Балканската еретика на љубовта

/, Литература, Блесок бр. 25/Балканската еретика на љубовта

Балканската еретика на љубовта

Дали, навистина, мислиме и зборуваме за една иста работа кога зборуваме за љубовта?
Јулиа Кристева/Julia Kristeva, една од оние упорни/луцидни жени што се занимаваат само со најкомпликуваните прашања на човечкото постоење (меланхолија, депресија, нови општествени болести, неуроза, болка, ужасот…), во една од своите мошне интригантни книги (Љубовни приказни / Histoires d’amour : 1983) ова загадочно прашање настојува да го постави и да го разгледа во сета негова комплексност. „Потпирајќи“ се врз цела дузина клучни „потпрашања“:
Дали љубовта е чувство или (можеби, сепак) некаква специфична состојба (на духот)? Како (сè) љубовта се искажува? Низ какви (сè) модалитети се покажува и/или докажува? Каков е нејзиниот – толку специфичен! – јазик? Некои автори и – особено – авторки несомнено специфичниот љубовен јазик безмалку целосно го „изедначуваат“ со поетскиот, сметајќи дека и во двата случаи станува збор за „восход на метафорите“: дури и кога љубовниот исказ се привидува како (навидум) сосема „едноставен“, еднозначен (јас-те-сакам), неговите референцијални и комуникативни потенцијали битно ја надминуваат „содржината“ на изговорените/испишаните зборови – имено, тие „едноставни“, еднозначни зборови секогаш имплицираат/конотираат (всушност – имагинираат!) многу-многу повеќе отколку што нивната ортографско-ортоепска појавност може да „собере“. Имагинираат цел еден космос!
„Можно ли е, воопшто, љубовта да се соопшти? Зарем љубовниот дискурс не е едниствениот (од сите можни дискурси) којшто е можен само во прво лице?“ – прашува една декларирана балканска феминистка, фасцинирана од откритието на европските семиотичарки (Кристева, но и некои други) дека „темелната карактеристика на љубовниот дискурс е токму несигурноста/неодреденоста на неговиот предмет“ (Popovic-Perisic, 1988:69). Оттука произлегува и заклучокот: вистинското „имагинарно поле“ на љубовниот дискурс е писмо. Поточно – љубовното писмо!
Што е љубовното писмо? Желба да се допре/стаса до другиот, желба Јас да биде/стане Другиот. Истата ситуација ја препознаваме и како почетна ситуација на пишувањето, смета Кристева. Љубовта, како и пишувањето, ја означува состојбата на нестабилност, „во кое индивидуата повеќе не е неделива, единствена, стабилна: тоа е состојбата во која Јас прифаќа да се втопи во Другиот, да живее за Другиот“ (Kristeva, 1983:121).
Писмото – не само љубовно туку и книжевно! – станува „простор во кој Јас го повикува Другиот, затоа што сака, страда, ги прераснува сопствените граници, го надраснува сопственото Јас“ (Popovic-Perisic, 1988 : 69).
Барт, нели, смета дека пишувањето е самата љубов – затоа што произлегува од чисто задоволство, па (оттука) мора и да го произведува истото тоа, имено чисто задоволство: во неговиот поимовен систем, љубовта (на Другиот, кон Другиот) станува име за пишување (Barthes, 1975).
Произлегува, ете, дека љубовта и пишувањето суштествено ги поврзува едниот ист мотив: обид за воспоставување интензивен однос со Другиот. Обид за дискурс!

* * *

Обидувајќи се да се сетам на некои овдешни – балкански, не само македонски! – примери на маркантното љубовно до-пишување, да речеме онакво со какво што европската и светска литературна историја исклучително се гордеат, заклучив дека или не сум добро упатена во оваа суптилна проблематика, или балканците навистина не љубат премногу да пишуваат. Мислам – да пишуваат писма! Имено, изгледа дека ниту една единствена балканска Елоиза никогаш не копнеела по својот сакан Абелар, дека ниту еден единствен балкански Кафка ја немал својата Милена, дека ниту една балканска Цветаева ја немала таа среќа та да го сретне својот Пастернак, дека – дури – ниту еден единствен балкански Хавел не ја нашол својата вистинска Олга.
Се разбира, одбивам – однапред – да ја прифатам евентуалната забелешка дека Балканот никогаш и не ги имал сопствените „литературни еквиваленти“ на белосветските Елоизи, Абелари, Кафки, Милени, Цветаеви, Пастернаци, Хавели, Олги… Дека неговите, (метафорички) вљубени пишувачи и нивните (пак метафорички) љубовни адресати можеби, не успеале соодветно да ги артикулираат своите копнежи – за тоа веќе можеме да разговараме! Во овој миг, меѓутоа, најмногу ме интригира прашањето на (безмалку) непостоечката балканска љубовна преписка!
Освен оние картички што занесениот Рацин ѝ ги испраќал на фамозната Раца – идеал-девојка, девојка-метафора, девојка-сон што тој самиот ја одредил, избрал, „создал“, како предмет/објект на сопствената љубов (феминолозите ова би го препознаеле како типично женски илузионизам, како сентиментализам кон кој жените се посклони отколку мажите!), не паметам дека некој друг овдешен писател позагрижено ја развивал сопствената љубовна епистоларија. Писателките, како што изгледа, не се никаков исклучок. Доколку оваа импресија е точна, особено во оној нејзин дел кој ги засега писателките (признавам, инаку, дека не ја проверував претерано педантно!), изгледа дека „буребарутестиот Балкан“ систематски ја поништува онаа фамозна (машка?) предрасуда за жените како „конгенитални писателки“, бидејќи – нели – сите страдаат од „вродена мана“ да пишуваат долги и сентиментални љубовни писма. Жените се, наводно, постојано „расчувствувани“, та дури сентиментални суштества, безмалу опседнати со потребата своите најдлабоки емоции да ги приопштуваат на Другиот, па нека е („тој“) сведен само на лист празна хартија.
Изгледа дека балканските писатели и писателки со своите лични, строго интимни љубовни прашања мошне лесно се носат! Или, поточно, тие прашања ги третираат како строго лични и интимни! Затворени во најтесните и најцврсти четири зида на сопствениот дом. Домашниот есап на пазар не излегува – кажува народната мудрост вградена во темелите на вековното себалканско домашно воспитание!

2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 25|