Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

/, Литература, Блесок бр. 51/Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

Моменталната балканска мешаница во голема мерка е резултат на непромислените шовинистички идеи, формирани и во јавноста изнесени од српски академици со проблематична провениенција. Имено, дезуниверзирајќи го мислењето, уметноста и творештвото и редуцирајќи ги на полето на ограничен, националистички и личен нихилизам, тие причинија судир на себичните интереси, сметајќи дека нивната надмоќ добро ќе го одреди резултатот во нивна корист. Сепак, се покажа дека тоа правеле сметка без крчмар. Војната на интересите, што следеше, беше лоша за сите. Врз основа на неодамнешната трагедија, може јасно да се види дека нихилистичките идеи, и врз нив базираното дејствување, водат само кон катастрофа, што далеку ги надминува и најцрните очекувања. Затоа сега е време на Балканот да го обрнеме текот на настаните и работите на глава, да ги извлечеме од кругот на судирите и игрите на различните интереси на моќта, и да формираме една нова димензија на односите, создадена врз комуникација и дијалог. Тоа што го зготвиле академиците, значи конзервативно и шовинистички настроените интелектуалци на старата ера, тоа ние, култивираните интелектуалци на „новата ера“, треба не само да го осудиме туку и да го надминеме и да исчекориме од кругот на темелните постулати кои го овозможија споменатиот помор. Ние како мислители треба да понудиме алтернативи, кои меѓу сите засегнати ќе формираат нов простор за почитување и сожителство на разликите, којшто нема да биде создаден врз празни очекувања и утопии, туку врз оние, во просторот на Балканот веќе постоечки, творечки почетни точки.

***

Што значи зборот Балкан? Нешто како непрегледни зелени шуми односно планинска земја, обрасната со непрегледен килим дрвја. Ова барем беше значењето во времето на првите упади на отоманските Турци во овој регион. Изворно турски збор, кој не значи ништо лошо. Напротив. Длабоките темни шуми, кои се протегаат во недоглед, во човекот, кој ги посматра од некој висок врв, предизвикуваат космички чувства. Иако на освојувачот, којшто требало да се пробива низ нив, веројатно делувале поинаку. Непрегледната шума претставувала тешка пречка при напредување низ сржта на горските земји, проткаени со длабоки долини и диви реки. Значи, нешто слично на Хрушица (Ad Pirum) на северозападниот раб на полуостровот во римските времиња и Тројане (Atrans) на воениот пат на царот Август, по којшто со страв чекореле римските легии од Аквилеа на патот кон Панонија (Carnuntumom) и понатаму кон исток. Денес споменатата траса ја нарекуваме европски коридор број 5. Но Турците не дошле како неподготвени незнајковци. Тие знаеле каде одат – кон Венеција и Виена. И ги следеле миграциските движења од минатото. Не биле ни први ни последни што патувале низ таинствени предели. Колкумина имало пред нив, кои судбината ги фрлила на патот на истражувачи или освојувачи и коишто ги следеле реките нагоре кон изворите, длабоко во пазувите на мрачните гребени. Високо над долините се вишеле карпести планини и им давале величествена кулиса на настаните кои ја формирале историјата. Тешко достапните сртови, обраснати со столетни дрвја, биле попришта во чија срж се раѓала историјата на светот на кој му припаѓаме. Западниот свет е судбински маркиран со случувањата на подрачјето на „Балканот“. Иако денес зборот Балкан се смета за симбол на крутоста, нередот, „хтоничното“, не-доброто и примарното зло, тој всушност означува многу повеќе. Ова го потврдува и фактот дека на почетокот на новата ера токму преку Балканот на Западот се враќале античките знаења кои во голема мерка го предизвикале раѓањето на ренесансата. Знаеме, на пример, дека меѓу иконографите од Сопочани и Џото постоеле директни контакти. Што не би било ништо посебно, ако на фреските од Сопочани не би било јасно видливо дека перспективата била позната уште пред славниот ренесансен мајстор, за неа бил известуван и во писма, а истото важи и за земскиот реализам и за емоционалниот набој на фигурите на ѕидовите во Сопочани.
Балканот е некаква тампон зона меѓу источната и западната цивилизација, меѓу Западот и Ориентот. Балканот попреку, речиси по средината, го цепела границата меѓу источниот и западниот свет, или, попрецизно, меѓу источната и западната половина на Западниот свет, кој денес го нарекуваме Западна цивилизација. Корените на овој расцеп потекнуваат од древното минато и тешко е јасно да се означи, односно – да се одреди, нивниот извор. Барем јужниот дел на Балканот бил лулката на западната цивилизација, иако денес Грците со сите сили се бранат од тоа да бидат вброени меѓу народите и земјите од „Балканскиот котел“. Со некаква испревртена логика, тие се прогласуваат за западна Европа, иако од оваа Европа традиционално ги дели ред длабоки разлики, коишто, од друга страна, ги приближуваат токму кон онаа средина од којашто сакаат да се одвојат. Ако се осврнеме длабоко во минатото, денешната идеолошка слика на светот почнува да се менува, средиштето на цивилизацијата неповратно се поместува назад кон истокот: сè темелно што денес се смета за просветлен и напреднат западен свет – сето тоа се родило и се формирало далеку надвор од Европа, којашто уште неколку милениуми била варварска провинција која цивилизацијата полека ја вклучила во себе, потчинувајќи ја на влијанијата од исток. Уште во железната ера – ако не ја сметаме битната технологија и употребата на железото – многу тешко се споредува животниот, културниот и цивилниот стандард на едните и на другите. Илирите и Келтите не можат рамноправно да се споредуваат со културните народи од источниот Медитеран. Стонхенџ е смешно мал во споредба со Персеполис, Вавилон, Дамаск, со египетските градови или со критските или минајските палати. Вистина е дека високата цивилизација од исток кон запад се селела по море и дека така до одредена мерка го избегнала континенталниот Балкан, но старите Грци продирале и во сржта на полуостровот; не само долж бреговите на Јадранското море туку и низ водите на величествената Истер, и на други начини. Знаеме дека на пример Кадмос и Хармонија (претворени во змии) кон крајот на животот избегале во Илирија, што ни дава до знаење дека тие биле поврзани со земјите во сржта на полуостровот. Сетете се и на славните јунаштва на Аргонаутите и на нивниот пат кон дома. Во оние времиња, тоа значело нешто слично како два и пол милениума подоцна патувањето на Колумбо. И тие свртеле во непознати води, уверени во вистинитоста на нивната претстава за нивниот свет. Се разбира дека била погрешна, но ги довела назад како славни истражувачи кои го обиколиле светот. И Колумбо, следејќи ја непотполната претстава за светот, пловел кон Индија, а сепак успеал да направи нешто неочекувано. Но Аргонаутите не биле први. Одамна пред нив водите на највеличествената европска река ги следеле непознатите носители на културата на Лепенски Вир, обожувачи на празното рибјо ѕурење, на кое десет илјади години подоцна ќе му се восхитува аргентинскиот писател Хулио Кортасар (со тоа што него не го фасцинирале краповите туку алcолотел). Освен тоа, и до ден денес фактички не е сосем јасно како виореле струите на различните напреднати култури или цивилизации, од каде на варварските подрачја провалувале бранови на доминантните влијанија од поразвиените светови. Сè уште не сме сигурни дали Хисарлик навистина некогаш бил Троја, а постои и едно фантастично, но прифатливо толкување, исто така засновано врз прецизното читање на Илијада, дека меандрите на Скамандрос се всушност древните ракави на реката Неретва кај Габела или потопеното подрачје на Хутовата кал. Ѕевс, кој од време на време доаѓал да го види расплетот на битката меѓу војската на Пријам и сојузниците под врвното заповедништво на мелодраматичниот Агамемнон, тоа божем го правел од врвот на Свети Илија, највисокиот врв на полуостровот Пелешец. А неговиот брат Посејдон, по бурните крстосувања низ Медитеранот, својот воз го паркирал во Модрата пештера на островот Бишево. Како и да е, иако денес сакаме да зборуваме за лулката на цивилизацијата, велејќи дека е грчка и поставувајќи ја на Балканот во поширока смисла, не е тешко да се види дека тоа што денес го нарекуваме Балкан, е нешто сосема друго од споменатиот историски поим, а секако нешто што со повиците „тхаласа, тхаласа“ нема многу заедничко. Балканот, за којшто размислуваме, е оној дел на ова географско подрачје што не допира до морските брегови. Макар што за тоа се погрижиле и сојузничките морнарици под заштита на Обединетите Нации, кои на цивилните жртви во последните војни им оневозможија да се снабдат со оружје и рамноправно да ѝ се спротивстават на белградската армија. Темно зелената длабина на непрегледните шуми, што толку ги импресионирала Турците, била онаа непреодност на планинските лавиринти, што сите минувачи, значи сите бучни племиња кои навалувале кон западот на копното, ги заобиколувале по долините и низ реките. Дури повеќе вековното населување овозможило луѓето полека да ги населат и оддалечените и тешко достапните дивини и да создадат сопствена висока култура.

АвторИсток Осојник
2018-08-21T17:21:22+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 51|