ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ


Керет ја стави едната рака на Велсовото, а другата на Тањиното рамо: „Тргнете вие двајца, веруваме во вашите брзи нозе, ние тројца одиме по волкојарецот“.
Смиреноста и убедливоста на Израелецот го направија своето. Се изгушкавме со Тања и Велс и тргнавме секој на своја страна.
„Еј, motherfuckers“, викна Велс по нас, „испердашете го газот на волкојарецот и вратете ни ја поетесата жива и здрава!“
Керет, Блаж и јас кренавме секој стисната тупаница во воздухот, што значеше приближно: „Да, нема проблем, ќе го направиме тоа“.
Длабоко во срцето никој од нас не веруваше претерано во среќен крај.
Ги следевме трагите на волкојарецот. Поточно, Керет беше тој кој ги следеше трагите, а Блаж и јас го следевме него. Израелецот на секој чекор застануваше разгледувајќи ги скршените стракчиња на тревата, напукнатите гранчиња и други ситници кои ние двајца никогаш не би ги ни регистрирале.
„Изгледа оди по зацртана патека“, заклучи Керет.
„Во еден миг ќе дојде на целта или веќе дошол“, реков, „а тогаш нè чека пресметка. Имаме ли некој план или за тоа ќе размислуваме подоцна?“
„Ќе го нападнеме со сите средства“, се јуначеше Блаж.
„Секој од нас има нож и овие стапови. Се плашам дека тоа е премалку, ќе нè растргне волкојарецот како сираче наполитанка, ќе нè расфрли низ Велебит без поголеми проблеми“, бесрамно лелекав предвидувајќи ни јуначка смрт.
„Директен напад не е најпаметна опција. Ќе видиме каде се вгнездил и тогаш ќе решиме за тактиката. Ако е Маруша уште жива, може ќе успееме да ја украдеме без борба со волкојарецот“. „Добро кажа, Израелецу, директен напад би бил сигурен пат во смрт. Патем речено, Блаж, ти само што го виде, рече дека тоа е волкојарец. Како тоа?“
„Сум слушал приказни, легенди за суштество кое можеби живее некаде на Велебит. И еве го, изгледа навистина живее овде. Меѓутоа, факт е, дури денеска и го видов. Неверојатно нешто“.
Во еден миг Керет според трагите заклучи дека волкојарецот ја напуштил зацртаната траса и тргнал кон еден од врвовите: „Логично, претпоставував дека се сместил некаде горе“.

Почнавме со качување. Збогум Загреб, збогум цивилизацијо, тешко дека веќе некогаш ќе се видиме. Многу веројатно ќе загинам во оваа дивина. Се надевам само дека смртта нема да биде бавна и премногу болна. Не би било фер. Сепак покажав одредено јунаштво тргнувајќи во оваа бесмислена потера. Утешно ли е што ќе настрадам во херојски потфат? Размислив малку и заклучив: Ма, како да не, нема тука ни зрнце утеха. Волкојарецот ќе нè испотепа како здодевни муви. И Гандалф Перковиќ, и смелиот трагач Керет, и мене ќе ме убие, исто така. Можеби баш јас прв ќе настрадам, па не ќе мора да ги гледам нивните страдања и неминовното погубување. Припадниците на Планинската служба ќе ги пронајдат нашите изобличени тела некаде во овие карпи. Можеби, којзнае, може еден ден по мене ќе именуваат некое бедно мало училиште во предградието. Основно училиште „Себастијан Шамски“. Деца, учителките ќе ги прашаат ученичињата-првачиња, знаете ли кој бил Себастијан Шамски по кого нашето училиште го носи името, знаете ли, дечиња? Не знаеме, ќе речат дечињата. Себастијан Шамски бил помалку познат хрватски писател, ќе го паметиме по јуначката смрт на Велебит. Знаете ли, дечиња, како загинал? Не знаете, е па јас ќе ви кажам – изгинал во акција за спасување на словенечката поетеса Маруша Клемен од канџите на свирепиот волкојарец.
„Феј Вреј, слушаш ли?“
„Молам? За што зборувате?“, се вратив во суровата реалност.
„Феј Вреј“, повтори Керет, „првата несудена невеста на Кинг Конг. Пред Џесика и Наоми, уште во 19 Феј глумеше во првиот Кинг Конг“.
„Канаѓанка, една од оние филмски диви кои доживеаја длабока старост“, додаде Блаж Гандалф Перковиќ. „Ти одлета, Шамски, за што размислуваше?“
Се качувавме по карпите како во некоја видеоигра со платформи. Сонцето пржеше, се одбиваше од камењата и цедеше литри пот од нас. Имавме нешто вода, но не баш за фрлање.
„Размислував за тоа како најверојатно ќе загинеме уште пред залезот на сонцето. Ти си виновен, Перковиќ, знаеш ли? Поради тебе ги оставивме мобилните!“
Се исправив чувствувајќи сè поголем бес.
„Виновен си зашто ја напушти цивилизацијата и дојде да живееш во оваа негостољубива припиздина! Виновен си зашто го глумиш Гризли Адамс, Перковиќ!“
Во еден миг и Перковиќ нагло се исправи па целиот црвен во лицето се раздра: „Јас не сум Гризли Адамс…“
Сакајќи да се сврти кон мене, со десната нога побара цврста потпора, но не најде – камен голем колку главица зелка попушти под неговата тежина и се стркала надолу. Блаж двапати замавна со рацете, обидувајќи се да ја врати рамнотежата, а потоа само летна во празно. Слушнавме тап удар и ништо повеќе.
Етгар Керет и јас стоевме над Блажовото неподвижно тело. Удрил со тилот во карпа и тоа беше неговиот крај. Згаснатите очи на велебитскиот син останаа отворени и вперени во чистото синило над планината. Во нив веќе беше згаснала искрата на животот, но и покрај тоа Израелецот клекна и му го провери пулсот.
„Мртов е“, рече.
„Гледам и самиот. Јас го убив, виновен сум“.
„Јас тоа не го гледам така. Се спречкавте, нервите ни се на сите напнати, а нашиот пријател застана на погрешен камен. Тоа е сè. Тој камен стоел горе стотици години и чекал. Блаж Перковиќ денеска конечно дошол на договорениот состанок“.
„Подари му вечен мир, Господе“, додадов.
Се исправивме и стоевме некое време во тишина. Изгледаше како да се молиме во себе или нешто слично, но јас за тоа време размислував за зборовите на Керет. Има право човекот, помислив, не можам да се обвинувам себеси. Кога се пентариш по планина, мора да пазиш каде ќе застанеш, а Блаж не пазеше. И така се случи да застане баш на тој камен. Велебит е виновен, тој го уби, на трето место е, секако, волкојарецот, па дури потоа, некаде на четврто или петто место доаѓам јас. Мојата вина е занемарлива. Така е, си повторував во себе, јас на ниеден начин не сум одговорен за смртта на Блаж Перковиќ. На крајот, не морал да се пресели во оваа пустелија.
„Е мој Перковиќ, црн Перковиќ“, додадов гласно и набрзина се прекрстив.

АвторЗоран Пилиќ
2018-12-13T12:05:30+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 110|