто поинакво. Нешто кое не би требало да се коментира или да се слушне. Историја, социологија, политика. Читателите бараа демократски идеи во романите, бунтовни гласови во поезијата. Сега сè е дозволено (и во политиката) и единствените преостанати читатели се оние кои се интересираат за книжевноста како таква. Словенија стана премала за словенечката книжевност, читателите се проретчија.
Овој стеснет простор многу лошо влијаеше на некои писатели, додека другите најдоа утеха во прегратката на странските издавачи: словенечките автори кои имаа објавено книги во странство пред 1991 беа ретки, но во последните десет години повеќе од шеесет живи автори се објавени во странство. Голем број на автори се објавени во влијателни списанија, а некои од нив се дел од издавачката програма на престижни странски издавачи. Егзотичните Словенци дури можат да бидат и добри за бизнисот: Галимар го продава словенечкиот автор Брина Свит (кој живее во Париз) низ сиот свет, Версо го објавува философот Славој Жижек, а денот кога словенечките издавачи ќе треба да ги откупуваат правата за словенечките наслови од странските издавачи најверојатно не е далеку. Можеби дури ќе треба и да ги преведат на словенечки: меѓународниот успех на Брина Свит е веројатно потсилен со фактот дека по првите неколку преводи таа почна да пишува на француски, додека Славој Жижек пишува на англиски.
Денешниот словенечки читател веќе не очекува поезијата да создаде подобар свет или да му даде значење на неговиот живот; читателот најмногу зависи самиот од себе. Романите повеќе не се исполнети со идеи од национално значење; ова е поместено во говорите од изборните кампањи. Литературата е ослободена од извршување на општествено важни функции, сега е независна, препуштена самата на себе, повеќе нема никакво општествено влијание. Државната поткрепа за книги од национално значење – остаток од минатиот режим – секоја година овозможува објавување на околу 200 наслови и на околу 70 културни списанија, во тиражи кои се движат од неколку стотици до неколку илјади примероци. Во 2003 година, за објавување на книги беше одобрен буџет од околу 1.4 милиони евра, околу 800.000 евра за списанија, околу 280.000 евра за соработка со странство, вклучително стипендии за преведувачи и книжевни фестивали, а малкуте средства кои преостанаа беа наменети за промоции и читања, главно книжевни читања и дискусии. Можеме да заклучиме дека оваа поддршка овозможува објавување на квалитетни дела, и во оригинал и во превод; неподдржаната книга може да оствари профит (доколку авторот и/или преведувачот се прописно платени) во тираж кој ретко која литературна книга во Словенија може да го постигне.
Како резултат на оваа нова состојба, словенечкото издаваштво е видоизменето; само една од поранешните големи државни издавачки куќи продолжува со работа и продава половина од сите книги во Словенија денес, остварувајќи добивка најчесто од наслови кои се купени на запад и објавени во земјите на поранешна Југославија. Вториот по големина издавач, поренашната Državna založba Slovenije (Државно книгоиздателство на Словенија) ја има намалено својата издавачка програма на објавување учебници а главна дејност ѝ се финансиските инвестиции. Како што покажува последниот извештај на Министерството за култура, повеќето книги од културно значење за Словенија се објавени од мали, непрофитни издавачки куќи, од кои повеќето немаат ниту една личност на својот платен список.
А прашањето како еден мал непрофитен издавач може да преживее во земја со мали профити каква што е Словенија, нè води од областа на фактите во областа на фикцијата, со загарантирани елементи на социјална драма, бурлеска, хорор и комедија на апсурдот.

Од англискиот превод на Јуре Новак:
Игор Исаковски

АвторАндреј Блатник
2018-08-21T17:21:30+00:00 септември 1st, 2005|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 44|