Алиса во земјата на критиката

/, Литература, Блесок бр. 125/Алиса во земјата на критиката

Алиса во земјата на критиката

Не е воопшто лесно да се толкува толкувачкиот дискурс. Полесно е да се пишува за песни, раскази и романи. Но како да се искаже критика за критиката? Како да се најде заедничкиот именител за плуралните интереси на ова комплексно критичарско писмо? Во обидот да ги сумирам своите импресии, би рекла дека напоредно со нејзината извонредна книжевна наобразба и поткрепеност во делата на македонските и светските критичари и теоретичари на книжевноста, Лидија сепак ја враќа и вербата во едно добронамерно, искрено и спонтано читање на литературата и нејзините феномени. Таа умее да се занимава и со херменевтика и со имагологија и со интеркултурните односи. Но таа не потпадна под влијанието целосно да се приклони кон трендовски актуелните моди и тенденции, неа ја интересира исклучиво книжевноста. На моменти дури се чини и невино и наивно нејзиното решително нурнување во длабочините на книжевниот текст, како да е самата таа Алиса во земјата на литературата, да парафразирам една од нејзините најчесто употребувани метафори.

Во текстот посветен на есеистичката книга под наслов Чудесните светови на Алиса, од младата Мерсиха Исмајлоска, Лидија со многу страст се навраќа на оваа и нејзе омилена фигура од делото на Луис Керол, како симбол за влез во светот на волшебното и непознатото. Притоа, таа опишува една неодамнешна посета на музејот „Перманенте“ во Милано, каде што во рамките на изложбата посветена на Марк Шагал, присуствувала на еден необичен мултимедијален перформанс под наслов „Во земјата на Алиса“. Овој музичко-визуелен спектакл, пишува Лидија, беше реализиран со огледала поставени во просторот низ кој се прекршуваа сликите или бескрајно се умножуваа; дури и подот и таванот беа своевидни екрани на кои се проектираа: Алиса, Белиот зајак, неговиот џебен часовник, Чеширската мачка, особено нејзината исклештена уста, гасеницата со наргиле, војската од карти за играње и шаховските фигури… Ние посетителите буквално се движевме преку и низ овие предмети што лебдеа, па и самите влегувавме во лавиринтите на еден чудесен свет, пропаѓавме во зајачката дупка, преминувавме низ огледалата, се соочувавме со сопствената модификувана слика или сенка, заедно со јунаците на Керол и бескрајно се забавувавме… Во летокот за споменатава изложба на крајот пишувало: „сите ние сме Алиса“!

Не знам за нас, но Лидија сигурно е една нежна, умна и луцидна Алиса во светот на критичките читања и промислувања. Со оваа своја книга таа докажува дека на својот критичарски пат секогаш смело влегува во доменот на новото и непознатото, но исто така и дека умее компетентно и трпеливо да го гради својот мозаик од разнобојни камчиња, кој со годините станува сè побогат и покомплексен, но никогаш недоизграден, постојано отворен за нови љубопитства и емоции, за нови бои и нови облици.

АвторАнастасија Ѓурчинова