Димензии на болката

/, Литература, Блесок бр. 46/Димензии на болката

Димензии на болката

Автобиографските и психолошките елементи во романот „Пијанистка“ на Елфриде Јелинек (Слово, 2005)

#1 Не сум сигурна во колкава мера на македонската јавност ѝ е познато името на австриската писателка, сега веќе нобеловка, Елфриде Јелинек. Самиот факт дека во 2004 година, на општо изненадување, таа ја понесе Нобеловата награда за литература, за многумина се чини доволен да се направат напори да се приближи нејзиното дело до македонската книжевна јавност.
Многупати, читајќи ги освртите кон романот, речиси како апозиција на насловот, стои „автобиографски роман“, кое на почетокот се обидов го сфатам едноставно како маркетиншки трик со кој се освојува читателската публика и се зголемува тиражот. Но, дали токму автобиографското кај Јелинек е она што го понесе кон врвот нејзиниот роман, ги премина границите на германското јазично подрачје и на Јелинек ѝ донесе светска слава?
Ерика Коут е триесет и осум годишна учителка по пијано која студирала на Виенскиот конзерваториум и продолжила да живее во родителската куќа заедно со својата мајка. Доколку ни е позната биографијата на Јелинек, знаеме дека таа е исто така академски музичар од Виенската школа, која по завршувањето на студиите па сè до 1968 година останува да живее во родителскиот дом и во него доживува еден вид психолошко-емотивна криза. Причините за таквата емотивна криза, особено по смртта на нејзиниот татко, непознати во нејзината биографија, се првата врска помеѓу Јелинек и Ерика Конт. Паралелата помеѓу нив можеме да ја започнеме од почетните букви на нивните имиња, музиката како професионална определба но можеби најцврстата автобиографска врска е семејството и доминантната позиција на мајката.
И во двата случаи, станува збор за форма на семејство каде недостига таткото, па оттука врската помеѓу мајката и ќерката добива димензија која на некој начин ја надминува прифатливата граница на блискост и преминува во сферата на интимното.
Така, честопати низ романот доаѓа до идентификување и совпаѓање на искуствата на авторовото „јас“ и фиктивната „јас-конструкција“ на главниот лик. На тој начин, Јелинек ја засилува моќта на себеспознавањето, вградувајќи ја и доживувајќи ја преку ликот на Ерика. Значи, и покрај поединечното постоење и функционирање на двете „јас“, авторовото и она на главниот лик, неретко се добива впечаток на поистоветување и нивно функционирање едно преку друго.
Континуираната зависност која Ерика ја има од сопствената мајка, започната можеби во периодот на нејзиниот психофизички развој а продолжува во годините на зрелоста, не дозволува од неа да се развие здрава возрасна личност. Мајката е присутна во секој момент од животот на Ерика, правејќи од него сурогат под маската на сопствената улога на заштитник. Така Ерика е „сигурна“ дека ниту еден злонанмерник нема да влезе во нејзиниот живот додека мајка ѝ е покрај неа.
Сосема очекувано но малку предоцна, кај Ерика се јавува удвојување на личноста: една која ѝ е верна на мајката и друга која Ерика предоцна ја открива шетајќи сама низ улиците на Виена и доаѓајќи до откритие за сопствениот сексуален идентитет.
Ваквото расслојување на личноста во еден момент доведува до отпор кон мајката и желба да се избега од „сигурноста на домот“ за да се спознае и искуси сетилниот елемент на сопствената личност. Ако живеењето во родителскиот дом кај Јелинек кулминираше со нервно растројство, кај Ерика тоа завршува со низа девијации и компликации врз кои е подложена нејзината личност и во овој момент не може или е предоцна да се справи со неа. Потрагата по сопствениот сексуален идентитет и потребата да се соочи со новиот „пронајдок“, колку и да е болен, кај неа ја буди нејзината притаена и воопшто неоткриена природа. Но, бидејќи будното око на мајката сè уште ја следи, таа нејзина новооткриена природа не созрева. Под сенката на стравот, затворена некаде во себеси, меѓу домот, надворешниот свет и телесната љубов кон нејзиниот млад ученик, се враќа во детството – овојпат за да ја спознае тајната на човечката сексуална природа.
Симон де Бовоар во есеите под наслов „Другиот пол“ објаснувајќи ја појавата на садомазаохистички настраности кај младата девојка вели: „Девојката се преобразува во жена по пат на насилство“1F. Како и да стигне до сознаниете за сопствената сексуалност, младата девојка тоа го доживува како насилство, првенствено врз нејзиното тело а потоа и врз целокупното нејзино битие. Сознанието дека ќе биде поседувана, објективизирана и пред сè пасивна, кај неа буди бунт, неприфаќање на сопствената природа па и желба за одмазда. Кога станува свесна дека будењето на целиот нејзин сексуален живот настанува по пат на болка, таа се обидува да ѝ пркоси на природата, самата задавајќи си болка. Според мислењето на некои психоаналитичари, мазохизмот е женска особина и благодарејќи на тоа жената може да се прилагоди на својата еротска судбина. Според Фројд, психоаналитичарите разликуваат три облици на мазохизам: првиот е поврзување на болката со наслада, вториот е прифаќање на еротската зависност на жената, додека пак третиот е механизмот на самоказнување. (Bovoar, Drugi pol 2,171)
Кај Ерика го имаме третиот облик на мазохизам, самоказнувањето. Повредувајќи се себеси, таа всушност врши повреда на сопствениот господар, оној кој целосно ја поседува (мајката). На самиот крај на романот, мајката како да ја губи својата заштитничко-поседувачка улога на сметка на младиот љубовник Валтер Клемер кој, наведен од својата учителка, влегува во кратка садомазохистичка врска со неа.
Фактот дека специфичниот дискурс, честопати опишуван како порнографски, дискурс на мрачни и луди страсти на Јелинек, го сублимира во себе револтот против општоприфатениот западен логоцентризам, е совршено јасен во овој, ако може да се нарече, бестселер на нејзиното романескно творештво. Остануваат отворени прашањата дали Јелинек навистина е изолирана да биде дел на австриската авангардна литература или сосема заслужено ќе го предводи текот на австриската книжевност на XX и XXI век.

#b
1. Simon de Bovoar, Drugi pol 2, prev. Mirjana Vukmirović, Beograd, 1982.

АвторЕлена Конеска
2018-08-21T17:21:28+00:00 февруари 1st, 2006|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 46|