Блесокот и падот на другарот Зило

/, Литература, Блесок бр. 125/Блесокот и падот на другарот Зило

Блесокот и падот на другарот Зило

Додека размислував, слушнав чекори и една сува кашлица. Ја свртев главата и го видов Аранит, еден од луѓето што работат во секторот на другарот Шемседин. Јас немав некакво пријателство со него. За него се зборуваше дека е тежок и неблагодарен човек. Аранит по професија бил економист, но се занимава со работи од областа на културата. Како што кажуваа другите, тој имал широки познавања не само од областа на културата, туку и од областа на историјата, археологијата и уметноста. Кога зборуваше на состанок со намуртени веѓи, со широка уста, со еден тежок тон, сите молчеа, бидејќи им се наметнуваше на сите со својот авторитет. Некои мислеа дека тој треба да биде на позицијата на другарот Зило, или на местото на Шемседин. Другарот Зило ги имаше слушнато овие муабети. Затоа и му се плашеше на овој мрачен човек, секогаш потонат во работа, секогаш замислен. Погледот на Аранит секогаш беше понижувачки. Тој никогаш не го погледнуваше другарот Зило, иако не работеше со него. Но, бидејќи секторот со кој раководеше другарот Зило соработуваше со секторот што го раководеше другарот Шемседин, Аранит беше упатен во сите прашања и на двата сектора, а и канцелариите им беа блиску, во истиот ходник.

– Го крена на нозе извештајот? – ме праша со презир.

– Подобро секој да си ја гледа својата работа, – реков јас.

– Крени го, крени го! – рече тој мрачно и се оддалечи со тешки чекори низ ходникот.

III

Се вратив рано дома. Ја отворив својата црна чанта и ја извадив белата топ хартија од чантата. На оваа бела хартија можам да напишам еден роман и една новела. Некогаш пишував еден долг текст и го издадов во „Ноември“. Овој расказ е ставен и во антологија. Тоа е и единственото мое дело што се спомнува одвреме-навреме. Но, што ќе ми се спомнуваат извештаите? Ја гледам хартијата и размислувам: „Што ќе се случи ако воопшто не му го напишам документот на другарот Ч.?“ Да му кажам отворено не сакам, џанам! Да се преправам дека сум болен. Да земам извештај од лекар и да се затворам дома. Ах, по ѓаволите! Како не си замина со некоја делегација во Занзибар и да се спасам од овие извештаи и обраќања! Слушнав дека другарот Зило ќе одел во Африка со некоја делегација и ќе учествувал на некоја конференција на тема: „Културата на Африка во споредба со европската“. Но, и да замине таму, нема да се спасам од извештаите. Тие ќе ме следат и низ џунглите на Африка и во најголемата топлина… Ех, и да побегнам кај Ескимите, извештаите ќе ме следат мене!… Како? Дали е вистина дека другарот Зило ќе замине за Африка? Кај го најдоа ова место!…

Сопругата ја отвори вратата и ме најде како стојам пред масата. На нејзиното лице забележав радост и живост. Ми се доближи, ме прегрна и ми рече:

– Вечерва ќе одиме во Драч. Знаеш, Демка? Се сврши Зана.

Зана е нејзината сестра, мојата балдаза, една повозрасна девојка која едвај најде маж, сиротата таа…

– Нека ѝ е со среќа! – реков ладнокрвно.

– Ќе одиме со возот во 5 часот. Два месеца не сме биле.

– Ќе видиме, ќе направиме некако – ѝ велам.

– Зошто ќе видиме? Ние се оддалечуваме од луѓето. Сме се затвориле внатре и не излегуваме – ми вели сопругата и се оддалечува од мене.

Мене ми е срам дека утре треба да му го предадам документот на другарот Ч. Но, за да му го предадам утре, треба да го напишам вечерва.

– Не доаѓам јас, Зејнепе. Подобро оди сама – ѝ велам.

Нејзиното лице се намурти. Седна на каучот и погледна жално. Потоа ги погледна топовите бела хартија. Потоа ја погледна мојата црна чанта.

– Ти… повторно… – рече таа тивко.

Јас молчам.

– А јас помислив дека ти се ослободи од обврската – воздивна таа.

– Другарот Ч. ме замоли да му напишам еден документ за тој големиот настан – ѝ велам.

АвторДритреро Аголи
2019-06-14T20:21:43+00:00 мај 30th, 2019|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 125|Tags: |