ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ



Превод од хрватски јазик

Хатка Смаиловиќ

Природата е мој природен непријател. Така е откога знам за себе, така е и така ќе остане. Не знам како поинаку и поубаво би го кажал тоа, а да не се оддалечам од вистината, па нема ни да се трудам. Природата или дивината, што е далеку попрецизен назив за непристапни и навистина диви предели, го прави човекот смешен и беспомошен. Не секој човек, се разбира, но луѓе како мене нема што да бараат таму без добро упатени и до заби вооружени водичи. Шансите дека бледникаво, тенкокожо и кон секоја болештина склоно суштество, какво што сум бил отсекогаш, ќе преживее самостојно во дивина подолго од половина ден, во старт се сведени на минимум. Во деведесет и пет од сто случаи нешто би ме убило: црна вдовица, алигатор, орел кликач, мечка, разновидни инсекти, пијавици, змии, громови и молњи или, ако ништо друго, би се сопнал и со чело би паднал на остар камен па ќе починам на самото место.

Во пониските одделенија во основно училиште, ќе го кажам само уште ова, ме запишаа во извидници. Како што бев неразвиен и постојано со бледо лице, на родителите веројатно им се чинеше дека малку престој во природа и во друштво не би ми штетело. По само неколку состаноци нè одведоа на логорување. Иако уште бев многу млад, почувствував дека нешто може да тргне лошо. Ги поставивме шаторите, на јарбол го кренавме извидничкиот бајрак, навечер запаливме логорски оган, а утредента – натпреварување. Последната и клучна дисциплина носеше најмногу бодови, а се состоеше во тоа да се поминат неколку контролни точки на теренот кој, јасно, во најголем дел се простираше низ некое густо шумиште. Во еден миг, мора да признам, и мене ме обзеде малку ентузијазам и натпреварувачка жар. Сите беа така извиднички настроени, па веројатно и мене мора да ме зафатила таа, рака на срце, сосема ирационална возбуда. Не знаев баш точно што правиме, но ги следев другите кои фанатично рипаа наоколу одработувајќи сè што мораше да се одработи. Една од задачите беше со помош на јаже, кое глумеше лијани, да се префрлиме од едниот на другиот брег на неголема рекичка, поток или можеби речен залив. Прерано го пуштив јажето, паднав и низ падината се стркалав во водата. Падината не беше голема, ниту водата беше длабока, и не бев единствен што запна тука, но само мене, додека шлапкав угоре, ме нападнаа рој шумски пчели убијци. Добро, не беше цел рој и не беа убијци, можеби само десет или петнаесет највоинствени и најнервозни пчели од кои три успеаја да ме боцнат: во вратот, подлактницата и на челото.

Од последниот убод, среде челото, ми отече целата глава. Уште истиот ден ме вратија кај родителите онаков, со сосема изобличено лице. Три дена никој не можеше да гледа во мене од ужас – изгледав како мал, слаб монструм со три броја преголема глава. И така заврши мојата извидничка кариера – прерано и неславно.

Триесет години се држев за цивилизацијата како свое природно живеалиште. Убавините на дивите предели може да се видат и на телевизија или на фотографии од пријателите кои заминуваат на такви места како би се излекувале од градската врева, стресот и од други непогоди. Цели триесет години не мрднав од зоната на јавниот превоз, и тогаш, одненадеж, ја прифатив поканата на Тања Мравак и на ХДПП (Хрватско друштво на писатели планинари) заедно со неа и со уште неколку странски книжевници да го посетиме колегата Блаж Перковиќ кој веќе неколку години живееше во дрвена колиба на Велебит. Како основачка и претседателка на тоа малобројно друштво, Тања еднаш годишно, на крајот на летото, а во соработка со ХДК-СЈ (Хрватско друштво на книжевници – Сектор југ), им организираше на домашните, странските и на писателите од регионот излети по ридови и планини.
Ми се јави и рече: „Ајде, дојди, вклучи се, соколе. Ќе одведеме неколку странски писатели на гости кај Блаж“.

„Не можам, не можам, навистина…“

„Не биди пизда. Баш ќе бидит добра екипата, ај, не плаши се, немат ништо лошо да ти се случит, ја ти гарантирам“.

Демек, како воопшто да може некому да му гарантира што било што е помалку од Планинската служба за спасување со два хеликоптера, триесет луѓе на земја и шест извонредно истренирани волчјаци, помислив, особено горе по беспаќата на Велебит каде великиот Блаж Перковиќ со стап од леска ги разместува ѕвездите по небото.
„Со духот ќе бидам со вас, но телото мора да ми остане во Загреб.“

„Пак тој… не противи ми се, ко можеше Сенко Каруза да ојт прошлото лето – мојш и ти ова.“

„Друго сте ти и Каруза.“

АвторЗоран Пилиќ
2018-12-13T12:05:30+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 110|