ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ


Малку качувајќи се, малку одејќи по рамно низ остри синосиви стени меѓу кои, овде-онде, растеа билки за кои не знаев ништо, дојдовме до плато над кое беше надвисната карпа.
„Тука ќе одмориме, но не повеќе од дваесет минути. Нè чека освојувањето на оваа нагорнина овде. Не е тешко, но мора да се биде претпазлив“, нè извести кусо Перковиќ, па се оптегна на земја.

„Јас мора да мочам“, се јави Маруша, „но каде?“

„Кај сакаш ти, ено мојт зад оние карпи онаму“, Тања ѝ покажа неколку карпи на крајот од платото, ливадата или како и да се вика стручно таквиот простор.
Словенката зеде нешто од ранецот и се упати на другата страна, чекорејќи лежерно како по модна писта. Керет, Велс и јас ја следевме со поглед. Тања и Блаж не. Тој гледаше во небото, а Тања си играше фрлајќи ловечки нож во земјата, и тоа така што секојпат й се забиваше на само неколку милиметри од левото или од десното стапало.
Само што исчезна зад карпите, Маруша вресна и се затрча кон нас попат навлекувајќи ги панталоните.

„What a fuck…“, заусти Велс.

Растојанието кое поетесата требаше да го претрча беше нешто малку пократко од фудбалско игралиште, но никогаш не го помина. Како во детски кошмар од зад карпите исчекори чудо¬виште високо околу три – три и пол метри, се фрли угоре и со два брзи скока је стигна нашата сопатничка, пресекувајќи й го патот.

„Волкојарец!“, го чув Блаж.

„Иш, иш, ииииш!!!“, викаше Тања.
Велс и Керет не рекоа ништо или, ако рекле, јас не ги слуш¬нав. Имав свои проблеми, и тоа големи.

Изгледа, еве, се мрднав од умот. Значи, така бидува тоа – во реалноста јурнуваат чудовишта, па ти види си како потоа. Суштеството наречено волкојарец не се премислуваше што и како ќе прави.

Пред наши очи ја грабна поетесата Клемен, ја стисна под рака како да е детенце или векна леб и со ретко видена брзина и вештина испари зад оние карпи и уште понатаму каде и да беше тоа негово „понатаму“.

„Брзо, по нив!“, нареди Блаж Перковиќ, го фати својот стап и се затрча.

Стрчаа и сите останати, па така и јас иако, чесен збор, не гледав никаква особено паметна причина за ние сега тука да се јуначиме нешто и да трчкаме по чудовиштето кое, дури и со Маруша под мишка, трча трипати побрзо од кој било јамајски или американски спринтер. Реагиравме согласно со компликуваната човекова психа која, меѓу другото, наложува одвреме-навреме да правиме сосема апсурдни, бесмислени работи. Пологично би било да се повика легендарната Планинска служба за спасување и да се каже:
„Добар ден – добар ден, овде мала група книжевници, ви се јавуваме некаде од Велебит и, како што веќе и самите насетувате, имаме проблем. Волкојарец, еве, ја грабна нашата колешка Маруша Клемен и ја одведе некаде. Како изгледа тој волкојарец? Сте го гледале ли филмот Предатор? Кој било Предатор, така е, епа така некако изгледа и волкојарецот, освен што нема дредови, покрупен е, а има истурена волча муцка, издолжена, браво, и рогови како јарец, само уште поголеми, да, висок е три метри, можеби дури и три и пол, телото му е покриено со црвено и црно крзно, да речеме со црно со по некое огнено црвено перче, оди исправено, да, исправено оди и очајно е брз, вешт е како вртимушка така е…“
Тоа би било идеално, да, но нашите мобилни останаа далеку во подножјето на планината. Така нареди Блаж Перковиќ, синот на Велебит, а ние будали го послушавме. Соединувањето со природата не ќе беше можно ако ги довлечкавме своите технолошки помагала. Е па, убаво се соединивме, си мислев. Трчавме до карпите и застанавме.

АвторЗоран Пилиќ
2018-12-13T12:05:30+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 110|