Алиса во земјата на критиката

/, Литература, Блесок бр. 125/Алиса во земјата на критиката

Алиса во земјата на критиката

Така низ особено внимателен и инвентивен прочит, таа нуди серија интерпретации на творештвото на некои од бардовите на современата македонска поезија и проза, како Матеја Матевски, Влада Урошевиќ и Радован Павловски, па преку освртите за делото на Јован Павловски, Ристо Лазаров, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Милован Стефановски и Зоран Анчевски да стаса сè до најактуелната продукција од помладата генерација, чии застапници се: Фросина Пармаковска, Игор Станојоски, Петар Андоновски и др.

Барајќи ги т.н. созвучни гласови, предмет на нејзиниот интерес и на широкото духовно љубопитство се, на пример, рецепцијата на Васко Попа во современата македонска литература, поетскиот дијалог помеѓу Лилјана Дирјан и Јосиф Бродски, Мајсторот и Маргарита на Булгаков и современата македонска литература, проникливите аналогии помеѓу митскиот еднорог на Влада Урошевиќ и албатросот на Шарл Бодлер, Шандор Ѓалски и македонскиот фантастичен расказ, одделни словачко-македонски книжевни паралели и сл.

Поезијата, тој ненадминлив, згуснат облик на јазично искажување е секако една од најголемите страсти и најтешки толкувачки предизвици за оваа авторка. Но поетите и писателите како нарочно да ги „мачат“ критичарите, во многу случаи се чини дека тие најчесто и не сакаат да бидат протолкувани! Да наведеме во таа смисла една скокотлива игра со зборови помеѓу поетот и неговата критичарка. На едно место во книгата, Лидија го цитира Влада Урошевиќ, кој вели: „Мојот идеал во поезијата е да создадам песна која не би можела да биде објаснета: цврста, затворена, непрониклива, достатна самата на себеси…“ Парафразирајќи го поетот, Лидија, пак, смело изјавува: Мојот идеал во есеистиката е да напишам толкувачки есеј за поезијата што би можел да ја објасни песната. Ја сакам поезијата, таа кралица на уметностите (според Данило Киш), особено онаа песна што е „цврста, непрониклива, достатна самата на себеси“. Но како да ја толкувам? Мојот обид е однапред осуден на неуспех. Убедена сум дека никогаш нема да успеам да го напишам тој сонуван есеј. Но сепак, парадоксално, како некој современ Сизиф, секогаш одново го прифаќам предизвикот да начнам барем дел од областа на неискажливото

Јасно е дека Лидија најискрено ја сака, ја чувствува и ја брани поезијата, имајќи безгранична доверба во неа, следејќи ја на некој начин пораката од швајцарскиот теоретичар Емил Штајгер, која и самата ја наведува како мото на еден свој есеј: Како да ги објаснам овие стиови? (се прашува Штајгер, алиjас Лидија) Од каде да појдам? Јас нив ги сакам, тие нешто ми зборуваат, и бидејќи имам доверба во нив, се осмелувам да ги толкувам.

Втората долгогодишна, трајна и пасионирана определба на Лидија е нејзиниот интерес за фантастиката како жанр; него таа го искажа уште во првата книга, кога понуди една храбра и инвентивна типологија на видовите фантастични раскази во македонската книжевност, тргнувајќи од прозата на Цепенков, сѐ до раскажувачите на крајот од 20 век. Подоцна таа се наврати на својата страст за состојбите на сонот, алегориското и чудесното, преку особено интересната антологија на современиот македонски фантастичен расказ под наслов Тешка ноќ (2009).

Страсната опседнатост со сонот, со ониричното и несекојдневното Лидија можеби ја наследи, како зараза, од својот почитуван професор, погорецитираниот Влада Урошевиќ, повеќекратно присутен на страниците и од оваа книга. Но таа умееше да го продолжи и да го развие овој иницијален поттик на еден сосема свој, особен и оригинален начин, не дозволувајќи страста да згасне или да се разводни, што секако е првиот и неопходен услов за секој успешен креативен потфат.

Еве како пасионирано говори за фантастиката и тука, во текстот „Интерпретативната парадигма на фантастичната книжевност“: Слободната творечка игра на духот и имагинацијата, пишува Лидија, лишена од интенционалност, е стожер на чистата фантастика. Но книжевната фантастика не е и не може да биде само обична игра. Фантастичната книжевност е многу повеќе, одговор на превласта на некои востановени стереотипи во книжевната практика или бунт против владеењето на истоста. Таа го практикува лудизмот но во име на другоста/различието, креира алтернативни светови, ја ослободува и ја поттикнува свеста за другоста, отвора дијалог помеѓу оваа (видлива, позната, опиплива, материјална) и онаа (невидлива, непозната, скриена, духовна) стварност, ја нагласува човековата немоќ во совладување на Непознатото, ги проблематизира прашањата на идентитетот, го актуализира несвесното како интерсубјективен дискурс, ја разигрува фантазијата… Со еден збор, го враќа еросот во литературата, така што му нуди неповторлива, заводлива авантура на духот.

Некогаш Лидија како да има тешкотии со одржување на студената дистанца во својот критички дискурс. Но и тоа сведочи за една исклучителна искреност во нејзиниот пристап и му дава особен, неповторлив печат. Еве што пишува и самата за спојот на рационалното и емотивното во процесот на критичките интерпретации, чувствувајќи се сентиментално „допрена“ од еден туѓ авторски текст (Трите новели на Тања Урошевиќ): Сите овие нешта ме вовлекоа во волшебниот книжевен свет на јунаците, кој беше толку реален, сроден на мојот, и кој еднакво го доживував како мој, личен свет. При повторната средба/ читање на новелите, требаше да се стават објективни очила, да се вложи напор емоцијата да се потисне на маргини и да се каже нешто непристрасно, не лично, не субјективно. Но и двете читања се неразделно поврзани, тоа се два аспекта на восприемање, кои не може да се набљудуваат независно еден од друг. Зарем не е неодоливо шармантен овој очајнички напор да се зачува строгиот интерпретативно-толкувачки тон на нашата критичарка, во мигови кога копнее само да се препушти на восхитот на обичното, непосредно и спонтано читателско доживување?

АвторАнастасија Ѓурчинова